МОСКВА ЈА ПОТВРДУВА МАКЕДОНСКАТА ЦРКОВНА САМОСТОЈНОСТ

  • Посетата на македонската црковна делегација на Москва е повеќе од протоколарен чин. Таа е потврда на црковниот субјективитет на МПЦ-ОА и важен сигнал во сложените односи во православниот свет

Посетата на делегацијата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) на Москва и средбата со рускиот патријарх Кирил, по повод неговиот 80-ти роденден, отвораат значајно поглавје во актуелните меѓуправославни односи. Настанот има пошироко значење од вообичаената црковна дипломатија. Имено, станува збор за афирмација на македонскиот црковен идентитет, историското име и правото на МПЦ-ОА самостојно да го развива својот духовен и институционален живот.

МОСКВА ИСПРАЌА ЈАСНА ПОРАКА ЗА МАКЕДОНСКОТО ЦРКОВНО ИМЕ

Патријархот Кирил ја прими македонската делегација во Патријаршиската резиденција во Даниловиот манастир, при што во официјалната комуникација, Руската православна црква ја именува македонската црковна институција со нејзиното целосно име – Македонска православна црква – Охридска архиепископија. Ова е особено значајна порака од Москва. Уште поважно, во разговорот беше нагласено дека односите меѓу двете цркви активно се развиваат и дека македонските архијереи настапуваат како претставници на автокефална помесна црква. Последново, пак, е значајна потврда за црковниот субјективитет на МПЦ-ОА, особено ако се има предвид дека нејзиниот пат кон целосно меѓуправославно прифаќање со години беше оптоварен со политички, историски и црковни условувања.

ВСЕЛЕНСКАТА ПАТРИЈАРШИЈА, ИМЕТО И ГРАНИЦИТЕ НА ЦРКОВНОТО УСЛОВУВАЊЕ

Најчувствителното прашање останува односот со Вселенската (Цариградската) патријаршија, односно Фанарот. Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан во мај 2024 година јавно посочи дека во разговорите за томос за автокефалност биле поставени услови што македонската црковна страна ги смета за неприфатливи. За потсетување, условите на Цариградската патријаршија се однесуваа на откажување од името Македонска православна црква, отстапување од дел од дијаспорските епархии и признавање на Православната црква на Украина. А токму овие испорачани барање се далеку од тоа да се само формално-канонски.
Името е прашање на историски континуитет и идентитет, дијаспората е прашање на духовната грижа за македонските верници надвор од државните граници, а признавањето на други црковни структури не може да биде наметнато како услов за сопственото црковно достоинство.
Одбивањето на ваквите условувања од страна на архиепископот Стефан ја поставува суштинската линија на македонската црковна позиција. Автокефалноста не може да значи откажување од сопственото име, историја и идентитет. МПЦ-ОА не може да биде предмет на туѓи национални и црковни проекции.

ГРЧКИОТ НАЦИОНАЛЕН ФАКТОР И ПРАВОСЛАВНИТЕ ОДНОСИ

Во оваа смисла, односите со Фанарот треба да се разгледуваат и низ поширокиот историски контекст на влијанието на грчкиот национален фактор врз православните институции во регионот. Се разбира, Вселенската патријаршија е црковна институција со сопствено канонско гледиште, но нејзините позиции не се надвор од историските и политичките контексти во кои се формирани.
Затоа секое настојување македонската црква да се откаже од сопственото име или од дел од својата јурисдикција отвора прашање за границите меѓу канонскиот поредок и националното влијание.
Македонската црковна самостојност не може да биде предмет на преговарање во кое идентитетот би се третирал како отстапка. Слични чувствителни прашања постојат и во односите со Бугарската православна црква, каде што историското наследство, црковната традиција и толкувањето на македонскиот духовен континуитет остануваат дел од поширокиот спор за идентитетот. Но токму затоа МПЦ-ОА мора да настапува од позиција на самостојна црковна институција, а не како продолжена рака на која било национална или патријаршиска политика.

