РАКОМЕТ – ПРЕД БАРАЖОТ СО СЛОВАЧКА ЗА ПЛАСМАН НА СП 2027
- Ја почитуваме Словачка. Тие функционираат заедно повеќе години и имаа селектор што доаѓа од Шпанија, земја што ги дава најдобрите ракометни тренери, вели македонскиот селектор Лазаров
Машката ракометна репрезентација на Македонија, под водство на селекторот Кирил Лазаров, по првиот собир во неделата, продолжува со подготовките за двомечот со Словачка во рамките на квалификациите за Светското првенство (СП) в година во Германија. Првиот бараж-дуел е в четврток, во Прешов, а реваншот е во Скопје, на 17 мај. Црвено-жолтите досега играа на девет светски првенства, од тоа седум во низа, како и на девет европски шампионати, осум по ред.
– Играме бараж за Светско првенство. Како стручен штаб имаме искуство од вакви натпревари, а истото важи и за дел од играчите. Ова се одлучувачки натпревари и секогаш е тешко без разлика на противникот. Се игра под голем притисок поради големиот влог, а тоа е пласман на ракометен Mундијал. Ја почитуваме Словачка. Тие функционираат заедно повеќе години и имаа селектор што доаѓа од Шпанија, земја што ги дава најдобрите ракометни тренери. Имаат изграден систем, немаат некои поединци за истакнување, но функционираат одлично како тим – изјави селекторот Лазаров на својата официјална веб-страница.
Сепак, тој е претпазлив пред овој двомечот, потсетувајќи на претходниот бараж-дуел за пласман на СП.
– Треба да ја научиме лекцијата од минатиот бараж за СП со Фарски Острови, посебно изданието на гостински терен. Секој гол е важен, треба да бидеме максимално одговорни и дисциплинирани. Мора да имаме добар ритам и концентрација во текот на сите 60 минути. Ќе се игра во Прешов, град што е познат по неверојатна навивачка атмосфера. Како што ние гледаме свои шанси, истото важи и за нив. Сигурно тие мислат дека го добија најпосакуваниот противник од првиот барабан. Ние одбравме млад тим, имаме 20 играчи, но верувам во него. Можеби ни недостига малку искуство, но тоа ќе го дополниме со борба и ентузијазам. Националниот дрес е светост, прва задача ни е мечот во Прешов каде што очекувам цврст и физички натпревар, а потоа полна сала во Скопје – додава Лазаров.
СП во Германија ќе биде јубилејно, 30-то по ред. Новиот светски првак ќе обезбеди и учество на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лос Анџелес (САД) во 2028 година. Вкупно од Европа на Мундијалот в година преку баражот ќе се пласираат 10 селекции, а директен пласман обезбедија Германија, Данска, Хрватска, Исланд, Португалија и Шведска. Титулата ќе ја брани Данска, која на СП 2025 во Хрватска, Данска и во Норвешка, во финалето ја совлада Хрватска (32-26), а трета беше Франција, која, пак, минимално славеше против Португалија (35-34). Г.И.
































