Настани, симболи, алузии
Заглавија Владата и СДСМ по уставните прашања, уплашени што ќе се случува натаму. Еден мој гимназиски професор често велеше дека една беља не е беља. Многу бељи се една беља. Така е сега со Владата и партијата соочени со куп проблеми. А другарчињата таму, арогантни како и секогаш, ја вртат истата плоча, глуви да ги слушнат другите општествени текови и слепи да ги видат народните тешкотии.
Бугарите ја заземаат политичката територија на Македонија. Ги има секој ден од утро до вечер, во сите политички органи, живеат во сите партии, виреат во устите на лидерите. Ги има на телевизија, во весници, во дебати и полемики. Ги има во конференциски сали, распослани се по кафеански разговори, пред селски задруги, најверојатно на плажа, можеби и во нечии спални соби. А СДСМ хармонично со ДУИ пее неубедливи стихови, исфрла долги, а празни реченици за ЕУ, зборови што не значат ништо, освен тавтологија.
Но не е само неуспехот со впишување на Бугарите во Уставот. Трагите на владините и партиските неуспеси се насекаде видливи. Пензионерите креваат востание. Со стари очи, со перде или без него, убаво гледаат што прави власта за себе, а на пензионерска штета. Се фаќаат за сламка иако се поблиску до земјата одошто до водата. Не излегуваат на протести од што ги бркаат од дома туку за да однесат нешто дома. Да го купат она што не можат да го купат, а се вика храна.
На стари години сфаќаат дека државата не е за нив мајка туку маќеа. Сосема нормално прашуваат како за сите да имало, за пензионерите да немало. Ќе го урнеле буџетот. Може триста милиони евра во еден „цуг“ за американската „Бехтел и Енка“, не може 3.500 дена по глава на македонски пензионер. Младата гарда не го знае партиското искуство со еден од нивните основачи. Бранко Црвенковски во 1998 година ги намали пензиите за 8 отсто. Го зачува буџетот, ја загуби власта. СДСМ беше убедливо поразена на собраниските избори истата година. Тогашна Република Македонија, со ВМРО–ДПМНЕ и со Демократска алтернатива како победници, тргна по патот на неизвесноста што трае до денес. Не беше без основа ставот дека пензионерите го решија победникот.
Борбата со цените е општа и на цел терен. Фалбите на власта за растот на пензиите и платите не го плаќаат месото. Доаѓа време него да може да го купат само оние што ги зголемуваат платите за 78 отсто во еден скок. Граѓаните од сите професии и конфесии чекаат високите функционери да си ги вратат платите на старо. Така изјавуваа, така ветуваа. Изгледа дека не е до нив, до политичкиот морал е. До моралот што умира во оваа убава земја, а лоша држава. Дали и нив ќе ги посетат извршителите, инспекторите, ревизорите?
Нема јавен сектор што е задоволен од платите. Ретко кој приватен сектор е задоволен од состојбите. Нема кој не излегол на улица да протестира. Од УЈП до полиција. Плаче народ што ни крив ни должен треба да плаќа за вадење нови лични документи, иако има важечки стари. Трошоци што по сите логики требаше да ги плати државата се ставаат на товар на личниот и семеен буџет, како за инает. Наместо да ги плати Заев сосе целиот владин кабинет од свој џеб, сега секој треба да го плати непресметливиот грчки цех на поранешниот премиер. Една непромислена одлука ја турка Владата, особено партијата, кон амбисот пред утрешните избори. Ретко кој ќе го прости овој државен удар врз џебот на граѓанинот.
Историски е докажано дека СДСМ не е партија што лесно се освестува. Ниту си ги лечи традиционалните рани и болести. Грешките си ги повторува, како дневен оброк. Уште не извлекле поука дека ги загубија собраниските избори во 2020 година. Нив ги спасува само „капацитетот за коалициско владеење“ и странската поддршка за вазалството. Во тој склоп ја воздигнуваат својата владејачка арогантност. Заборавија дека загубија катастрофално на локалните избори. Само Мицковски од ВМРО знае зошто неговата партија не ја искористила таа предност.
Некој треба да ја праша партијата зошто на плочата што ја врти доста популарни се ариите за Груевски. Кој и зошто упорно ги одржува во живот ликот и делото на Груевски, азилантот од Будимпешта, како што го ословуваат другарчињата од Бихаќка.
Груевски не е мој миленик, но очигледно е незаборавна, драматична и трогателна љубов на СДСМ. Фасцинирани од него го спомнуваат секој ден, јавно и гласно, во секое второ, ако не и во прво соопштение. Груевски бил царот, Мицковски слугата. Тие се виновни за сите неуспеси на власта иако едниот е бегалец, другиот во опозиција. СДСМ заборава дека е на власт цели седум години. Заборава што заразни недугавости врз Македонија исплука Заев и какви сѐ последици од неговото владеење носат државата и македонскиот народ во неа.
Има стотици заблудени граѓани што секоја вечер се собираат кај Триумфалната капија и се радуваат на бројчаникот што Заев го постави за секој ден да се бележат вратените украдени пари од ВМРО. Тоа е еден голем партиски успех, големо остварување. Излезе дека тоа не била шеќерна приказна туку солена шега.
Како што одат работите, наместо да го врати како затвореник, СДСМ ќе дочека Груевски сам да се врати како славеник. Мицко со Грујо, СДСМ рамо до рамо со ВМРО на Љупчо Георгиевски. Кој кого овде замајува?
СДСМ – сменете ја плочата. Здодевни сте. Дајте нешто убаво, направете нешто конкретно. Немојте некој друг да ви ја пее – Црно му било пишано. Убаво извика претседателот на државата на телевизија „мавнете ги еднаш Бугарите!“ И е во право. Треба да сме согласни со претседателот – да ги мавнеме, па да куртулиме.