Извештајот на Европската комисија за 2026 година го препознава нашиот активен ангажман и спроведувањето на реформите во рамките на Планот за раст на Западен Балкан и Реформската агенда, континуираната целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и напредокот во одделни реформски области, истакна министерот за европски прашања Беким Сали на денешната дебата на заедничката седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, на која се расправаше за извештајот за земјата.
– Истовремено, јасно ги посочува слабостите што бараат дополнителна работа, особено во владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата, јавната администрација и спроведувањето на законите. Кон овие наоди треба да пристапиме сериозно и без селективно читање – рече Сали, додавајќи дека расправата за извештајот не смее да се сведе на изолирани статистики, спротивставени оценки или политичко толкување на една бројка.
Според него, важна е суштината на извештајот – што е подобрено, каде напредокот е ограничен и што препорачува Комисијата, бидејќи граѓаните очекуваат одговори и спроведување, а не натпревар со процени.
– Во јавната администрација Комисијата констатира одреден напредок, вклучително и проширување на електронските услуги, но бара ефективно спроведување на ревидираната законска рамка и посилно финансиско управување. Во правосудството се преземени законодавни чекори, но законите мора да бидат проследени со независност, интегритет и уверливи резултати во практиката. Истото важи и за јавните набавки, демократските институции и борбата против корупцијата – истакна тој.
Донесувањето закон е само почеток, наведе Сали, а спроведувањето е вистинското мерило за успех.
– Извештајот јасно наведува и дека нема напредок во однос на уставните измени наведени во заклучоците на Советот од 2022 година. Ова останува политички и институционален предизвик што не може да се игнорира. Отворените прашања треба да ги решаваме преку сериозен дијалог, со почитување на европските обврски, демократските процедури и легитимните грижи на граѓаните. И покрај сите предизвици со кои се соочуваме, државата сè уште има задоволително ниво на подготвеност. Ова треба да биде доволен поттик да изградиме општ политички консензус – оцени тој.
Според него, политичките разлики не треба да нè спречат заеднички да работиме на реформите што се неопходни, независно од темпото на пристапните преговори.
– Реформската агенда и Планот за раст нудат практичен начин реформите да се поврзат со опипливи придобивки. Постепената интеграција во единствениот европски пазар, подобрата поврзаност, поефикасните јавни услуги и можностите за компаниите треба да ја направат европската перспектива видлива во секојдневието – истакна тој.
Сали истакна дека Министерството за европски прашања (МЕП) ќе продолжи да го координира спроведувањето на реформите, навремено да ги идентификува доцнењата кај надлежните институции и да инсистира на видливи резултати.
– Резултатите што ги постигнуваме со Реформската агенда се препознаени. Токму ова треба да биде поттик за нас со уште позасилено темпо да работиме во наредниот период, со оглед на тоа што овие реформи се дел од обврските што треба да ги исполниме во согласност со критериумите за членство. Токму затоа, за мене е важно денешната расправа да не заврши само со констатации. Секоја препорака на Комисијата треба да се поврзе со надлежна институција, реален рок и јасен начин за мерење на спроведувањето. Министерството за европски прашања ќе се залага за потесна меѓуинституционална координација и навремено препознавање на доцнењата – нагласи министерот.
За него е позитивно и тоа што Комисијата констатирала дека Собранието доследно ја почитувало постапката за донесување закони со европско знаменце, практика што не била доследно почитувана во претходните години.
– Верувам дека овој пристап ќе продолжи и во иднина, особено затоа што динамиката на усогласувањето со правото на Европската Унија е засилена со Реформската агенда. Нашиот европски пат треба да се оценува според веродостојноста на нашите постапки. Ќе го признаеме напредокот без преувеличување, ќе ги прифатиме недостатоците без избегнување одговорност и ќе ги преточиме препораките во надлежности, рокови и резултати. Тоа им го должиме на Собранието, на европските партнери и, пред сè, на граѓаните – заклучи Сали.
Евроамбасадорот Михалис Рокас рече дека веќе една година се соочуваме со геополитичка состојба во која светот е поларизиран, со конфликт меѓу Русија и Украина и неизвесност на Блискиот Исток.
– ЕУ и нејзините сојузници се на ниво на овие предизвици. Наша задача е да го заштитиме државниот поредок и задоволство ни е што ја имаме Северна Македонија на наша страна, со стопроцентна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика – рече Рокас.
Тој оцени дека Македонија е меѓу државите со највисоко ниво на подготвеност. Усогласувањето на националното законодавство со законодавството на ЕУ е подобрено, особено во дигитализацијата и образованието. Реформите што произлегуваат од Планот за раст добиваат на динамика.
