Пожар избувна во руската нафтена рафинерија „Славјанск ЕКО“ во Краснодарскиот Крај по напад со украински дрон, при што се повредени четири лица, а предизвикана е значителна штета на објектот, како и истекување на нафта, соопшти денеска компанијата оператор преку апликацијата за размена на пораки „Макс“, објави „Ројтерс“.
Две од повредените лица се хоспитализирани.
Од компанијата наведуваат дека во нападот, меѓу другото, е оштетена постројката за атмосферска дестилација на нафта, како и други производствени и складишни капацитети.
Оттаму додаваат дека нападот се случил во период кога рафинеријата не работела поради ремонт, по сличен напад со дрон во септември.
Украина ги засили нападите врз руските рафинерии од крајот на минатиот месец, по пропаѓањето на енергетското примирје меѓу Москва и Киев, кое американскиот претседател Доналд Трамп го најави во средината на октомври.
































