Домаќинствата ги очекуваат повисоки сметки, откако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) објави предлог-тарифи според кои цената на топлинската енергија за најголемиот дел од корисниците ќе се зголеми за околу 7,5 проценти.
Предложеното поскапување се однесува на домаќинствата кои се снабдуваат преку „ЕСМ Снабдување“ и „Скопје Север“, чија дистрибутивна мрежа ја управува приватната компанија „Енерџи Еколинк“. За корисниците на „ЕСМ Енергетика“, односно железарското парно, предвидено е зголемување на цената за 7,2 проценти.
Повисоки сметки ги очекуваат и компаниите, како и останатите правни лица приклучени на системот за централно греење. Кај оваа категорија потрошувачи предложеното поскапување е значително поголемо и изнесува околу 13 проценти.
Како главна причина за новата корекција на цените, РКЕ го посочува зголемувањето на цената на природниот гас. Сепак, во објавената документација не се наведени конкретните набавни цени на гасот, ниту цената по која ќе се откупува топлинската енергија од ТЕ-ТО.
Доколку предлог-тарифите бидат усвоени, новите цени ќе почнат да се применуваат од 1 јануари 2027 година.
Ова би било трето поскапување на парното во период од една година. Претходните две корекции веќе ја зголемија цената на топлинската енергија за вкупно околу 11 проценти, што значи дека скопјани и во наредниот период ќе се соочат со дополнителен удар врз домашниот буџет.
































