Интензивно се работи на рехабилитација на автопатот од Гевгелија до граничниот премин Богородица, на границата со Грција, а градежните активности продолжуваат и во ноќните часови, информираше вечерва вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој преку објава на Фејсбук соопшти дека вечерва ги посетил работниците кои работат на обновување на оваа делница од автопатот на Коридорот 10.
– Вечерва ги посетив вредните работници кои на ГП Богородица непрекинато работат на рехабилитација на автопатот од Гевгелија до ГП Богородица – напиша Николоски.
Тој посочи дека станува збор за најфреквентниот граничен премин на Коридорот 10, кој ја поврзува Македонија со Грција.
Според министерот, работите се одвиваат со засилено темпо, а асфалтирањето продолжува и во вечерните часови, со цел што поскоро да заврши обновата на патната инфраструктура.
– Се работи интензивно, се асфалтира и вечерва, така што за брзо време ќе имаме модерен влез во државата – истакна Николоски.
Засега не е прецизирано кога точно ќе заврши рехабилитацијата на делницата од Гевгелија до граничниот премин Богородица.































