Фото: ЕПА

Норвешка како пример за економскиот парадокс на европската енергетска зависност

  • Европа ги намали испораките од Русија. Но растот на норвешкиот извоз открива кој заработува од европската енергетска нестабилност и кој ја плаќа цената на енергетската сигурност

Според податоците на норвешкиот статистички завод, вкупниот извоз на земјата достигнал 229,7 милијарди норвешки круни, што е раст од 10,6 проценти во однос на септември. Најголем придонес имал природниот гас, со извозна вредност од 105,3 милијарди круни, односно месечен раст од 32,7 проценти.
Но зад импресивните бројки се крие економска асиметрија. Извозот без енергентите и опремата за енергетскиот сектор бележи годишен пад од 3,5 проценти. Тоа значи дека норвешкиот извозен успех не е резултат на еднакво зајакнување на целото стопанство, туку во значителна мера е потпрен врз енергетскиот сектор. А норвешкиот извоз на природен гас во октомври 2026 година идентификува еден интересен факт поврзан со ЕУ и европската енергетска политика. Имено, дека ЕУ и земјите членки на Унијата се далеку од тоа дека со своите политики обезбедиле енергетска и економска независност како што се декларираат и дека европските политики на зелената транзиција воопшто не го унапредиле енергетскиот статус и не обезбедиле стабилност, туку само ја смениле географијата на својата зависност…

Добивката од европската несигурност

Норвешка во последните години ја зацврсти позицијата на еден од најважните снабдувачи на европскиот пазар. По руско-украинскиот воен судир во 2022 година и намалувањето на руските испораки, норвешкиот гас доби дополнителна стратешка вредност.
– Тоа не е само прашање на производствен капацитет. Важна е и променетата структура на европската побарувачка, како и неизвесноста на глобалните енергетски пазари. Кога понудата е под притисок, државите што располагаат со стабилни извозни капацитети добиваат поголема економска и политичка тежина. Норвешка од таквата ситуација извлекува корист, но нејзината предност не е безусловна. Таа зависи од цените, побарувачката и темпото со кое Европа ќе ја намалува потрошувачката на фосилни горива – анализира нашиот соговорник, универзитетски професор и експерт по енергетика.

Европа ја смени енергетската политика, но не обезбеди енергетска стабилност

По 2022 година, европската енергетска стратегија се насочи кон диверзификација на снабдувањето, со поголем увоз од Норвешка, САД и други производители. Тоа беше неопходен чекор, но диверзификацијата не е исто што и стабилност. Натаму, Европа и понатаму зависи од меѓународните пазари, транспортните коридори, достапноста на течниот природен гас и политичката стабилност во регионите од кои се снабдува.
– Проблемот не е само дали гасот ќе пристигне, туку и по која цена. Сигурноста на испораките не гарантира економска достапност. Високите цени се прелеваат врз индустријата, јавните финансии и домаќинствата, намалувајќи ја конкурентноста на европската економија. Оттука, норвешките извозни резултати се повеќе од успешна национална економска статистика. Тие се огледало на европската ранливост со погрешните енергетски политики. Наводно, Европа, поточно елитите од Брисел си припишуваат „успех“ дека ја намалиле зависноста од еден доминантен снабдувач, а не сакаат да признаат дека Европа сè уште нема изградено систем во кој нејзината енергетска безбедност ќе биде помалку чувствителна на геополитичките потреси. Па, и не мораат да признаат, но очигледни се поразителните резултати од стопанствата, индустријата, односно економијата воопшто. Тоа е показател колку лоши политики од областа на енергијата спроведува Брисел, што претставува сврзани садови, не само за земјите членки на Унијата, туку мене посебно ме загрижува ударот врз нашите помали економии, директно врзани за економиите на ЕУ, па ние, ни криви ни должни, уште повеќе страдаме од катастрофалните политики на Европската комисија и на либералните политики на Брисел, генерално – анализира нашиот соговорник. Е.Р.


Наредната година ќе биде тест за енергетскиот суверенитет

Европа во енергетски расчекор

  • Геополитичките конфликти, конкуренцијата за течен природен гас и недоволната инфраструктура ја откриваат границата на европската
    енергетска стратегија. Декарбонизацијата е долгорочна цел, но сигурното, безбедно и стабилно снабдување останува секојдневна политичка обврска

Европската енергетска политика се соочува со противречност што станува сè потешко да се прикрива. Унијата сака да ја намали употребата на фосилни горива, но не може да ја гарантира стабилноста на своето стопанство без нив во конкретен рок. По енергетскиот шок од 2022 година, Европа ја промени структурата на снабдувањето, ги прошири увозните извори и ја зголеми улогата на течниот природен гас. Но промената на снабдувачите не ги отстрани ризиците. Тоа само ги прераспредели.
– Новите геополитички тензии, особено на Блискиот Исток, повторно ја актуализираат ранливоста на глобалната енергетска трговија. Ормускиот Теснец, преку кој минува значаен дел од светската трговија со нафта и течен природен гас, останува една од клучните точки на глобалната енергетска безбедност. Секое нарушување на поморскиот сообраќај или на производството во регионот може да предизвика последици далеку надвор од непосредната зона на конфликтот, како што е поширокиот регион на Стариот Континент – вели нашиот соговорник, енергетичар и универзитетски професор.

