Власите во македонцките работи

Значајното одбележување на 100-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков во Македонската академија на науките и уметностите е добра можност да се потсетиме на некои помалку познати детали од неговата книга „За Македонцките работи“ објавена во Софија во 1903 година. Мисирков пишува и за односите меѓу Македонците и другите народи поданици на Турската Империја – со Турците, Бугарите, Србите, Грците, како и со припадниците на повеќето религии во балканските соседни земји. Во неколку наврати, Мисирков меѓу познатите народи на тие простори ги опфаќа и Власите, за кои мисли дека треба да им се признае и јазикот во составот на евентуално признавање на самостојноста на јазиците, на прво место на македонскиот јазик.
Во прочуената, безвременска, до денес актуелна книга, во поглавјето со наслов „Што направивме и што треба да правиме во иднина“, Мисирков одвојува едно мало парче, дваесетина суштински реченици, во кои ги советува Македонците каков став да имаат и каков однос да воспоставуваат со Власите, народ без држава и без своја власт.
Еве што пишува Мисирков: „Најарни можат и треба да ни бидат односите со Власите. Нашите интереси никаде не се пресреќаваат со влашките. Власите повеќе живеат во градовите и се трговци, а ние повеќе сме во селата и сме селски стопани. Оние од Власите што живеат во селата, се занимаваат со овчарство. Власите и нашиот народ се разликуваат по јазикот, носијата, карактерот, така што никојпат Власите не можат да претендираат на наши села; исто така никојпат ние не сме кажувале оти влашките села се наши. Меѓу нас и Власите нема никакво историско недоразбирање. Власите никојпат не имале никаква власт над нас и никојпат не ни сториле никаква пакост. Исто така, тие немаат ништо патено од нас. Обратно, уште од средните векови и меѓу нас и Власите имало секојпат согласност. Врз таква почва може да се развие најсрдечна дружба помеѓу нас и Власите. Таа дружба треба да пушти длабоки корени помеѓу двата братски народа за да им даде можност рака за рака да одат по тешкиот пат на културниот прогрес“ (Цитираното е пренесено според македонскиот литературен јазик).
Кои биле, кои се денес Власите – сѐ уште недокрај објаснета, мистериозна, провокативна, контроверзна етничка заедница.
Значи, кои се Власите? Нема некој учен, преучен, што ќе ви каже најточно што се, од каде потекнуваат, од каде дошле на Балканот и како стигнале во денешна Македонија. Има низа теории за нивниот корен од учени луѓе и од Запад и од Исток во обид да ги одгатнат тие прашања, но сите извори колку што се паралелни, толку се противречни. Но едно е неоспорно – тие се едни од најстарите жители на Балканскиот Полуостров. Некои истражувачи пишуваат дека се остатоци од Римјаните, римски војници што биле чувари на превоите на патиштата, а останале во планинските села. Други, претерано провлашки настроени, тврдат дека се тука од пред времето на македонската династија, со тврдење дека мајка му на Александар Македонски, Олимпија (Олимпијада), била Влаинка.
Романски и проромански истражувачи искажуваат дека национално се Романци, наведувајќи го романското пропагандно и црковно присуство кон крајот на 19 век. И покрај големиот број трудови за Власите од различни научни области, сепак, потеклото на оваа популација останува неодредено. Направените генетски истражувања во поново време недвосмислено покажуваат дека се посебни и по ген и по карактер – се разликуваат од другите големи популации на Балканот. Ги има на цел Балкан, денес најмногу во Грција, но непризнаени како малцинство. Имаат културни и фолклорни права, ништо друго. Претпоставка е дека во најславните времиња, на територијата на Османлиската Империја, главно во географска Македонија, нивниот број бил околу два милиона, што некои ја сметаат за претерана бројка. Иако биле толкав народ, не направиле држава, немале свој цар, култ или идол, освен Исус Христос.

