Осумдесет и две години од основањето на првиот државен симфониски оркестар во Македонија
- Додека во многу делови од Европа сè уште беснеела Втората светска војна, во Скопје веќе се граделе темелите на културната иднина. Во тие ноемвриски денови во 1944 година, во еден скромен дом во ослободено Скопје бил основан оркестар, со што била испишана уште една значајна страница од приказната на современа Македонија. Основањето на првиот државен симфониски оркестар затоа останува еден од
најубедливите докази дека генерацијата од 1944 година не мислела само како да стекне слобода туку и како да ја претвори во државност
Само неколку дена по ослободувањето на Скопје, додека низ градот сè уште биле видливи трагите од војната, а одекот на последните битки не бил целосно замолкнат, група македонски музичари и културни дејци направиле потег што денес се препознава како еден од најзначајните државотворни чинoви во културната историја на Македонија. На 24 ноември 1944 година во домот на Тодор Скаловски бил основан првиот државен симфониски оркестар, темелот на денешната Македонска филхармонија. Во историскиот контекст на 1944 година овој настан има значење далеку поголемо од формирање музички ансамбл. Македонија штотуку излегувала од децении на национални оспорувања, асимилаторски политики и борба за културно и политичко признавање. Народноослободителната борба не била само воен судир против окупаторските сили. Таа претставувала и борба за право на сопствен јазик, сопствени образовни установи, сопствени културни институции и сопствен национален израз.
Не чекаа подобри времиња
Токму затоа, веднаш по ослободувањето, генерацијата што ја создава современата македонска држава не застанала на воената победа. Нејзините припадници биле свесни дека слободата нема вредност ако не биде претворена во институции што ќе ја чуваат и развиваат. Додека се поставувале темелите на народната власт, образованието и културниот живот, паралелно започнувало и создавањето на првите национални културни установи.
Создавањето симфониски оркестар во тие услов било јасна порака дека Македонија сака да биде не само политички ослободена туку и духовно еманципирана. За луѓето од 1944 година државноста подразбирала сопствени институции, сопствен културен развој и простор во кој македонскиот народ ќе ја изразува својата креативност на свој јазик и на свое тло.
Оваа одлука добива уште поголема тежина ако се знае дека станувало збор за создавање на првиот државен симфониски оркестар во ослободена Македонија, институција што подоцна ќе прерасне во денешната Македонска филхармонија, единствениот национален симфониски оркестар во државата. Оркестарот бил формиран само единаесет дена по ослободувањето на Скопје, со јасна намера да стане носител на музичкиот и културниот живот во новата држава.
Од партизански униформи до партитури
Особено е впечатлив фактот што некои од присутните на основачкиот состанок сè уште биле во партизански униформи. На средбата присуствувале Васил Ѓаконов-Шпато, Тодор Календаров, Петар Трајков, Стефан Кралев, Александар Шалев, Фрањо Млчок, Херман Зип, Петар Симоновиќ и Душан Парлиќ. Тоа е можеби една од најсилните слики од тој период: луѓе што само неколку дена претходно учествувале во ослободувањето на земјата, веќе размислувале како да ја изградат нејзината културна иднина. Во своите почетоци оркестарот имал околу триесет музичари, предводени од Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев, две личности што ќе одиграат клучна улога во развојот на македонската музичка култура. Првично настапувал на свечености, академии и јавни собири, а својот прв јавен симфониски концерт го одржал на 15 декември 1945 година.
Успешно исполнета македонската визија
Но токму околностите во кои бил создаден му даваат посебна историска тежина. Тоа не била институција родена во услови на стабилност, благосостојба и изобилство. Напротив. Оркестарот бил создаден во време кога Македонија допрва ги градела своите државни органи, ги отворала првите училишта на македонски јазик и ги создавалa темелите на современата македонска државност. Затоа формирањето симфониски оркестар претставувало визионерски чин на луѓе што разбирале дека културата е една од најважните потпори на секоја држава.
Самата Македонска филхармонија денес своето основање го опишува како „револуција во духовна смисла“, нагласувајќи дека неколкумина уметници непосредно по војната ги замениле пушките со музички инструменти и започнале да создаваат институција што ќе стане еден од симболите на македонската култура.
Историјата потврдила дека нивната визија била исправна. Во изминатите осум децении Македонската филхармонија прерасна во еден од главните носители на музичкиот живот во земјата и амбасадор на македонската уметност во светот. Настапувала во многу европски и светски држави, соработувала со врвни домашни и странски диригенти и солисти и изградила репутација на институција што достојно ја претставува македонската култура надвор од нејзините граници.
Затоа 24 ноември не е само датум од историјата на една културна установа туку и сведоштво за државотворната зрелост на генерацијата од 1944 година. Таа генерација разбрала дека слободата не завршува со ослободувањето на територијата, туку всушност тогаш почнува. Таа се потврдува преку отворањето училишта, театри, архиви, научни установи и оркестри. Во институции што му даваат трајна содржина на историскиот чин на ослободувањето.
Додека во многу делови од Европа сè уште беснеела Втората светска војна, во Скопје веќе се граделе темелите на културната иднина. Затоа основањето на првиот симфониски оркестар останува еден од најубедливите докази дека генерацијата од 1944 година не мислела само како да ја добие слободата туку и како да ја претвори во државност. Во тие ноемвриски денови, во еден скромен дом во ослободено Скопје, била испишана уште една страница од приказната за создавањето на современа Македонија.
Тодор Скаловски – композитор и диригент што остави неизбришлива трага
во македонската култура
Кога се зборува за темелите на современата македонска музичка култура, името на Тодор Скаловски неизбежно стои меѓу најзначајните личности. Композитор, диригент, педагог, организатор и визионер… сведок на создавањето на современата македонска држава, како и еден од луѓето што активно ја граделе нејзината културна инфраструктура. Роден во Тетово на 21 јануари 1909 година, а починат во Скопје во 2004 година, Скаловски припаѓа на првата генерација македонски повоени композитори и музички дејци. Неговата животна мисија била неразделно поврзана со создавањето на македонските национални институции. Во ноември 1944 година токму во неговиот дом во Скопје се одржал основачкиот состанок на првиот симфониски оркестар, од кој подоцна ќе израсне Македонската филхармонија. Тој бил нејзин основач, прв шеф-диригент и директор, оставајќи неизбришлива трага во формирањето на музичкиот живот во новоослободена Македонија.
Но неговата државотворна улога не завршува тука. Тодор Скаловски бил и основач, прв шеф-диригент и директор на Македонската опера, учествувал во создавањето на клучните музички организации во државата и бил меѓу луѓето што ја обликувале културната политика на современа Македонија. Неговата работа претставува исклучителен пример за создавањето институции што ќе ја чуваат и развиваат уметноста за идните генерации.
