Следната фаза на пристапните преговори, според него, зависи од неколку чекори – уставните измени, договорот за реформата на јавната администрација и насоките во судството.
Според Рокас, штом преговорите целосно ќе се отворат, земјата ќе може да продолжи со својата работа и побрзо да го движи процесот. Времето за реформи е сега, рече Рокас, посочувајќи дека ова се однесува на борбата против корупцијата и реформата на судството.
Тој истакна и дека во неколку сфери има потреба од заедничка работа, а усвоените закони треба да се спроведуваат не само на хартија, туку и во практика.
За евроамбасадорот, неприфатливи се неодамнешните случаи на насилство врз жените. Тој посочи дека заштитата не треба да биде обезбедена само преку законите, туку и преку нивното спроведување во практика.
Рокас потсети дека во дигитализацијата и образованието е констатиран најголем напредок и ги повика пратениците од сите политички партии да ги земат предвид овие препораки, како и важната улога на Собранието во евроинтегративниот процес.
Милошоски, осврнувајќи се на обраќањето на претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, рече дека фројдовско е прашањето дали е предавство нешто за кое не сте сигурни дали навистина е тоа.
Филипче претходно рече дека со обвинувањата на Христијан Мицкоски и на владејачката гарнитура дека СДСМ водел предавнички политики, индиректно се обвинува и Европската Унија дека уценува земја кандидат за членство.
– И самото прашање дава одговор на оние политички, би рекол, чинители кои стигнаа до таа слепа уличка, наспроти изјаснувањето на народот и огромното расположение дека тоа не е принципиелно, дека е против волјата на граѓаните и дека не може да се спроведе. Еве, ако зборуваме и во однос на самото Собрание или преземената обврска во моментот кога таа била преземена и состојбата во Собранието тогаш. Накратко би сакал да дадам само еден мал демант за приказните за рускиот свет или српскиот свет и оние црвени килимчиња што ги постилаа на Табановце кога добиваа мали пакетчиња со вакцини. Усогласеноста на Македонија со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија од 100 проценти е најголем доказ за тоа како државата е определена, каде ја гледа својата иднина и кои се нашите партнери и сојузници. Сè друго е дневна политика на кратко паметење или манипулација со јавноста, која можеби не се занимава со овие работи – оцени Милошоски.
Милошоски се осврна на делот од извештајот што се однесува, како што спомена Рокас, на поголемата слика во новите геополитички услови.
– Поголемата слика е дека новиот момент за проширувањето на ЕУ дојде еден ден по агресијата на Руската Федерација врз Украина. Дотогаш, од 2013 година до тој ден, ЕУ имаше, условно кажано, стагнација во однос на темата проширување. И тоа беше одлука на земјите членки. Ние може тоа да го сметаме за правилно, погрешно или да бидеме рамнодушни, но во секој случај тоа беше факт. По војната против Украина, ова се смени и темата проширување повторно стана дел од дневниот ред на земјите членки на ЕУ и сметаме дека тоа е добро. Иако не мораше да се чека следната војна за да има сериозни дебати во врска со темата за проширувањето – рече Милошоски.
Во однос на Македонија и регионот, тој се осврна на она што сега ќе биде најновиот тест за кредибилитетот на ЕУ и процесот на проширување, а тоа се кандидатурата и преговорите на Црна Гора.
– Доколку Црна Гора успее да ги затвори сите поглавја до крајот на 2026 година, што е желба на црногорските власти и на ЕК, и ние искрено се надеваме дека ќе успеат да го направат тоа, тоа ќе биде многу добар сигнал и за Црна Гора како кандидат, но и за сите други земји во регионот. Дали ќе успее, ќе знаеме во декември – рече Милошоски.
Втората работа за која смета дека ќе биде многу важна, додаде тој, е текстот што ќе го подготвуваат земјите членки, Европската комисија и Црна Гора во однос на пристапувањето кон ЕУ.
– Дали тука ќе имаме клаузули што ќе ја дефинираат Црна Гора како следна полноправна членка или ќе биде членка од втора класа, која ќе има одредени права, одредени обврски и одредени ограничувања? Тука ќе ја видиме и одлуката во однос на службените јазици. Не е доволно да имате преведено законодавство на вашиот официјален јазик, во случајот македонскиот, за тој да биде официјален јазик на ЕУ. За да не ги залажуваме граѓаните, официјален јазик на ЕУ станува само оној за кој едногласно ќе гласаат сите земји членки на Унијата по зачленувањето – посочи тој.