ГЕОПОЛИТИЧКИТЕ ПРОМЕНИ И НОВИОТ ПРОСТОР ЗА ЦРКОВНА ДИПЛОМАТИЈА

Симболиката на московската средба добива дополнителна димензија и во актуелните геополитички поместувања. Трилатералната средба на Доналд Трамп, Си Џинпинг и Владимир Путин во Шенжен на 19 ноември, проследена со заедничка декларација од четири точки, е показател за обидите на големите сили да воспостават нови механизми на меѓународна комуникација и стратешка стабилност. Иако декларацијата не се однесува на црковните прашања, пошироката промена на меѓународниот амбиент отвора простор и за нови дипломатски и верски релации. Во таков контекст, позицијата на Руската православна црква и патријархот Кирил добива дополнителна важност за македонските црковни интереси. Тоа не значи автоматски фронт против Цариград, ниту гаранција дека Москва ќе ги реши сите отворени прашања на МПЦ-ОА. Но значи дека Македонската црква има можност да ги проширува своите меѓуправославни врски и да ја афирмира својата самостојност во поширокиот православен свет.

ОХРИДСКАТА АРХИЕПИСКОПИЈА – ИСТОРИСКИ КОНТИНУИТЕТ, А НЕ ПРЕДМЕТ НА ПРЕГОВОРИ

За Македонија, ова е прашање што ја надминува рамката на верските односи. МПЦ-ОА е еден од најважните историски столбови на македонскиот духовен и културен идентитет. Нејзината охридска традиција, наследството на Свети Климент и Свети Наум и кирилометодиевската духовна линија се дел од поширокото словенско и европско цивилизациско наследство. Затоа, иднината на МПЦ-ОА не смее да се гради врз откажување од нејзиното име, јурисдикција или историска меморија. Нејзината автокефалност треба да се потврдува преку рамноправни односи, богословски дијалог, меѓуцрковна соработка и меѓусебно почитување.

МОСКОВСКАТА СРЕДБА – ПОЧЕТОК НА ПОШИРОКА АФИРМАЦИЈА

Московската средба е важен чекор во тој правец. Нејзината вистинска вредност ќе се препознае кога ќе следуваат конкретни резултати како што се на пример, продлабочена богословска соработка, образовни врски, заеднички црковни иницијативи и поширока афирмација на македонскиот црковен субјективитет.
МПЦ-ОА не бара привилегија, туку она што навистина и припаѓа -рамноправност. Не бара туѓо име, туку почитување на сопственото. Не бара покровител, туку признавање на правото самостојно да го определува својот црковен пат. Тоа е суштината на македонската црковна борба – автокефалност без условувања, идентитет без отстапки и православно единство без хиерархија на национални интереси.


Од уреднички агол

МПЦ-ОА го проширува своето место во православниот свет

Посетата на македонската црковна делегација на Москва не треба да се гледа само низ протоколарната рамка на една јубилејна средба. Нејзиното вистинско значење е во пораката дека Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) има свое место, име и достоинство во православниот свет. Официјалниот и јавен настап на Московската патријаршија, односно именувањето на МПЦ-ОА со нејзиното целосно име и приемот на македонските архијереи како претставници на автокефална помесна црква се важни елементи на оваа афирмација. Тоа е потврда дека македонскиот црковен субјективитет може да биде прифатен и почитуван без барања за откажување од сопствениот идентитет. Токму тука траба да се бара битието на средбата во Москва.
Македонската црква со децении се соочува(ше) со оспорувања, условувања и обиди нејзиното историско име и духовно наследство да бидат ставени под знак прашалник. Денес, кога нејзината автокефалност е воспоставена, пред неа стои нова задача, а тоа е истата таа да ја претвори од вратена самостојност во реална и поширока меѓународна црковна афирмација.
Москва во тој процес е важен партнер, но не би требало да биде единствената адреса. Нашиот архиепископ г.г. Стефан направи исклучително храбар чекор отфрлајќи ги испорачаните услови од Фанарот, а ова сега е нов, колосален исчекор со добивањето потврда на црковниот субјективитет и статусот на МПЦ-ОА, како важен сигнал во сложените односи во православниот свет. Би било добро да се задржи континуитетот на МПЦ-ОА во оваа насока и како нареден чекор МПЦ-ОА да продолжи со активна црковна дипломатија и да ги развива односите со сите помесни православни цркви. Не со молба за идентитет, туку со понуда за рамноправен дијалог, духовна соработка и заедничко сведочење на православната вера.

