Потенцијалните жртви на семејно насилство ќе можат да воспоставуваат видеоповици со МВР и ЦУК, а полициските службеници до средината на 2027 година ќе бидат опремени со т.н. боди-камери, преку кои директно ќе испраќаат видеосигнали до командните центри. Ова, како што рече вечерва министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, се двата нови проекта што значително ќе придонесат за превенцијата и заштитата.
Во гостувањето во емисијата „Само вистина“ на телевизијата „Канал 5“, Тошковски објасни дека секоја жртва, додека да пристигне полицијата, ќе може преку камерата на својот телефон да воспостави видеоповик и да ја документира фактичката состојба, која потоа ќе може да се користи како доказ во кривичните постапки.
Според него, станува збор за револуционерни промени.
– Најавувам круцијален проект за кој гарантирам дека ќе го подигне нивото на професионалност во постапувањето на МВР. Секој полициски службеник ќе биде задолжен со боди-камера. Боди-камерите ќе можат да преведуваат во живо на повеќе од 40 јазици, да испраќаат видеосигнал до командниот центар и, со помош на вештачка интелигенција, да утврдуваат одредени факти. Последици ќе трпат сите што нема да ги употребуваат боди-камерите. Најдоцна до средината на 2027 година проектот со камерите ќе биде имплементиран на територијата на цела Македонија. Моментно се реализира пилот-проект во Велес. Тоа ќе биде револуционерен проект во Македонија, а резултатите, убеден сум, ќе бидат дури и подобри од оние што ги даде „Безбеден град“ – потенцира министерот.
Тој повтори дека за него семејното насилство е едно од најголемите општествени зла со кои се соочува Македонија.
– И тоа не е само сега. Овој проблем постои и во изминатите десетина години, согласно статистиката што ја имам. Станува збор за многу сериозно општествено зло за кое мора да има соодветен мултиинституционален одговор, и од државните институции и од сите општествени чинители. Кога ќе дојде до тоа во случај на семејно насилство да постапуваат полицијата, обвинителството и судот, мислам дека работата веќе отишла предалеку, таму каде што не треба – истакна Тошковски.
Според анализата на Секторот за внатрешни работи Скопје, бројот на евидентирани кривични дела за кои биле поднесени кривични пријави изнесувал 281 во 2018 година, 274 во 2020 година, 316 во 2021 година, 283 во 2024 година и 280 во 2025 година. Годинава, досега, евидентирани се 506.
– Оваа бројка е зголемена затоа што оваа Влада и овој парламентарен состав, на почетокот на годинава, направија измени во Кривичниот законик, со кои семејното насилство што резултира со лесна телесна повреда задолжително се гони по службена должност. Ако во 2021 година, на територијата на цела Македонија, кога зборуваме за семејно насилство, сме имале шест изречени мерки притвор, во 2022 година сме имале 15, а во 2026 година, заклучно со 25 ноември, имаме 102. Значи, погледнете колку е зголемено институционалното дејствување, ако зборуваме само за притворот. Кога станува збор за итните мерки изречени од страна на судот, во 2021 година сме имале 15, во 2022 година 26, а во 2026 година имаме 168 – рече Тошковски.
Разликата, напомена министерот, е во институционалното дејствување, пренесува МИА.
