Според него, важна е предвидливоста врз основа на постигнатите стандарди, а Црна Гора исто така ќе биде тест за предвидливоста според постигнатите стандарди, наспроти политичките или билатералните недоразбирања или спорови со некоја од земјите членки.
– Бидејќи еднаш кога ќе дозволите билатерализација на процесот на евроинтеграции, таа нема да биде последна. Само прашање е на кој кандидат ќе му се повтори. Сега имаме случај со Црна Гора, за која искрено се надеваме дека што е можно побргу ќе стане полноправна земја членка на ЕУ, но исто така имаме и одредени отворени прашања со земја членка на ЕУ, која ги поставува тие прашања веќе и јавно во Брисел. Тука ќе видиме што е побитно, дали се побитни стандардите или билатералните политички критериуми и што ќе натежне на тој тас на евроинтеграциите во Брисел – рече тој.
Според него, не е спорно дека ЕК е сојузник на проширувањето, но не може да се каже дека проширувањето било или дека во моментов е еднаков приоритет на сите членки на Европската Унија.
– Тоа барем ние како држава сме го посведочиле. И на крајот, да се навратам на она што го кажа колегата пратеник Венко Филипче. Во неговото обраќање тој бара арбитража, на некој начин, за тоа дали актуелната Влада го ставала во незгодна ситуација евроамбасадорот или не. Дали евроамбасадорот треба да биде тој што ќе определи што е херојство или што е предавство? И самиот случај на политички консензус за евроинтеграциите го сведува, го спушта на пониско ниво на меѓуполитичко, меѓупартиско арбитрирање внатре во овој законодавен дом или во нашето политичко живеење, што сметам дека е погрешно. Затоа што во случајот на Црна Гора ние имаме официјален претставник на Германија, а тоа е министерот за Европа, Гунтер Крихбаум, кој е поборник за што побрзо зачленување на Црна Гора во ЕУ, знае дека има одредени билатерални теми што го оспоруваат ова зачленување и министерот за европски прашања на Германија даде официјална изјава во која вели: „Предлагам неразјаснетите теми и спорови помеѓу Црна Гора и Германија да бидат предмет на меѓународна арбитража“. Значи, ако се сака, се може – рече тој.
Според Милошоски, ако има политичка волја, и меѓународната арбитража може да биде елемент што ќе помогне билатералните недоразбирања да не бидат пречка за големата слика за обединета Европа.
– И тоа го видовме во случајот на Словенија и Хрватска. И затоа сметам дека меѓупартиските арбитражи и инволвирањето европски официјални претставници во домашните недоразбирања воопшто не се добар предлог. Ако за нешто треба да се обединиме, тоа е државата да биде оценувана според стандардите и постигнувањата. Не тврдам дека сме идеални, имаме уште многу слабости кои треба да ги подобриме, но имаме и силни страни што треба да си ги почитуваме и да ги унапредиме. Но, ако за нешто е потребна арбитража, тоа е да не се дозволува билатералните политички наметнати спорови да стануваат дел од Копенхашките критериуми. Ниту за Македонија, ниту за Црна Гора, ниту за Албанија, ниту за Србија, ниту за Босна, ниту за Косово, ниту за Украина, Молдавија или која било држава што има аспирации да се приближи кон ЕУ и за што во Унијата има расположение на овие кандидати да им се помогне на патот кон интегрирањето – рече Милошоски.
Според него, има еден актер во државата кој многу често е прозван, дел е од извештаите на Европската комисија, не е толку видлив и никогаш не дава отчет, а тоа е, како што вели, Врховниот суд на Македонија.
– Има буџет, има кадри, има искусни судии, има контроверзни одлуки, како што беа тие за Ласкарци и за модуларната болница во Тетово, но нема отчет. Никогаш не направиле ниту еден брифинг за новинарите, никогаш не дале ниту едно интервју, а камоли да организираат некоја поголема јавна расправа и да дозволат да им бидат поставувани прашања. А ние тука ги гледаме и во извештајот, кај дел од оценките, забележуваме дел и од нивниот начин на одлучување и од нивното поведение. Ние не можеме да ги образложиме нивните одлуки, ниту имаме право, ниту имаме доволно сознанија. Но, кога се зборува за правосудството и за владеењето на правото, а немате отчетност од највисокиот Врховен суд во државата, тоа е голем недостиг за еден битен актер во владеењето на правото во Република Македонија – заклучи Милошоски, пренесува МИА.

































