Фото: ЕПА
  • Вашингтон и Брисел веќе ја проектираат следната политичка епоха. Во фокус е нова евроатлантска воена архитектура, која би требало да ја надживее доктрината „Америка на прво место“, да го ограничи просторот за американско-руското и американско -кинеското приближување и да ја врати Европа во улогата на главен геополитички сојузник на либерален Вашингтон. Берлин е предвиден како европски столб на оваа трансформација

Во високите политички и административни кругови на Брисел се разгледува една стратегиска перспектива отворена во САД, по двојната победа на демократите во Конгресот и во Сенатот. Имено, таа ново-стара трансатлантска либерална перспектива оди во насока кон тоа „како да се обезбеди континуитет на либералната евроатлантска доктрина по заминувањето на Доналд Трамп од Белата куќа“.
Според информација од висок бриселски административен круг, која ја земаме како доверлива основа за оваа анализа, во делови од европскиот и американскиот либерален естаблишмент се размислува за долгорочно политичко и безбедносно преструктурирање на Западот. Неговата цел би била да се спречи евентуалното продолжување на Трамповата политика на договарање со геополитичките противници и да се обнови традиционалниот трансатлантски политички фронт. Станува збор за можен судир на две визии за светскиот поредок. Едната заснована врз договорот од Шенжен за националниот суверенитет, директната дипломатија и договорите меѓу големите сили, а другата, која паралелно се подготвува во кругови на трансатлантски либерални елити, се темели на враќање на институционализираното западно лидерство, либералниот интернационализам и долгорочната стратегиска конфронтација со Москва и Пекинг. Токму тука се појавува концептот „НАТО 3.0“.

Шенжен како политички предизвик за старите трансатлантски елити

Средбата на Доналд Трамп, Владимир Путин и Си Џинпинг во Шенжен на 20 ноември годинава отвори ново дипломатско поглавје. Иако не произведе конечен договор за Украина, Иран или контрола на вооружувањето, разговорите за нуклеарните ризици и отворањето канал за понатамошен дијалог имаат значење што не треба да се потцени. За првпат по долго време трите најмоќни држави разговараа непосредно за прашања што го определуваат глобалниот безбедносен поредок. Реакцијата во европските политички кругови беше особено индикативна. Бриселските и некои европски лидери негодуваа поради фактот што Европа не беше дел од разговорите, а некои од нив ја критикуваа и дипломатската топлина со која Трамп настапи кон Путин.
– Сега веќе е очигледен судирот на две политички логики. За Трамп, директниот договор меѓу големите сили може да биде инструмент за намалување на конфликтите и за создавање нова рамнотежа. Од друга страна, за спротивниот табор, односно таканаречениот либерален трансатлантизам, ваквата дипломатија носи опасност од заобиколување на европските институции и ослабување на досегашната стратегиска архитектура кроена од Западот. Затоа Шенжен може да се покаже како многу повеќе од тест за тоа дали новиот светски поредок ќе се гради преку договори меѓу државите или преку постојните западни политички и воени блокови – вели наш дипломат, со кого се консултиравме во врска со анализа на ова прашање.

Демократите веќе ја проектираат Америка по Трамп

Поразот на Трамповиот табор на конгресните избори ја менува внатрешната политичка рамнотежа во Вашингтон, но не му го одзема на претседателот уставното право да ја води надворешната политика. Демократите, меѓутоа, добиваат можност да ја обликуваат идната политичка агенда, да отвораат истраги, да ја оспоруваат Трамповата дипломатија и да подготвуваат алтернативна визија за американската глобална улога.
– Да потсетам, анализата на ЕЦФР од октомври 2026 година токму ова го поставува како едно од клучните прашања. Имено, што ќе се случува со американската надворешна политика по Трамп и каква Америка посакуваат различните струи во Демократската партија? Тука треба да се бара можниот политички сојуз меѓу демократското надворешнополитичко крило во Вашингтон и европските либерални јастреби. Нивниот потенцијален заеднички интерес е обновување на трансатлантското партнерство, но не нужно и враќање на старите односи со Москва. Напротив, постои ризик европската безбедносна политика повторно да се организира околу долгорочна конфронтација со Русија, независно од евентуалните дипломатски пробиви – вели нашиот соговорник, дипломат од кариера.

НАТО 3.0: Америка се повлекува еден чекор, Европа се вооружува два?!

