Во Музејот на македонската борба
Минатата седмица во организација на Здружението на просветни работници на градот Скопје, а во соработка со Град Скопје, се одржа манифестацијата „Просветен работник на годината на град Скопје“ за учебната 2025/2026 год.
Преку прикладна приредба им се доделија признанија на најуспешните просветни работници од сите сфери на образованието што се истакнале со својот труд и достигнувања во својата воспитно-образовна работа. Во Музејот на македонската борба за самостојност, признанијата ги доделија градоначалникот на градот Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и претседателката на здружението Катерина Митковска.
Во преполната сала присуствуваа претставници од Бирото за развојот на образованието, Сојузот на просветни работници на Македонија, невладини организации и соработници на здружението и новинари, а со своето учество програмата ја збогатија ученици од неколку училишта од територијата на градот Скопје.
Добитнички на признанието се: м-р Сања Алексоска, воспитувачка во ЈУДГ „13 Ноември“, Општина Центар; м-р Виолета Ѓорѓиевска, одделенска наставничка во ООУ „Александар Македонски“, Општина Аеродром; Надица Митевска, одделенска наставничка во ООУ „Војдан Чернодрински“, Општина Карпош; Даниела Радевска, предметна наставничка во ООУ „Лазо Трповски“, Општина Карпош; Анита Диневска Геговска, предметна наставничка во средното стручно училиште СМУГС „Д-р. Панче Караѓозов“; м-р Тина Симиќ Ацковска, стручна соработничка – дефектолог во ООУ „Лазо Ангеловски“, Општина Аеродром; и Даниела Панајотова, стручна соработничка – педагог во ООУ „Петар Поп Арсов“, Општина Карпош.
Здружението не ги заборави и пензионираните просветни работници што дале децениски придонес во воспитно-образовниот процес. Признанието за особен придонес во воспитно-образовната дејност ѝ беше доделено на Софка Коцева, наставничка, а подоцна и над две децении советничка во Бирото за развој на образованието. Ф.Д.
































