Денеска, со почеток во 10 часот, во средното училиште „Алгоритам“ во Скопје ќе се одржи првиот фестивал од ваков вид во Македонија, наменет за средношколци. На фестивалот ќе учествуваат ученици од околу десет гимназии, а настанот е отворен за јавноста. Учениците ќе пишуваат и ќе ги претстават своите есеи на темата „Вештачка интелигенција и образование“. Преку есеите тие ќе ги изнесат своите ставови за тоа како вештачката интелигенција го менува начинот на кој учат и каква улога треба да има во наставата. Жирито ќе ги оцени есеите, а авторите на трите најдобро оценети труда ќе бидат наградени.
Во жирито членуваат Елизабета Дамјановска-Спасеновска, новинарка, Наде Молеровиќ, професорка и уметница, која работи на доедукација на родители и наставници, и Горјан Петревски, еден од најеминентните македонски писатели на литература за деца и млади.
Организаторка на фестивалот е Магдалена Стојмановиќ-Константинов, професорка по филозофија и логика. Фестивалот им дава простор на средношколците јавно да ги образложат своите ставови за прашања што директно го засегаат нивното образование и да слушнат како за нив размислуваат врсниците од други училишта.
Настанот е од отворен карактер, заинтересираната јавност не треба да го најавува своето присуство, а влезот е бесплатен.