Фото: Мирјана Ѓорѓиевска

Откриј ги тајните на живиот свет

  • Бидејќи сте многу љубопитни и желни за знаење, за учење и за откривање на непознатото, токму затоа во соработка со Македонското еколошко друштво ја воведовме рубриката „Откриј ги тајните на живиот свет“, со цел преку интересни факти да ви ги претставиме македонските природни богатства

Со распон на крилјата што може да достигне и до три метри, кадроглавиот пеликан е една од најголемите летачки птици во светот. Со својата големина, карактеристичен клун и препознатлива грива од сребрени перја на тилот, тој е вистински симбол на големите слатководни езера и влажните екосистеми во Југоисточна Европа и Азија.
Кадроглавите пеликани најчесто живеат во близина на слатководни езера и други влажни живеалишта, но може да се сретнат и во крајбрежни морски лагуни, речни делти и широки речни устија. За размножување избираат мали острови во езерата или места со густа водна вегетација, особено трска. Сезоната на размножување започнува во март и април, а женката може да снесе од едно до шест јајца. Пилињата се изведуваат без пердуви, но брзо се развиваат – по околу шест недели можат самостојно да ловат риба, а по десетина недели започнуваат да летаат.
Во сезоната на размножување, неговото сребрено-бело перје добива особен сјај, во контраст со портокалово-црвената торбичка под клунот и жолто-пурпурната кожа околу очите. Во текот на зимата неговото перје го губи сребрениот сјај и станува побелузлаво или сивкаво, додека карактеристичните бои на голата кожа околу очите и торбичката под клунот постепено избледуваат.
Еден од најзначајните животни простори за оваа впечатлива птица е Преспа. Впрочем, Преспанскиот Регион е дом на една од најголемите колонии на кадроглави пеликани во светот, а областа има особено значење за нивниот опстанок. Притоа, пеликаните се гнездат на бреговите на Малото Преспанско Езеро, додека водите на Големото Преспанско Езеро им обезбедуваат дополнителни можности за исхрана. Така, двете езера се дел од еден поврзан екосистем, кој им овозможува на овие големи птици да се размножуваат, да се одмораат и да се хранат.
Особено е фасцинантен начинот на кој пеликаните ловат риба. Иако понекогаш ловат сами, често може да се видат како соработуваат во групи. Тие пливаат рамо до рамо, формирајќи компактна линија или полукруг, со што ја насочуваат рибата кон поплитките делови и полесно ја фаќаат. Ова колективно однесување е еден од највпечатливите примери на кооперативен лов кај птиците.
Но опстанокот на кадроглавиот пеликан е тесно поврзан со состојбата на неговите живеалишта. Птичјиот грип во изминатите години предизвика значителни загуби кај пеликанските популации, додека климатските промени, промените во водостојот, нарушувањето на влажните живеалишта и различните човечки активности создаваат дополнителен притисок. Затоа, заштитата на пеликаните не значи само заштита на една впечатлива птица – туку и зачувување на езерата, островите, трската, рибниот фонд и целиот екосистем од кој тие зависат.

Текст: МЕД