Енергетската транзиција Брисел ја третира како тежишно прашање за климата?! А каде се индустријата, стопанството, економијата?!

Европската стратегија за декарбонизација се соочува со проблем што не може да се реши само со политички декларации и ексклузивитет над другите предизвици, односно да се занемаруваат економските и индустриските предизвици, на пример, а на таа сметка да се става на пиедестал прашањето за климатските цели како најприоритетно?!
– Поголемото учество на сончевата и ветерната енергија бара паралелни инвестиции во електропреносната мрежа, складирањето и системите за балансирање на производството. Без таква инфраструктура, обновливите извори не можат сами да ја гарантираат стабилноста на снабдувањето во периодите на ниско производство. Природниот гас затоа и понатаму има преодна улога во европскиот енергетски систем, особено во индустријата, производството на електрична енергија и греењето. Но токму таа преодна улога носи ризик. Имено, Европа може да инвестира во зелена иднина, а истовремено да остане финансиски и политички изложена на пазарите на фосилни горива – вели нашиот соговорник, професор по енергетика.
Тој истакнува дека зелената транзиција бирократски се наметна да биде пресилно динамична и дека тоа темпо ја чинеше Европа, особено Германија, а тоа може скапо да ги чини и земјите од Западен Балкан што се индустриски помалку развиени.
– На земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, не им се дозволува да ги амортизираат брзиот енергетски преод и транзиција кон „зелена“ со употреба на свои базични енергетски ресурси, без да плаќаат скапи пенали за емисија на стакленички гасови. Но тоа е повторно еден вид наметнување надворешни притисоци, ајде може слободно да ги наречам директивите и пејоративно, затоа што тие испаднаа дека се бирократски и речиси ултимативни – вели нашиот соговорник.
Тој посочува дека Министерството за енергетика успева да ги менаџира енергетските предизвици.
– Цела среќа е што во нашата највисока државна администрација се систематизираше целото Министерство за енергетика, кое со своите конкретни активности, планови и програми успева да ги менаџира енергетските предизвици, кои се исклучително тешки, а таму има експерти што навистина посветено работат на тоа прашање, што е есенцијално за македонската енергетска сувереност – вели професорот.
Но тој исто така додава малку загадочно и разочарано дека „од некои елити од Брисел не само нам туку и на други им се наметнува и на еден начин, компатибилен со нечие убедување или идеологија, да се држат земјите во развој вечно во таа зона на неразвиени, затоа што се поставуваат граници за развојот и растот, овој пат во делот од енергетиката, што е суштинско“.

Три патишта кон 2027 година

– Развојот на европскиот енергетски пазар ќе зависи од три групи фактори, и тоа геополитичката стабилност, глобалната понуда на течен природен гас и брзината на домашните инвестиции во енергетска инфраструктура – вели нашиот соговорник.
Првиот можен развој е стабилизација на пазарите. Намалувањето на геополитичките тензии и подобрувањето на понудата би можеле да го ублажат ценовниот притисок и да им овозможат на европските економии попредвидливо снабдување.
Вториот е продолжување на нестабилноста. Во такви услови, европските купувачи би се соочиле со посилна конкуренција од азиските пазари, а повисоките цени би ја зголемиле сметката за индустријата и домаќинствата.
Третиот, стратешки најважен, е забрзувањето на структурната трансформација. Тоа може постепено да ја намали изложеноста на надворешни шокови.

Од снабдување кон вистинска енергетска независност

Да потсетиме, норвешките извозни резултати се показател дека европската побарувачка за гас и натаму создава значителни економски придобивки за производителите. Но тие истовремено потврдуваат дека безбедноста на снабдувањето и економската отпорност не се исто прашање.
– Европа може да има повеќе снабдувачи, но ако цените, транспортот и политичките кризи продолжат да ја диктираат достапноста на енергијата, нејзиниот енергетски суверенитет ќе остане ограничен. Вистинскиот тест за 2027 година нема да биде само дали Европа ќе обезбеди доволно гас за зимата туку ќе биде дали ќе успее да изгради систем во кој секоја следна меѓународна криза нема повторно да се претвори во домашна економска и политичка криза – завршува со брифингот нашиот соговорник, искусен енергетичар и универзитетски професор во пензија. Е.Р.