Мултидисциплинарната уметница Сара Милевска од Кавадарци преку текстилот, ликовниот израз, просторната инсталација и перформансот создава лично уметничко сведоштво за човечките граници, верата, праведноста и храброста да се преминат ограничувањата што никогаш не требало да нè дефинираат.
Нејзиниот најнов самостоен проект „Премин“ деновиве беше претставен во Културно-информативниот центар во Скопје. Делото произлегува од личните животни искуства на авторката и нејзиниот процес на соочување со сопствените уверувања, како и од потребата да се преиспитаат општествените и личните граници што човекот ги прифаќа како нормални, дозволени и исправни.
Со овој проект Милевска прави исчекор од својата досегашна професионална практика, насочувајќи се кон поинтимен и непосреден уметнички израз, во кој самата авторка станува дел од материјалот и приказната што ја раскажува.
Една од централните идеи на „Премин“ е дека праведноста понекогаш бара поместување на границите што сме ги прифатиле како непроменливи правила. Она што изгледа сигурно и познато не мора секогаш да биде исправно, а напуштањето на одредени граници може да значи излегување од нездравата удобност, соочување со сопствените стравови и преземање одговорност за личните постапки.
– Она што изгледа сигурно и познато не мора секогаш да биде исправно. Понекогаш е потребно да ги напуштиме границите што сме ги прифатиле, да се соочиме со сопствените стравови и да преземеме одговорност за своите постапки – посочува Милевска.
Визуелната структура на проектот е изградена преку три меѓусебно поврзани уметнички целини: серија ликовни дела, просторна инсталација и перформанс.
Ликовните дела се изработени од рачно создадена текстилна хартија, која не претставува само материјал за работа, туку и специфичен визуелен јазик преку кој се пренесуваат различни состојби, односи и внатрешни процеси.
Особено впечатлива е просторната инсталација составена од испреплетени црвени конци од коноп, со кои галерискиот простор се трансформира во мрежа од видливи и невидливи ограничувања. Црвените линии стануваат симбол на притисокот, стравот, контролата и врските што понекогаш нè задржуваат во состојби од кои сакаме да излеземе.
Перформансот е една од најличните и најинтимните компоненти на проектот. Авторката го поставува сопственото тело во центарот на инсталацијата, обвиткано и ограничено со црвените конци, претворајќи се во своевидна жива скулптура. Телото станува симбол на човекот заробен во мрежа од очекувања, стравови, правила и наметнати улоги.
Црвените конци не се само визуелен елемент, туку создаваат и физичка пречка меѓу посетителите и изложените дела. На тој начин тие го поттикнуваат секој посетител да го преиспита сопственото движење и односот кон просторот.
За да им пристапи на делата, посетителот мора физички да стапи во контакт со инсталацијата, да ги помести конците и со тоа активно да учествува во нејзиното менување. Границата така престанува да биде само апстрактна идеја и станува непосредно физичко искуство. Посетителот повеќе не е пасивен набљудувач, туку активен учесник во процесот на откривање и ослободување.
Во овој сегмент допирот добива посебно значење. Она што започнува како ограничување може да се надмине преку човечка интеракција, доверба и подготвеност да му се пристапи на другиот. Ослободувањето не е претставено како едноставен и индивидуален чин, туку како процес во кој учествуваат и оној што е ограничен и оние што се подготвени да помогнат.
Дополнителна димензија на поставката ѝ дава звучниот амбиент, изграден од темни амбиентални звучни текстури и апстрактни гласовни елементи. Звукот, според Милевска, не е само придружба на визуелниот израз, туку составен дел од целокупното доживување, создавајќи атмосфера на тишина, напнатост и внатрешно соочување.


Сара Милевска е родена во Кавадарци. Дипломирала на отсекот за дизајн на современ сценски костим на Факултетот за современа уметност во Белград, а претходно завршила средно образование во училиштето „Лазар Личеноски“ во Скопје, на отсекот за дизајн на текстил и облека.
Нејзиното професионално искуство како костимограф опфаќа соработки со Белградското драмско позориште, Домот на културата во Кавадарци, Театарот „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“ во Велес, Народниот театар во Битола, Домот на културата во Богданци и Театар Комедија.
Во моментов работи на претставата „Срце од ајкула“, во режија на Тамара Стојаноска, во градот Русе, Бугарија.
Милевска има создавано костими и за проекти од уличната уметност, како и за живи скулптури, од кои две биле претставени во Холандија. Нејзиниот ангажман е значаен и за развојот на театарскиот живот во Кавадарци, каде што работи на костимите за артистите на локалниот театар.
Посебно место во нејзината работа заземаат и проектите поврзани со текстилниот отпад, преку кои ја истражува можноста за повторна употреба на материјалите и нивна уметничка трансформација. Дел од нејзиниот творечки ангажман е и проектот „Пoетри Арт“, во кој на дизајнерски парчиња биле извезени стихови од најпознатите македонски поети.
Со „Премин“, Сара Милевска отвора интимен уметнички простор во кој личното искуство станува универзална приказна за ограничувањата, слободата, довербата и храброста да се направи чекор надвор од познатото.
M.M.





































