ФУДБАЛ – УВИД НА УЕФА ВО ПЕРФОРМАНСИТЕ ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ
- Техничките набљудувачи на УЕФА, Ернесто Валверде и Стив Купер, разгледуваат тема што се издвои во претходното коло – способноста на
тимовите да создаваат шанси од централните области
Најтешко е да се изгради напад централно, бидејќи тоа е вообичаено најгустиот дел од теренот. Но ако можете да имате бројност низ средината, си давате можност да го направите тоа, вели техничкиот набљудувач на Европската фудбалска унија (УЕФА), Стив Купер, зборувајќи за еден од главните предизвици со кои се соочуваат напаѓачките играчи во Лигата на шампионите (ЛШ), пренесе УЕФА.
Изјавата на Купер се вклопува во темата што Одделот на УЕФА за увид во играта ја идентификуваше во минатото коло, кога 46 проценти од сите асистенции од отворена игра беа централни. Ниту еден тим не го направи тоа подобро од дебитантот Комо, тим што го има водечкиот асистент во натпреварувањето, Нико Паз.
Објаснувајќи го пристапот што му ја донесе победата од 9-1 против Ленс, техничкиот набљудувач на УЕФА, Ернесто Валверде, вели: „Комо е тим што тренира со цел да комбинира за да го привлече противникот во одредени зони, потоа да се префрли на друга страна и, исто така, да го промени ритамот откако ќе ја пробие линијата ако противникот притиска високо. Комо има играчи што можат да се свртат во тесни простори и брзо да се префрлат на следната линија. Една од најважните работи за офанзивен играч од средниот ред е позицијата што ја зазема кога неговите соиграчи ја имаат топката – слободно да се движи зад противничката линија за врска, како што прави Паз, така што кога ќе ја прими топката, веднаш ќе биде во позиција директно да тргне кон одбранбените играчи“.
Европската фудбалска унија посочи и пример од натпреварот на Лајпциг со Манчестер сити, кој ја истакнува важноста на движењето на тимот за да ги повлече дефанзивците од позиција, пишува УЕФА.
– Општо земено, играчите инстинктивно се движат во слободни простори и затоа е важно да се прават пробиви што потоа создаваат опција за додавање – вели Валверде.
Клучна тренерска точка е како да се работи на тоа играчите со број 10 да се натераат на оптимални позиции во централните области, пишува Европската фудбалска унија.
– Тренинг-сесиите со компонента на позициска игра им помагаат на играчите да научат како да бараат добри позиции за примање топка зад противникот и да ја одржуваат играта во движење. Лионел Меси е мајстор во тоа – рече Валверде, а Купер додава: „Една добра опција се зонираните ситуации на мал простор, како што е зонирана област на теренот каде што сакате вашиот играч со број 10 да прими топка против одреден број одбранбени фудбалери. За другите играчи, предизвикот може да биде следниов: дали можете да соработувате со играчот на позицијата 10 пред да тргнете во завршница кон голот? Не може сѐ да се врти само околу бројот 10, бидејќи секогаш мора да има поставена структура пред, зад и од двете негови страни“.
Како тренер што секогаш ги поттикнува своите тимови да играат со храброст и талент, Купер ја презеде функцијата во англиските репрезентации до 16 и до 17 години, пред да ја прифати својата прва сениорска функција во Свонси. Потоа ги водеше Нотингем форест, Лестер и данскиот тим Брондби, а во продуктивна тренерска кариера, Ернесто Валверде освои импресивни 12 големи трофеи, вклучувајќи три домашни титули со Олимпијакос и две со Барселона и еден Куп на Шпанија со Атлетик Билбао во 2024 година, пишува УЕФА.
Во 4. коло на Лигата на шампионите синоќа играа Бодо/Глимт – ЛАСК, Галатасарај – Астон вила, Арсенал – Борусија Дортмунд, Комо – АЕК, Феенорд – Порто, Манчестер сити – Наполи, Лајпциг – Ленс, Реал Мадрид – ПСВ Ајндховен и Слован – Бетис, а вечерва на програмата се дуелите Сабах – Барселона, Славија – Вилјареал (двете средби од 18.45 часот), Атлетико Мадрид – Викинг, Клуб Бриж – Ливерпул, Интер – Штутгарт, Шахтер – Фенербахче, Лил – Баерн, Пари сен Жермен – Рома и Спортинг – Манчестер јунајтед (сите од 21 часот). Н.М.































