Најдобрите просветни работници имаат збор: Соња Трифуновска, одделенска наставничка во ООУ „Гоце Делчев“ во Тетово
- До крајот на јануари идната година на странците на „Колибри“ ќе имате можност одблиску да се запознаете со носителите на признанието „Просветен работник на годината 2025/2026“, кое го доделуваат Сојузот на просветните работници на Македонија и Министерството за образование. На исти прашања, просветните работници одговараат на свој начин, од нивни агол, давајќи мотив за успех, за знаење и за напредок
Професионалните достигнувања на наставничката Соња Трифуновска се резултат на љубовта и посветеноста кон учителската професија, а се остваруваат преку унапредување на квалитетот на наставата, примена на иновативни наставни пристапи и креирање современи образовни ресурси, кои со голема желба и ентузијазам таа ги споделува со колегите со цел заеднички да создадат позитивни промени во училниците и поквалитетно, покреативно и посреќно учење за секое дете.
– За мене е посебно значајно тоа што за време на пандемијата станав амбасадорка на „Едуино“, како авторка на 25 видеолекции за Е-училница и 20 игровни активности за платформата „Едуино Ран детски развој“. Тоа што бев дел од оваа професионална заедница дополнително ме мотивираше да создавам креативни материјали за учење, што резултираше со издавање на моите едукативни сликовници со дигитални задачи „Петар учи за здрава храна“ и „Наде и Нено учат за животните“ во издание на „Едука МАК“, промовирани и на Деновите на македонската литература за деца во Белград и Загреб, како и на „Прирачникот со практикум за примена на наставни техники во наставата по македонски јазик“ и „Работната тетратка за усвојување на печатните кирилични букви“-истакнува Трифуновска.
Таа е коавторка, но и координаторка на меѓународните проекти „Примена на нови наставни техники“ и „Движечки математички игри за активно учење“, поддржани од Здружението на одделенски наставници „Учител“, чија цел е да се имплементираат креативни пристапи во наставата и да се создаде збирка на добри наставни практики од наставниците за наставниците.
– Круна на мојата професионална работа е признанието за најдобар просветен работник на годината за учебната 2025/2026, доделено од Сојузот на просветните работници на Македонија, како и наградите за придонес во образованието од Општина Тетово и Здружението „Вешта жена“, кои за мене претставуваат потврда дека посветеноста, креативноста и вложувањето во знаењето оставаат трајни вредности во образованието – вели наставничката Трифуновска.
Која е најважната лекција што ја научивте додека бевте ученичка?
– Најважната лекција што ја научив е поврзана со одговорноста и со формирањето работни навики. Таа лекција често ни ја повторуваше учителката уште од прво одделение и ми се врежа како златно правило: „Биди одговорен кон задачата што ја работиш, вложувајќи го својот максимум“. Ова правило ме научи дека секоја обврска заслужува посветеност, а вистинскиот успех доаѓа кога работата ја завршуваме со труд, истрајност и љубов. Оваа лекција постојано им ја пренесувам и на учениците, не само со зборови туку пред сè со личен пример, зашто така најдобро се учи.
Што е за вас добар учител?
– Мојот татко. Уште од мали нозе ме научи на вистинските вредности во животот – чесност, одговорност, почит кон другите, трудољубивост и праведност. Со своите постапки ми покажа дека вистинската вредност на човекот се гледа во неговите дела, а не во неговите зборови. Токму тие лекции ме обликуваа како личност и ме водат низ мојот професионален пат, учејќи ме дека знаењето не е само она што го пренесуваме со зборови туку и она што го покажуваме со личниот пример и што ги подготвува младите за животните предизвици. Неговото влијание врз мене е уште поголемо затоа што, како наставник по историја, ми ја всади и љубовта кон наставничката професија.
Ако можеше да се смени професија на еден ден, што би биле?
– Многу ми е тешко да замислам дека би можела да ја сменам професијата, зашто од мала знаев што ќе работам во животот. Сепак, интересен предизвик за мене би било да влезам во светот на продукцијата на детски телевизиски емисии. Би сакала да создавам образовни содржини што ќе ја разбудат детската љубопитност, ќе ја поттикнат креативноста и ќе ги научат децата на вистинските животни вредности.
Која е вашата дефиниција за добар наставник?
– Добриот наставник има високоразвиена свест за значењето на професионалниот развој и доживотното учење, постојано се надградува себеси и самиот е вечен ученик, кој преку сопственото усовршување го унапредува квалитетот на наставата и им дава личен пример на учениците дека учењето е патување што трае цел живот.
Која мисла ве води низ животот?
– Работи го она што те исполнува и те прави среќен, бидејќи само тогаш во успехот ќе почувствуваш вистинска вредност и убавина. Оваа мисла се трудам да им биде водилка и на учениците и ги учам дека кога нешто се прави со љубов, трудот добива смисла, а успехот носи вистинска радост.
По што ги паметите вашите ученици?
– По детските мудрости и прашања, кои често знаат да ме изненадат, а понекогаш и да ме насмеат, но и да ме поттикнат да размислувам и да гледам на нештата од поинаква перспектива. Силна трага ми оставаат и малите детски победи – радоста за научена буква, гордоста за добиена ѕвездичка за задача без грешка или возбудата за напредок во брзина на читање, но уште посилна трага ми оставаат развојните напредувања, особено кај учениците што се соочуваат со тешкотии во учењето зашто тогаш најмногу ја чувствувам смислата на мојата професија.
Која е најважната лекција што сте ја добиле од нив?
– Од учениците научив дека треба да бидам трпелива, да ги почитувам нивните индивидуални разлики и да применувам разновидни наставни пристапи за да ги препознавам и развивам нивните потенцијали. Така, секој ученик добива можност да напредува според своите можности и да верува во себе. Тие ме научија дека успехот не значи сите да стигнат до целта во исто време, туку секое дете да добие можност да го направи својот следен чекор.
А, од колегите?
– Споделувањето на знаењата и искуствата со другите колеги е важен дел за професионалниот раст. Секое споделено знаење прави позитивна промена во некоја училница. Кога си помагаме едни на други, создаваме професионална заедница во која напредува секој наставник, а најголема придобивка имаат учениците.
Што би смениле во денешниот образовен систем?
– Би вовела задолжително предучилишно образование, со поголем акцент на учењето преку игра, престојот во природа и стекнувањето животни вештини. Во училиштата би ги подобрила условите за работа, обезбедувајќи дигитални уреди и стабилен интернет, а истовремено би ја намалила административната оптовареност на наставниците. Би ги преиспитала моделите на инклузивно образование, за секое дете да добие соодветна поддршка според своите потреби. Исто така, би ги растоварила наставните програми од непотребни и апстрактни содржини, особено во почетните одделенија, и би го модернизирала образованието на идните наставници, подготвувајќи ги за реалните предизвици на современото училиште.
Што ви е најважно да им пренесете на учениците?
– Љубовта кон учењето и желбата постојано да се надградуваат, да веруваат во себе и во сопствените можности, да размислуваат критички и креативно и храбро да ги следат своите соништа. Сакам да израснат во личности што ќе се почитуваат себеси и другите, ќе покажуваат емпатија и солидарност и ќе разбираат дека вистинската вредност на човекот не се мери само со неговото знаење и успеси туку и со добрината што ја споделува и со трагата што ја остава во животите на другите.
































