Родителите на младите кои ги загубија животите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ изразија незадоволство од динамиката на судската постапка и од придонесот на сведоците предложени од одбраната. На денешното рочиште, кое се одржа во судницата во затворот „Идризово“, беа сослушани само двајца од вкупно седумте сведоци предложени од одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов – Деко, пренесе МИА.
По завршувањето на рочиштето, Александар Наунов, во име на семејствата на загинатите, посочи дека од седумте најавени сведоци се појавиле само двајца, двајца биле повлечени, додека пиротехничарот, кој бил предложен како сведок, сè уште не можат да го пронајдат ниту судот ниту одбраната.
Наунов го доведе во прашање и значењето на сведочењето на Бојан Спасовски од Гевгелија, кој, според неговата оценка, не ги потврдил претходните најави дека имало запалување на озвучувањето во објектот. Наместо тоа, сведокот зборувал за испуштање чад од прскалките.
– Се поставува сериозно прашање – дали воопшто постои тој фамозен пиротехничар и врз основа на кои податоци е предложен како сведок? Сведокот Бојан од Гевгелија, пак, не ги потврди претходните најави дека имало запалување на озвучувањето. Според неговото сведочење, немало запалување, туку само испуштање чад – изјави Наунов.
Тој нагласи дека секое ново рочиште за родителите значи повторно соочување со траумата од трагичната ноќ, додека одолговлекувањето на постапката и, како што оцени, нерелевантните сведочења создаваат дополнителни трошоци за државата.
– Не бараме привилегии, туку сериозна, ефикасна и правична судска постапка, во која секој доказ и секој сведок ќе придонесат за утврдување на вистината. Нашата болка е реална, нашата загуба е неповратна, а нашето трпение не е бесконечно. Зад секое рочиште стојат родители кои ги загубија своите деца. За нас ова не е обичен судски предмет. Ова е борба за вистината, одговорноста и правдата за 63 изгубени млади животи – порача Наунов.
За денешното рочиште одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов предложила седум сведоци, но присуствувале и биле сослушани само двајца. Двајца сведоци биле повлечени, за еден било посочено дека постои проблем со адресата, додека двајца не се во земјава и најавиле дека ќе можат да присуствуваат кон крајот на декември, односно во јануари.
Од преостанатите сведоци предложени од одбраната на Јованов, уште 11 треба да бидат сослушани. За следното рочиште одбраната треба да ги обезбеди Стојан Ампов и Марија Јованова, додека за останатите сведоци Судот ќе испрати покани.
На денешното рочиште прва беше сослушана Анастасија Соколова, која од 2022 до 2025 година хонорарно работела како шанкерка во „Пулс“, за време на викендите, а била на смена и кобната вечер на 16 март.
Таа сведочеше дека жариштето на пожарот било во близина на задната врата, по што присутните во паника се упатиле кон главниот влез, каде настанало стампедо. Од противпожарната опрема, како што посочи, во дискотеката забележала апарати само во билетарата.
Втор сослушан беше Бојан Спасовски, угостител од Гевгелија, во чиј кафе-бар настапувала и групата ДНК. Тој потврди дека во декември 2023 година групата имала настап во неговиот објект, со кој, како што рече, договорот бил усен.
Спасовски посочи дека не бил информиран оти за време на настапот ќе се користат прскалки. За нив дознал откако ги забележал, бидејќи, како што рече, продолжиле да испуштаат многу чад и по гаснењето.
Судската постапка е во доказна фаза и продолжува на 11 ноември со изведување докази на одбраната, која најавила повеќе од 240 сведоци.
Судењето започна на 19 ноември 2025 година, кога на обвинителна клупа седнаа 35 физички лица и три правни лица, осум месеци по трагедијата. Во меѓувреме, еден од обвинетите, Љупчо Грнчиштанов, почина.
Постапката ја води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на 16 март 2025 година, за време на настапот на групата ДНК, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
