Иронично, концептот НАТО 3.0 не е измислица на европските либерали, туку произлегува од стратегиското преиспитување на американската воена улога во времето на Трамп. Вашингтон сака Европа да преземе поголема одговорност за конвенционалната одбрана, додека американските ресурси се пренасочуваат кон Индопацификот и западната хемисфера. Анализата на ЦСИС од август 2026 година го опишува моделот во кој Европа обезбедува поголем дел од конвенционалните воени капацитети, а Америка ја задржува улогата на нуклеарен гарант и стратегиски осигурувач. Но токму оваа промена може да добие поинаква политичка содржина по Трамп.
– Ако во Вашингтон повторно дојдат демократите, новата американска администрација би можела да ја преземе веќе изградената европска воена инфраструктура и да ја вклучи во обновена либерална стратегија на НАТО. Така, механизмот создаден под притисокот на американското прераспределување на ресурсите би можел да стане инструмент на нова трансатлантска политичка офанзива – анализира дипломатот.

Германија – новата воена престолнина на Европа

Во оваа неолиберална конфигурација, односно концепт, интересно е што Берлин добива централно место. Имено, според информациите од високи политички и административни кругови на Брисел, со посредство на Вашингтон, Германија би се позиционирала како главен воен столб на новата европска безбедносна архитектура.
– За мене ова не е ново. Да потсетам и ова… Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во септември 2026 година јавно ја истакна германската улога во трансформацијата на Алијансата и концептот НАТО 3.0. Германското воено присуство во Литванија, новите командни одговорности и индустриските капацитети се дел од таа промена. Ова е историски пресврт за државата што по Втората светска војна ја изгради својата политичка легитимност врз воздржувањето од милитаризам. Денес Берлин повторно станува центар на европската воена моќ. Прашањето е дали оваа промена ќе биде придружена со соодветна демократска дебата за политичките последици од германското стратегиско лидерство – вели нашиот соговорник.

Вистинската битка е за иднината на Европската Унија

Но постои уште една, можеби поважна димензија на целиот процес. Тоа е идната институционална форма на Европа. Фон дер Лајен и европските федералистички кругови ја гледаат безбедносната криза како аргумент за поголема централизација, заедничко финансирање, интегрирана одбранбена индустрија и посилна улога на наднационалните институции.
Од друга страна, суверенистичките политички сили, напротив, инсистираат на Европа на суверени држави, во која одбраната, надворешната политика и одлуките за војна и мир остануваат под непосредна демократска контрола на националните институции.
– Да, токму тоа е битката за тоа кој ќе одлучува за иднината на европските народи. Дали Европа ќе биде сојуз на држави или наднационална политичка структура со сè поголема контрола врз безбедноста, финансиите и стратегиските приоритети? Ако суверенистичките сили не успеат да ја променат сегашната политичка конфигурација во клучните европски држави, тогаш либералниот естаблишмент ќе има многу поширок простор да ја институционализира својата безбедносна доктрина – анализира дипломатот.

Европа пред избор: Мир преку договор или безбедност преку конфронтација?

Според нашиот соговорник, дипломат од кариера, најголемата опасност не е европското вооружување само по себе.
– Секоја држава има право и обврска да ја брани сопствената безбедност. Опасноста е кога вооружувањето станува замена за дипломатијата, кога политичките елити почнуваат да ја третираат секоја можност за детант како стратегиска слабост и кога воената конфронтација станува основа за одржување на политичката моќ. Шенжен покажа дека каналите за разговор меѓу Вашингтон, Москва и Пекинг сè уште постојат. Дали ќе бидат проширени или саботирани од различните политички интереси, останува отворено прашање. Но едно е сигурно. Европа не смее да стане заложник на туѓи геополитички пресметки. НАТО 3.0 може да биде нова архитектура на одвраќање, но може да стане и инфраструктура за враќање на старата политика на блоковска конфронтација. И затоа вистинската битка за Европа по Трамп нема да се води само во Вашингтон, Брисел или Берлин. Таа ќе се води и во националните парламенти, на изборите и во европските општества. Прашањето е дали Европа ќе има политичка храброст да биде самостоен геополитички актер или повторно ќе се задоволи со улогата на воен и финансиски инструмент на туѓа стратегија – вели нашиот соговорник со големо искуство во меѓународните односи, анализирајќи ја информацијата за либералната проекција на пострамповската епоха ,која се темели на доскорашниот клучен концепт на Западот за глобализација. П.Р.