На 21 февруари секоја година се одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. По тој повод многу училишта и други културни и образовни институции во Македонија организираат различни настани, предавања, семинари и конференции за да ја истакнат важноста од знаењето на мајчиниот јазик.
Училиштето ООУ „Климент Охридски“ од Прилеп низ годините овој ден го одбележува на различни иновативни начини, кои се спој на повеќе убави нешта истовремено. Годинава под водство на наставничката по македонски јазик Јулијана Талеска беше организирано онлајн литературно читање, кое на едно место „ги собра“ децата од повеќе градови од Македонија, но имаше и претставник од соседна Србија.
Наставничката Талеска истакна дека мајчиниот јазик е првиот јазик што го научуваме, јазикот на кој наједноставно се изразуваме, јазикот со кој најлесно ги искажуваме емоциите.

– Меѓународниот ден на мајчиниот јазик почнува да се празнува во 1999 година. Мотивацијата за тоа прославување е немилиот настан во Бангладеж, во кој многу луѓе ги изгубиле своите животи борејќи се за својот мајчин јазик. Славењето на Денот на мајчиниот јазик би требало да нè потсети на грижата за својот јазик, но и да ни укаже на присуството на други јазици и на нашата должност да ги почитуваме и да ги промовираме лингвистичката разновидност и повеќејазичност низ светот – вели Талеска.

Со песни од истакнати поети од разни националности се претставија учениците Павла Радосављевиќ од Заечар, Србија, Онур Хусеини од Гостивар, Магдалена Радева, Салија Шабан, Сумеја Џеладин и Насир Зимбери од Скопје, Дукаѓин Јашари од Куманово, Ивана Колчакоска од Крушево, Марија Јовеска и Михаела Пурдеска од Прилеп.
На настанот одекнаа македонскиот, српскиот, албанскиот, влашкиот, турскиот, ромскиот, па дури и кинескиот јазик.
Овој настан беше збогатен и со учеството на поетот Филип Димкоски, кој беше водител на настанот. Филип започна со прекрасната песна „Македонскиот јазик“ од Гане Тодоровски.


Мојот мајчин јазик

Мајчиниот глас го слушам
сѐ уште допира до моите уши.
Аманет ми остави, каде и да одам,
својот јазик со себе да го водам.

Споменот од мојата земја света
да остане издлабен во секоја пора
и да не го заборавиме минатото мора.
Сета тага народот што в срце ја крие,
да не дозволиме,
светлината на денешницата
јазикот да ни го измие.

Да ги учиме децата
на традицијата,
да ја негуваме историјата,
да ги чуваме преданијата,
да пишуваме
за сознанијата
на нашиот убав македонски
јазик

Мојот мајчин јазик
Македонија се вика,
таа е најсветла ѕвезда,
што во живот ме води.
Патот на животот ни го осветлува
и кога животот најдобро
не ни оди.

Јазикот наш, тоа е земјата наша
срцето на секој Македонец
што бие,
градите на секој што дише,
нема да дозволиме никому
името да ни го избрише.

Заветот што ти го дадов,
мајко,
јазикот наш ќе го негувам
и чувам.
Заветот – до век и векови
да е
јазикот наш македонски
во срце и душа,
вечно името Македонија
да се слуша.

Автор: ЈАДРАНКА КЛИСАРОВА