Особено е важно македонската црковна самостојност да не биде заложник на геополитичките спротивставувања меѓу Москва и Цариград, ниту на историските и националните недоразбирања со соседните цркви. МПЦ-ОА не треба да избира покровител, туку да гради односи со сите, врз основа на меѓусебно почитување и признавање на нејзиниот црковен идентитет.
Тоа подразбира и принципиелен став. Имено, ниту една помесна црква не треба да бара од македонската да се откаже од своето име, историски континуитет или духовна јурисдикција како цена за соработка.
Македонската црква многу нешта изнедрила. Охридската архиепископска традиција, делото на Свети Климент и Свети Наум, како и длабоките корени на словенската писменост и духовност, се вредности што ја надминуваат националната рамка и претставуваат дел од поширокото православно наследство.
Затоа московската средба треба да биде почеток, а не крај на еден процес. Вистинскиот успех ќе биде кога целосното име и автокефалниот субјективитет на МПЦ-ОА ќе бидат вообичаено прифатени во официјалната комуникација и практичните односи со сите помесни православни цркви.

Се препознава дека МПЦ-ОА не се задоволува со симболични признанија, туку нејзината цел е низ активна, рамноправна и видлива позиција да биде рамноправна во православното семејство.
Автокефалноста не е само право да се управува со сопствената црква. Таа е и обврска да се гради нејзиниот меѓународен авторитет.
Сега треба да се забележи во историјата дека Москва покажа дека за македонското име и црковно достоинство има простор за почитување. Доаѓа време кога тој простор треба да се прошири кон сите православни престоли. Охрид не треба да бара место во православниот свет. Треба рамноправно да го заземе местото што му припаѓа според својата историја, традиција и црковен живот. Р.Н.М.


Честитката на поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија до неговата светост патријархот Кирил по повод 80-годишнината од раѓањето

Ваша Светост, возљубен во Господа Собрате и сослужителу пред Божјиот престол!

Примете ги моите срдечни честитки по повод Вашиот 80. роденден, како и моите молитвени желби Господ и понатаму да Ве укрепува, дарувајќи Ви здравје, мир и духовна радост. Овој значаен јубилеј е посебен повод со благодарност кон Бога да се потсетиме на Вашиот животен пат, исполнет со пожртвувано служење во полза на Светата Црква. Уште од првите години на Вашето црковно служење, па сè до денес, со непоколеблива верност и ревност се трудите на Господовата нива, не штедејќи ги своите духовни сили и целосно посветувајќи ги даруваните Ви таланти во слава Божја и за доброто на паствата што Ви е доверена. Во Вашето одговорно првосветителско служење, на чело на Руската православна црква, во полна мера доаѓаат до израз Вашата духовна мудрост и Вашата татковска грижа. Соочено со сложените предизвици на нашето време, Вашето првосветителско служење претставува сведоштво за цврстината во верата и за свеста за одговорноста на оној кому му е доверено да го води Божјиот народ по патот на спасението. Молитвено посакувам Господ, Кој и досега Ве укрепувал со Својата благодат, и понатаму да биде со Вас, дарувајќи Ви премудрост во архипастирското раководење, духовна сила во носењето на тешкиот крст на првосветителското служење и мир кој го надминува секое човечко разбирање. Уште еднаш, од сè срце Ви го честитам овој значаен јубилеј, молитвено просејќи од Господа да Ве сочува во добро здравје и мир, да Ве укрепува во Вашето свето служење и да Ви дарува уште многу благословени години, за доброто на Светата Руска православна црква и на целото Православие, во слава на Неговото Свето Име.

На многу и благи години, Ваша Светост!

Со братска љубов во Господа,

+ СТЕФАН
Архиепископ охридски и македонски