Со две претстави од меѓународната програма вечерва завршува 51. издание на фестивалот Млад отворен театар – МОТ, кој од 18 ноември се одржуваше во Скопје.
Завршната вечер ќе почне во 20 часот во салата „Фросина“ во МКЦ со претставата „Мојот маж“, во режија на Марија Манганари и во продукција на грчкиот театарски колектив „Процес“.
Претставата е инспирирана од истоимената збирка раскази на македонската писателка Румена Бужаровска и преку иронија и непосреден сценски израз ги обработува женските искуства, интимните односи и семејните динамики во современото патријархално општество. Приказните на сопругите, љубовниците, мајките, ќерките и пријателките ги преиспитуваат традиционалните родови улоги, претставите за еманципацијата и противречностите во човечките односи.
Фестивалската програма ќе заврши со претставата „Ана – непоправливата“, која ќе биде изведена во 22 часот во салата „25 Мај“ во МКЦ. Претставата е во режија на Надја Панчева, а во продукција на бугарските „Арт центар Оренда“ и „Топлоцентрала“.
Делото на италијанскиот драматург Стефано Масини е посветено на руската новинарка и активистка Ана Политковскаја, која беше убиена во 2006 година. Претставата ги отвора прашањата за слободата на говорот, политичката моќ, репресијата и цената што ја плаќаат оние што одбиваат да замолчат пред неправдата.
Од МОТ посочуваат дека годинашното издание било реализирано и покрај организациските, финансиските и продукциските предизвици, со што е продолжен континуитетот на меѓународната театарска размена што фестивалот го негува повеќе од пет децении.
МОТ е еден од најдолговечните театарски фестивали во земјава и важен дел од културната сцена на Скопје. Неговата програма низ годините поврзува домашни, регионални и меѓународни автори и отвора простор за современ, критички и експериментален театар.



































