Фото: ЕПА

ТЕНИС

  • Гледајќи го Алкараз овие неколку недели лесно би било да се заборави дека во период од четири месеци годинава едвај зеде рекет, ги пропушти поголемиот дел од сезоната на земја и целата сезона на трева поради повреда. Потоа освои трофеи на четири од петте турнири на кои настапи и стана најмладиот што ги освои сите четири гранслем-титули и АТП-финалето

Сезоната за тенисери заврши како што почна, со Карлос Алкараз, кој крена еден од најголемите трофеи во спортот, пишува „Би-би-си“. Во јануари, тој го освои Австралија опен, со кој го комплетира кариерниот гранслем. Десет месеци подоцна, тој победи во Торино, откако го заврши своето чекање за прва титула на АТП-финалето.
Гледајќи го Алкараз овие неколку недели лесно би било да се заборави дека во период од четири месеци годинава, 23-годишниот тенисер едвај зеде рекет, пишува „Би-би-си“. Тој ги пропушти поголемиот дел од сезоната на земја и целата сезона на трева поради повреда на зглобот. Поминаа 84 дена откако Алкараз се врати на САД опен, каде што разбирливо се покажа неговиот недостиг од физичка подготвеност. Тој се снајде во раните рунди, но загуби епски натпревар во четврт-финалето во пет сета со Бен Шелтон. Оттогаш, Шпанецот победи во 21 од своите 22 меча, вклучувајќи ги и сегашните 14 во низа, и освои титули на четири од петте турнири на кои учествуваше, пишува „Би-би-си“.
Тој продолжува да пишува историја, исто така, станувајќи најмладиот човек што ги освои сите четири гранслем-титули и АТП-финалето. Ова беше трет турнир по ред што го освои, по победите на Отвореното првенство на Виена и Мастерсот во Париз претходно во ноември, а сега има девет победи по ред против играчи од првите 10, пишува „Би-би-си“. Поранешниот светски број еден, сега рангиран на третото место зад Зверев и зад Јаник Синер, продолжува да го надоместува изгубеното време додека се обидува брзо да се врати на врвот на спортот.
Алкараз, веќе седумкратен гранслем-победник, чувствува дека неговиот сопствен раст во менталната страна на спортот го однел на различно ниво во претходните месеци и тој особено посочи на новото чувство за перспектива што го стекнал од времето надвор од тенисот, инспирирајќи ја неговата блескава форма на крајот од годината, пишува „Би-би-си“.

– Повредата ме натера да сфатам што е навистина важно. Не е победата. Станува збор само за играње тенис. Сфатив дека е подарок секојпат кога можам да стапнам на теренот и да се натпреварувам. Кога ќе го сфатите тоа, сѐ станува полесно. Не се чувствувам под стрес поголемиот дел од времето. Мислам дека во моментов сум позрел, или чувствувам дека, на тениски терен, се соочувам со проблемите и тешките моменти на поинаков начин – рече Алкараз, пренесе „Би-би-си“.
Ова беше 30. титула во неговата кариера, израмнувајќи се со ривалот Синер и зад рекордерот во машка конкуренција, 24-кратниот победник на гранслем-турнирите Новак Ѓоковиќ (102 трофеи) меѓу активните АТП-играчи. Победата во Париз го остави на две титули од достигнување на Синер и Ѓоковиќ за комплетирање на т.н. златен мастерс во кариерата, со освојување на сите девет мастерс-турнири од серијата 1.000, турнири што се веднаш под гранслем-турнирите. Н.М.


ОСВОЈУВАЧИ НА ГОЛЕМИТЕ ТРОФЕИ

ТУРНИР АЛКАРАЗ СИНЕР ЃОКОВИЌ НАДАЛ ФЕДЕРЕР
Австралија опен 1 2 10 2 6
Ролан Гарос 2 – 3 14 1
Вимблдон 2 2 7 2 8
САД опен 2 1 4 4 5
Индијан Велс 2 1 5 3 5
Мајами 1 2 6 – 4
Монте Карло 1 1 2 11 –
Мадрид 2 1 3 5 3
Рим 1 1 6 10 –
Канада – 1 4 5 2
Синсинати 1 1 3 1 7
Шангај – 1 4 – 2
Париз 1 1 7 – 1
АТП-финале 1 2 7 – 6
Олимписки игри – – 1 1 –
ВКУПНО 17 17 72 58 50

Извор: „Би-би-си“