- Мексиканците мислеа дека прашањето за границата со САД е решено пред да се појави неочекувано територијално барање
И покрај сите несогласувања и недоразбирања меѓу Соединетите Американски Држави и Мексико, до неодамна се чинеше дека двете земји се согласуваат барем околу тоа каде точно поминува нивната граница. Впрочем, тоа беше прашање уредено со меѓународното право пред повеќе од 170 години, по завршувањето на Американско-мексиканската војна и со американското купување на територијата на Ново Мексико. Но кон крајот на минатиот месец, дојде соопштение од комесарката за управување со државното земјиште на американската сојузна држава Тексас, Доун Бакингем.
– Имам одговорност да го заштитам секој акр државно земјиште – истакна Бакингем.
Таа потоа опиша девет мали, обраснати острови во реката Рио Гранде, меѓу САД и Мексико, чија сопственост, како што напиша, била „неутврдена“. Нејзината канцеларија, откако била контактирана од американската Служба за царина и гранична заштита, утврдила дека островите му припаѓаат на Тексас. Бакингем изјави дека овие „стратешки позиционирани територии“, со вкупна површина од околу 66 акри – наскоро ќе бидат „ставени под контрола, надзор и заштита“ на државните и федералните власти.
Се чинеше дека границата повторно ќе се помести. Мексиканските функционери, кои сè уште се обидуваа да се справат со повремените закани на администрацијата на Доналд Трамп за воздушни напади, одеднаш мораа да се соочат со прашање за кое мислеа дека е решено уште пред Абрахам Линколн да стапи на претседателската функција: каде точно минуваат границите на нивната сопствена држава. Збунетите дипломати се консултираа со мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум, која на прес-конференција сугерираше дека северниот сосед на Мексико води политичка игра.
– Тие се наоѓаат среде изборен процес и тврдат дека овие острови сега се дел од Тексас. Но тие не се – рече таа.
Островите во Рио Гранде со години претставуваат проблем за припадниците на американската Гранична патрола, кои веруваат дека шверцерите на луѓе и трговците со дрога ги користат како попатни точки. Во минатото, вооружени затвореници избегани од мексиканските затвори се криеле на еден од островите. Мексикански војници извршиле рација во таканаречен наркокамп на друг остров, а припадници на Граничната патрола спасиле 11-годишно девојче од Салвадор од еден од островите.
Овие мали копнени површини се обраснати со високи стебла на трска, која на криминалците што ја надгледуваат границата им обезбедува скриена позиција од која можат да ги набљудуваат околните случувања. Некои од нив ги користеле островите и за складирање кокаин.
Руди Кариш, поранешен началник на секторот на Граничната патрола во долината на Рио Гранде, се сеќава на првиот пат кога ги видел островите и на неговата збунетост околу тоа како да се справат со овој неочекуван проблем.
– Првата работа што ми падна на ум беше: зошто едноставно не можеме да ги ископаме и да ги отстраниме – рече тој.
Но тоа не е толку едноставно. Островите се формирале со текот на годините, додека Рио Гранде, како и сите реки, носела седименти и постепено го менувала своето корито. Со Договорот од Гвадалупе Идалго од 1848 година, двете земји се согласиле границата да остане „во средината на реката, следејќи го нејзиниот најдлабок канал“.
Но како што се менувала реката, така се менувала и границата, повремено додавајќи стотици акри на територијата на едната земја, додека истовремено ја одземала територијата на другата преку ерозија. Понекогаш, цели делови од земјиштето исчезнувале под надојдените води.
За решавање на ваквите промени на границата понекогаш биле потребни години, но тие речиси секогаш се решавале спогодбено. Соопштението на Бакингем беше поинакво. Се чинеше дека претставува еднострано присвојување територија. Првичните геодети задолжени за утврдување на границата не предвиделе дека таа ќе се менува. Всушност, не покажувале особена заинтересираност ниту за самото гранично подрачје.
– Голем дел од оваа земја е неплодна пустелија, целосно безвредна за каква било друга намена, освен да служи како пречка или природна линија на разграничување меѓу две соседни држави – напишал д-р Томас Веб, еден од првичните геодети задолжени за демаркацијата на границата.
