Фото: Паркинзи Општна Центар

ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ предупредува на појава на лажни СМС-пораки преку кои непознати лица го злоупотребуваат името на претпријатието за да измамат граѓани и да дојдат до нивните лични и банкарски податоци.

Во пораките граѓаните се известуваат за наводни неплатени обврски за паркирање, при што им се испраќаат линкови до лажни интернет-страници на кои се бара да извршат уплата. Дополнително, испраќачите се закануваат со парични казни од најмалку 20.000 денари, како и со суспензија на регистрацијата на возилото доколку обврската не биде подмирена.

Од ЈП ПОЦ категорично демантираат дека тие ги испраќаат ваквите пораки и посочуваат дека станува збор за обид за интернет-измама, односно фишинг, при што се злоупотребува името на претпријатието.

Оттаму апелираат до граѓаните да не одговараат на сомнителните СМС-пораки, да не ги отвораат испратените линкови и да не внесуваат лични или банкарски податоци. Исто така, предупредуваат да не се вршат никакви уплати преку линковите наведени во пораките.

Граѓаните кои веќе ги внеле податоците од своите платежни картички или извршиле уплата треба веднаш да ја контактираат банката и да го пријават случајот во Министерството за внатрешни работи.

За проверка на евентуални неплатени обврски за паркирање, од ЈП ПОЦ нагласуваат дека треба да се користат исклучиво официјалните канали за комуникација: веб-страницата www.poc.mk, електронската адреса [email protected], како и телефонските броеви 02/3212-488 и 02/3212-489.

Од претпријатието повикуваат на зголемена внимателност при добивање вакви пораки, со цел да се избегнат финансиски штети и злоупотреба на личните податоци.