Фото: Александар Шапиќ / Официјален фејсбук профил

Третото основно јавно обвинителство во Белград ги проверува имотот и приходите на градоначалникот на српската престолнина, Александар Шапиќ, по пријава од Агенцијата за спречување корупција поради сомневање за непријавување имот и приходи или доставување неточни податоци, објави српската национална телевизија РТС.

Обвинителството подготвило барање за меѓународна правна помош до надлежните италијански органи во врска со недвижностите во Трст што се споменуваат во пријавата, пренесе телевизијата. Документот, кој е доставен до овластен преведувач за превод на италијански јазик, содржи барање за информации за сопственоста, површината, вредноста и начинот на стекнување на имотите.

Побарани се и податоци за банкарските сметки, движењето на средствата на нив и трансакциите кон странство, вклучително и за нивните износи, примателите и основата за исплатите, со цел да се утврди потеклото на парите искористени за купување на недвижностите.

Од Обвинителството наведуваат дека предметот го добиле на 31 декември 2025 година од специјализираното одделение за борба против корупцијата при Вишото јавно обвинителство во Белград. Во доставените материјали немало информации за претходно преземени дејствија за проверка на наводите во пријавата.

По добивањето на одговорот од италијанските власти, Обвинителството ќе ги анализира информациите и документацијата, заедно со доказите собрани во Србија, и ќе оцени дали постојат законски основи за кривично гонење на Шапиќ, наведува РТС.

Проверката се спроведува во рамките на предистражна постапка, согласно член 101 од српскиот Закон за спречување корупција. Засега Обвинителството не соопштило дека е поднесено обвинение против белградскиот градоначалник.

Вчера, Собранието на Град Белград ја отфрли иницијативата на опозицијата за разрешување на Александар Шапиќ од градоначалничката функција. За негово разрешување гласаа 34 советници, еден беше против, додека претставниците на мнозинството во технички мандат, составено од Српската напредна партија (СНС) и Социјалистичката партија на Србија (СПС), го бојкотираа тајното гласање, потсетува регионалната телевизија Н1.

Иницијативата беше поддржана со потписите на 41 опозициски советник, по тврдењата на градската советничка од движењето „Крени-промени“, Тања Мичиќ, дека Шапиќ физички ја нападнал и ја повредил кон крајот на септември.