Православни, главно источноправославни, често опишувани како посебни, необични луѓе, итри и тврдоглави, вредни а скржави, домаќини, национално затворени, дури закоравени и тешко комуникативни, сточари, главно овчари и коњари, трговци, праматари, џамбази, тоа се карактеристиките со кои се среќаваат низ книгите и во усните преданија. Зборуваат на влашки јазик, кој е мешавина од сопствени изворни, како и од романски, италијански, албански и грчки зборови. Официјалното име на Власите е Аромуни (Армани – Рмњ). Меѓу народот е познато именувањето со зборот Цинцари. Но Цинцарите не претставуваат некаква посебна група. Зборот Цинцар е општ назив, српска измислица за именување на сите Власи, повеќе како ироничен прекар. Објаснувањето е дека потекнува од бројката „цинци“ од италијанскиот број пет, односно од петтата римска легија.
Од кога се вклучени Власите во македонцките работи? Ако не е баш најпознато како се нашле на Балканот, попрецизни се податоците кога и од каде дошле помасовно на територијата на денешна Република Македонија. Од југ кон север – е најкраткото географско објаснување. Пристигнувале во неколку брана од два правца – од Албанија и од Грција во втората половина на 18 век, првата половина на 19 век и нешто по Балканските војни во 20 век. Првиот, прозападен, бран бил по првото опожарување на Москополе во 1769 година, а вториот во 1820 по зулумите од Али-паша Јанински, виновникот за уништувањето на Москополе и Грамос, двата најголеми влашки центри со развиен стандард и култура. Бегајќи од прогоните оттаму, Власите се населиле во Струга, Охрид, Ресен, Битола (со Магарево, Трново, Маловиште и Гопеш), Кичево, сѐ до Тетово. Но централното место е Крушево, име што прогонетите од родните огништа си го понеле од селото од кое дошле. Втората, источната група, е од под планината Грамос, која преку Солунско Поле се населила во локалитети околу Штип, Свети Николе, Кочани и делови од Осоговијата.
Колку Власи има во денешна Северна Македонија? Според податоците на Државниот завод за статистика, Власите сочинуваат 0,47 отсто од вкупно 1.836.713 резидентни жители во државата. Поточно околу 8.630 лица. Статистички бројката е премала, но по потекло има многу повеќе. Овде, кај нас, за Власите може да се чуе ироничната поговорка „малку се, ама добро распоредени“.

Речиси да нема град каде што нема барем една влашка фамилија. Во неколку града има таканаречени влашки цркви, влашки маала и сл. Власите се вградени во македонската историја и во македонскиот национален развој. Биле учесници во буни и востанија, истакнати во Илинденското востание, учесници во Народноослободителната војна и во изградбата на независна Македонија. Власи или лица по потекло Власи (поблиско и подалечно) се присутни во политиката, науката, (МАНУ), на универзитетите, во медицинските и други општествени и технички науки, во банкарството, во трговијата, во политички партии. Познати Власи има во литературата, сликарството, музичката уметност, новинарството.
Власите во Македонија се признаени во Уставот како дел од народ (без своја домицилна држава), единствено во светот. Ги имаат сите национални и индивидуални права, слободи и одговорности. Тоа е утеха, поткрепа во борбата за можен опстанок, макар до последниот Влав. Сепак, вистината е дека се народ со свој оригинален јазик што гасне, со национално чувство лесно подложно на лојалност, со идентитет што во општа практична и меѓународна смисла не значи ништо, народ што немал држава и водач, а најверојатно немал ни некоја национална кауза, обединетост и слога.
Мисирков пред 120 години ги учел Македонците како да се однесуваат со Власите. Денес може да биде обратно. Во ситуацијата во која се наоѓаат Македонците, во време кога одново се доведува во прашање нивната национална судбина, може да ја прочитаат историјата на Власите, да научат нешто од судбината на овој исподелен и на цел Балкан расеан народ. Да се заинтересираат, да проучат, како без некоја голема врева се губи еден народ од картата на народите, како речиси два милиони луѓе се претопуваат, се асимилираат и национално исчезнуваат. Да ги користат искуствата ако сакаат да се зачуваат како народ со свој јазик, писмо, култура, традиции и со своја држава. Ако самите сакаат да не ги снајде влашката судбина.