Фото: Пиксабеј

Кремљ ја обвини Украина дека се обидува да го прошири географскиот опсег на војната кон Средоземното и Балтичкото Море, оценувајќи ги нејзините активности како потенцијално исклучително опасни, пренесе „Ројтерс“.

Обвинувањата од Москва доаѓаат откако американскиот претседател Доналд Трамп и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во заедничка изјава ја повикаа Русија да избегнува потези што би можеле да доведат до проширување на војната, која започна со руската инвазија врз Украина во 2022 година.

Според оценките на британските медиуми, нивната порака беше и предупредување до Москва внимателно да ги одмери следните чекори во одговор на украинските напади врз руски интереси надвор од главната зона на конфликтот.

Украина вчера потопи руска корвета во пристаништето Бенгази, користејќи поморски беспилотни летала. Нападот се случи само еден ден откако беше погоден руски товарен брод во Финскиот Залив.

Реагирајќи на заедничката изјава на САД и НАТО, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека никој не сака конфликтот да се прошири, но тврдеше дека токму Украина, а не Русија, презема чекори во таа насока.

– Што се однесува до ескалацијата на конфликтот во Украина, се чини дека ова се однесува на обидите на режимот во Киев да го прошири географскиот опсег на овој конфликт. Сведоци сме на терористичка активност од страна на режимот во Киев во Средоземното Море и во Балтичкото Море – изјави Песков во телефонски разговор.

Тој додаде дека ваквите активности предизвикуваат загриженост кај крајбрежните држави, а веројатно и во рамките на НАТО.

– Секако, никој не би сакал конфликтот да се прошири географски, а ова се потенцијално многу опасни дејствија од страна на режимот во Киев – нагласи портпаролот на Кремљ.

Во меѓувреме, либиските власти денеска ги осудија постапките на Украина. Реагираше и Италија, која му порача на Киев дека нападите врз руски бродови во либиските територијални води се грешка и го предупреди да не го проширува географскиот опсег на војната.

И Норвешка, која е силен поддржувач на Украина, го повика Киев на претпазливост при операциите во Балтичкото Море, нагласувајќи ја важноста од зачувување на стабилноста во регионот.