Фото: ЦИА/Фејсбук

ЦИА и Канцеларијата на директорот на националното разузнавање на САД биле цел на хакерски напад во кој биле засегнати некласифицирани информации, објави „Си-ен-ен“, повикувајќи се на извори.

Според еден од изворите, нападот бил насочен кон систем што американските разузнавачки агенции го користат за анализа на податоци од отворени извори. Станува збор за јавно достапни информации кои се собираат и обработуваат за потребите на разузнавачките процени и следењето на безбедносните закани.

Засега не е познат обемот на нарушувањето на безбедноста, ниту колкав број податоци биле изложени или потенцијално компромитирани. Сепак, според изворите, класифицираните информации не биле цел на успешниот пристап.

Службеник од Канцеларијата на директорот на националното разузнавање, институција која ја надгледува работата на 17 американски разузнавачки агенции, меѓу кои и ЦИА, изјавил дека не дошло до нарушување на работењето на критичните оперативни капацитети или класифицираните системи.