Креативна работилница во ОМБУ „Лазо Мицев-Рале“во Кавадарци

Деновиве во просториите на ОМБУ „Лазо Мицев-Рале“ во Кавадарци се случи многу необична и несекојдневна работилница. Учениците наместо да свират на своите инструменти, цртаа и боеја инспирирани од музиката на Менделсон, Чајковски, Ј. Штраус и Прокофјев. Работилницата беше насловена „Како ја замислувам музиката“, а ја организира професорката Силвана Чулева Атанасова, со помош на професорите Трајче Гогов и Ивица Митревски.

– Идејата за оваа музичко-ликовна работилница ја носам во себе подолг период. Разговарајќи за уметностите и нивната поврзаност, на децата им го предочив фактот дека музиката е единствената уметност што не се гледа и се пренесува со тонови, а не со зборови. Затоа е потребно да ѝ посветиме многу големо внимание и да го слушаме секој нејзин звук докрај. Бидејќи музиката може да послужи како инспирација за создавање ликовно или литературно дело, ја искористивме нејзината волшебна моќ и на работилницата пуштавме класична музика од различни композитори. Децата, ослободени од секојдневните рамки на учење во нашето музичко училиште, додека траеше работилницата на своите цртежи го насликаа тоа што го чувствуваа во себе додека ја слушаа музиката. Целта на оваа работилница беше децата да ја почувствуваат музиката, да ја погледнат од еден друг агол и да се обидат да развијат способност за искажување на своите емоции, да го разбудат убавото во себе и сето она што го доживуваат во своите мисли да го преточат преку цртеж и бои – вели професорката по флејта Силвана Чулева Атанасова.
На работилницата „Како ја замислувам музиката“ забележавме голем интерес од страна на учениците, на кои им се придружија и неколку професори, кои се обидоа да ја насликаат музиката што ја слушаа. Интересно е да се напомене дека најуспешните цртежи ќе бидат искористени за илустрирање на поканите за концертите што во наредниот период ќе бидат организирани во училиштето, што значи цртежите изработени од учениците ќе имаат и друга улога, да ги разубават летоците наменети за публиката.

Наменски за оваа работилница, барајќи начин како да им ја доближи музиката на учениците, професорката Силвана Чулева Атанасова напиша стихови во кои музиката им се обраќа на децата. Песната им ја прочита во текот на работилницата за да им помогне на учениците во нивното творење.

Ми.М.


Драго дете!

Јас се викам МУЗИКА
Некогаш бев убава девојка со златна коса и сини очи. Одеднаш станав
Невидлива.
Не знам што се случи!
Но, ти можеш да ме почувствуваш и да ме замислиш како што сакаш.
Зарем има нешто поубаво
од тоа?
Ајде, обиди се да ме слушаш.
Јас сум насекаде околу тебе. Го барам само твоето
внимание.
А ти, кога ќе ги слушнеш
моите тонови, почни да ја градиш твојата
Фантазија.
Пренеси се во моите звуци,
а јас ќе го исполнат твоето
срценце со
Љубов, добрина и убавина.
Ќе те направам да бидеш среќно и посигурно.
Ќе те натерам да размислуваш повеќе од вчера.
Ќе ги сакаш луѓето повеќе од досега.
ЗАПОМНИ, ДРАГО ДЕТЕ!
ЈАС ИМАМ ВОЛШЕБНА
МОЌ.
ЗАТОА, АЈДЕ ДА СЕ
ДРУЖИМЕ.
ЈАС СЕ ВИКАМ МУЗИКА…..

Автор: Силвана Чулева
Атанасова