Колоризација и обработка Дејан Јовески - „Нова Македонија“

Осумдесет и шест години од објавување на стихозбирката „Бели мугри“ на Коста Солев Рацин

  • Пред 86 години од печат излезе стихозбирката што означи пресвртница во македонската литература и стана сведоштво за постоењето на
    македонскиот јазик, култура и национална самобитност во време кога тие беа оспорувани и негирани. Кога на 25 ноември 1940 година во
    загрепската печатница на Драгутин Шпулер била отпечатена стихозбирката „Бели мугри“, малкумина можеле да претпостават дека оваа книга ќе го надживее своето време и ќе прерасне во едно од најзначајните дела на македонската национална и културна историја

Се одбележуваат 86 години од објавувањето на стихозбирката „Бели мугри“ на Коста Солев Рацин, како една од темелните точки во развојот на современата македонска книжевност. По стихозбирките „Народни бигори“ и „Огинот“ на Венко Марковски, „Бели мугри“ претставувала нов и особено значаен исчекор во афирмацијата на македонскиот литературен јазик и книжевен израз. Според повеќе сведоштва и истражувања, во објавувањето на стихозбирката поддршка дал и Мирослав Крлежа, еден од најзначајните хрватски и југословенски писатели. Но вистинското значење на книгата се покажало дури подоцна. Во време кога македонскиот јазик бил предмет на негирања, а македонскиот народ се соочувал со оспорување на своите национални особености, „Бели мугри“ станала силна потврда за постоењето на автентичен македонски културен и духовен израз. Токму затоа ова дело одамна ги надминало книжевните рамки. Денес „Бели мугри“ не се восприема само како литература туку и како симбол на македонската национална мисла и самосвест.

Поезија што ја претвори народната мака во национална порака

Печатена во четири илјади примероци и потпишана со псевдонимот К. Рацин, од безбедносни причини и поради политичките околности во тогашна Југославија, „Бели мугри“ содржи дванаесет песни распоредени во пет тематски циклуси, напишани претежно на велешки дијалект, со елементи од западномакедонските говори. Во нив Рацин создава моќна поетска слика за животот на македонскиот човек меѓу двете светски војни, обработувајќи теми како аргатската мака, сиромаштијата, класната неправда, печалбарството, револтот против експлоатацијата и стремежот кон послободен и поправеден живот. Самиот наслов носи длабока симболика. Белите мугри не се само утро и почеток на нов ден. Тие се метафора за надежта, за очекувањето подобро време и за вербата дека обесправените луѓе еден ден ќе дочекаат достоинствен живот.
Во песните „Денови“, „Селска мака“, „Тутуноберачите“, „Копачите“, „Проштавање“, „На Струга дуќан да имам“, „Елегии за тебе“, „Утрото над нас“ и „Татунчо“ се испреплетуваат личната болка и колективната судбина на македонскиот народ. Рацин успева народната песна, народниот јазик и народното чувство да ги издигне на ниво на современа поезија со универзална вредност. Потпирајќи се врз богатата македонска усна традиција и врз наследството на браќата Миладиновци, тој создава поезија што истовремено е народна и модерна, едноставна по израз, а длабока по значење. Оттука, „Бели мугри“ претставува врвен дострел во неговото творештво и едно од најзначајните достигнувања во историјата на македонската литература.
Делото е неразделно од животот на Кочо Рацин и од неговите политички и национални убедувања. Во суштина, стихозбирката ја потврдува способноста на македонскиот јазик да ги изрази и најсуптилните човечки чувства токму во период кога неговото постоење било оспорувано. Од таа творечка синтеза произлегува поезија што останува автентична, изворна и длабоко човечка. Со исклучителна емотивна сила Рацин зборува за страдањата на обичниот човек, но истовремено и за неговата надеж. Неговите стихови не се само сведоштво за едно тешко време туку и повик кон иднината. Токму затоа „Бели мугри“ го отвора патот на современата македонска книжевност и го втемелува Рацин меѓу нејзините најзначајни основоположници.

Стихозбирката „Бели мугри“ стана аргумент во одбрана на Македонија

Влијанието на книгата не останало само во областа на литературата. Напротив, „Бели мугри“ многу брзо прераснала во симбол на македонската национална афирмација. Во истиот период кога стихозбирката се појавила пред читателите, српскиот археолог Никола Вулиќ одржал предавање во Српскиот културен клуб во Белград, подоцна објавено во весникот „Време“ под наслов „Јужна Србија или Македонија“. Основната цел на предавањето била да се негира правото на Македонците да го користат името Македонија како израз на сопствена народност и самобитност, а истовремено да се оспори и македонскиот јазик.
Овие ставови предизвикале силни реакции кај македонските студенти во Загреб. Студентското друштво „Вардар“ организирало протест со намера јавно да се соочи со ставовите на Вулиќ. За време на настанот дел од студентите протестирале против неговите тврдења, додека други ја истакнувале токму стихозбирката „Бели мугри“ како доказ за постоењето на македонскиот јазик, книжевност и култура. Настаните кулминирале со средба меѓу Кочо Рацин, неговите соработници и професорот Вулиќ. Во разговорите учествувале и Љупчо Арсов, Георги Василев, Благој Димитров Панко и Тихомир Анчев. Дискусијата добила пошироки историски и национални димензии. Рацин јасно нагласил дека името Македонија не претставува производ на туѓа пропаганда, туку дел од историската меморија и националната свест на народот што живее на овој простор. Тој потенцирал дека Македонците, како и другите балкански народи, имаат право на сопствена национална преродба и на сопствено историско име.
Токму затоа „Бели мугри“ станала сведоштво дека македонскиот јазик живее, дека македонската култура создава и дека македонската национална свест постои независно од сите нејзини оспорувачи. Осум и пол децении по нејзиното објавување, „Бели мугри“ останува еден од најзначајните симболи на македонскиот духовен и културен континуитет. Низ нејзините страници не проговорил само еден поет туку и еден народ што го барал правото на свој јазик, сопствен глас и сопствено место меѓу другите народи. Затоа денес „Бели мугри“ не е само класично книжевно дело. Таа е и документ на едно време, сведоштво за еден народен стремеж и потсетник дека понекогаш токму стиховите стануваат најсилниот доказ за постоењето на една нација.


Рацин како чувар на македонската самобитност

Во колективната меморија на Македонија, Коста Солев Рацин останува запаметен како еден од најголемите македонски поети и како еден од основоположниците на современата македонска книжевност. Но неговата историска улога далеку ги надминува границите на литературата. Во време кога Македонците немале сопствена држава, а нивниот јазик, култура и историја биле изложени на негирања и асимилаторски политики, Рацин покажал јасна и недвосмислена национална свест. Преку своето творештво и јавна дејност тој придонел за афирмација на македонските национални особености и за зачувување на македонскиот културен идентитет. Д.Ст.