Фото: ЕПА

ТЕНИС

  • Рафаел Ходар и Андре Агаси се единствените тенисери во историјата што скокнале повеќе од 100 места за да се пласираат меѓу најдобрите десет на крајот на една година, пишува АТП

Рафаел Ходар ја заокружи својата сезона на пробив со постигнување уште еден значаен резултат, откако стана играчот што го направил најголемиот скок за да стигне меѓу врвните 10 на крајот од една година во историјата на ранг-листата на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП).
Во својата прва сезона на АТП-турнејата, Ходар се искачи од 165. место во почетокот на 2026 година на 10. позиција на крајот на сезоната, што е искачување од 155 места, со што го надминува претходниот рекорд што го држеше Андре Агаси, член на „Клубот број 1“ на АТП. Американецот ја почна 1998 година на 110. место, пред да се пласира на шестата позиција, откако се искачи за 104 места, пишува АТП.
Ходар остави трага на младинското AТП-финале во декември минатата година, пред да стане професионалец и да почне со неверојатна сезона на пробив. Тој ја освои својата прва титула на AТП-турнејата во Маракеш, стигна до своето прво финале на мастерс-турнир од серијата 1.000 во Шангај, забележа 45 победи и се пласира на АТП-финалето.
– Многу значи. Работев многу, многу напорно и многу добро годинава, па сум супер среќен како сѐ оди на турнејата – изјави Ходар за Асоцијацијата на тениските професионалци, на АТП-финалето во Торино, кога беше прашан за неговиот пробив во врвните 10.
Ходар веќе го собори рекордот за најкратко време помеѓу дебито на ниво на турнеја и достигнувањето до првите десет тенисери, постигнувајќи го подвигот само 287 дена по неговиот прв настап, на гранслем-турнирот Австралија опен, во јануари, пишува АТП. Тој годинава стигна и до четврт-финалето на гранслем-турнирот Ролан Гарос, а сезонава имаше 45 победи и 22 пораза, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци. Н.М.


НАЈГОЛЕМИ СКОКОВИ ДО ВРВНИТЕ 10 ЗА ЕДНА ГОДИНА

Рафаел Ходар (во 2026 г.) 165 10 155
Андре Агаси (во 1998 г.) 110 6 104
Николас Лапенти (во 1999 г.) 90 8 82
Серхи Бругера (во 1997 г.) 82 8 74
Марат Сафин (во 2004 г.) 77 4 73
колоните се пласман на почетокот на годината, пласман на крајот на годината
и скокот на ранг-листата
Извор: АТП