Но како што границата станувала сè поважна, а мерењата на геодетите сè попрецизни, двете земји почнале да посветуваат поголемо внимание на тоа каде навистина минува граничната линија. Во 1880-тите години, САД и Мексико влегле во спор околу сопственоста на островот Бивер, со површина од 20 акри, кој се наоѓа југоисточно од Тексас. Во 1889 година била формирана Меѓународната гранична комисија, со цел да ги решава идните спорови. Подоцна таа била преименувана во Меѓународна комисија за граници и води, со задача да го следи протокот на реките што ги делат двете држави.
Во текот на 20 век, територијата преминувала од една во друга држава, обично без поголеми реакции од официјалните претставници во Вашингтон или во Мексико Сити. Американците претходно еднострано присвоиле прекугранична територија во 19 век. Денес, преку границата во секоја минута поминува стока во вредност од над милион долари. Мексиканските и американските креатори на политики и интелектуалци долго време укажувале дека оваа меѓусебно испреплетена трговска поврзаност ќе доведе до помирни политички односи.
Кога Бакингем, лекарка од Остин, ја презеде функцијата шефица на Тексашката канцеларија за управување со државното земјиште во 2023 година, границата веќе беше една од најнадгледуваните, најпатролирани и најдобро обезбедени рурални гранични области во светот. Таа истовремено беше и во центарот на политичките кампањи на локално и на национално ниво. Бакингем одлучи дека граничното прашање ќе биде еден од главните приоритети на нејзиниот мандат. Во октомври 2025 година, таа добила барање од американската Служба за царина и гранична заштита да разгледа 28 острови по должината на Рио Гранде, „чија сопственост не била дефинитивно утврдена“.
– Ова барање ни посочи на едно важно прашање. Кога сопственоста не е јасна, може да настане неизвесност околу тоа кои безбедносни органи на која држава имаат надлежност да пристапуваат до тој имот и да дејствуваат на него – изјави Бакингем.
Таа во 2024 година, во име на државата, купила 1.400 акри гранично земјиште за кое сугерирала дека би можело да се искористи за изградба на објект за обработка на случаите на депортирани лица, како дел од кампањата на претседателот за масовни депортации. Бакингем рече дека „нема намера да ја исцртува одново меѓународната граница или да ја замени улогата на Меѓународната комисија за граници и води“, додавајќи „ние утврдуваме дека сојузната држава Тексас има право на сопственост врз земјиштето врз основа на документите со кои располага нашата агенција“.
Но не е јасно како прогласувањето на островите за сопственост на Тексас не би ја променило и меѓународната граница, доколку тие веќе не се сметаат за американска територија.
Претседателот Трамп досега не зборувал за прераспределување на територијата по должината на границата. Федералната влада долго време ги решаваше територијалните и граничните спорови поврзани со водните површини преку Меѓународната комисија за граници и води – билатерална комисија составена од дипломати и инженери, со седишта во Ел Пасо и Сиудад Хуарез. Дури и кога во текот на изминатиот век повремено се зголемуваа тензиите меѓу двете земји, технократите тивко работеа на решавање на споровите и одржување на билатералните односи, без оглед на актуелната политичка ситуација.
Соопштението на Бакингем ги затекнало неподготвени мексиканските членови на Меѓународната комисија за граници и води, како што истакна еден мексикански функционер. Во своето соопштение, Бакингем наведе дека припадниците на безбедносните служби ќе можат да „патролираат, да ги проверуваат и да ги расчистуваат (островите) од какви било нелегални активности“. Не е јасно дали агентите веќе биле испратени таму. Доколку биле испратени на земјиште што формално не е дел од Соединетите Американски Држави, тоа би можело да ги зајакне мерките за обезбедување на границата, но истовремено би можело да претставува и прекршување на долгогодишниот договор меѓу двете земји.
– Начинот на кој ги решаваме овие територијални прашања функционира исто веќе 137 години – рече еден мексикански функционер.
Се чини дека сето тоа сега се менува во еден миг.
































