Фото: ЕПА/Илустрација

Европратениците повикаа на итни мерки за справување со инфлацијата, високите цени на енергијата и сè поголемите трошоци за домување. За овие проблеми се расправаше во Европскиот парламент во Стразбур, во време кога во повеќе европски земји се одржуваат протести поради поскапувањето на животот и сè потешкиот пристап до домување, образование и квалитетни работни места.

Претставникот на Советот на ЕУ, Чарли Мекконалог, оцени дека дебатата доаѓа во вистински момент, бидејќи граѓаните очекуваат конкретни решенија за растечките трошоци за живот, енергијата и домувањето.

Тој посочи дека европските институции работат на прашања поврзани со вработувањето, социјалната сигурност, борбата против сиромаштијата и зајакнувањето на пензиските системи, со посебен акцент на достоинствен живот за повозрасните и социјално ранливите категории. Мекконалог најави и продолжување на преговорите за Пакетот за образование и вештини, нагласувајќи дека конкурентноста на Европа е тесно поврзана со квалитетот на образовниот систем.

Извршната потпретседателка на Европската комисија, Роксана Минзату, истакна дека незадоволството на граѓаните е видливо низ цела Европа и дека проблемите со кои се соочуваат не ги засегаат само младите.

– Низ цела Европа луѓето излегуваат на улиците, а главните пароли се однесуваат на квалитетот на образованието, потоа на неможноста да плаќаат кирија, да купат дом и да најдат добра работа. Тоа не се проблеми само на младите, туку и на луѓето од сите возрасни групи – изјави Минзату.

Таа оцени дека Европскиот акт за достапно домување треба да предвиди посебна клаузула што ќе им овозможи на државите да им помогнат на домаќинствата погодени од наглото зголемување на цените на енергијата.

Минзату предупреди и дека еден од 12 вработени во Европа живее во сиромаштија, поради што побара доследна примена на Директивата за минимална плата, особено во услови на висока инфлација.

Од Европската народна партија, Лисбет Сомен порача дека Европа мора да ги заштити работните места, да го поттикне домашното производство и да се справи со нелојалната конкуренција. Таа посочи дека за пет години цената на електричната енергија за европските домаќинства се зголемила за речиси една третина.

– Цената мора да се намали. Не можеме да си дозволиме каприците и идеите на светските лидери на овој начин да влијаат врз секојдневието и животот на луѓето – изјави Сомен.

Претседателката на групата на социјалистите и демократите, Ираче Гарсија Перез, протестите ги оцени како показател за сериозна социјална состојба, а не како последица на привремена криза. Таа повика на милијарди евра инвестиции во домувањето и мерки за обезбедување достоинствен живот.

Меѓу предлозите ги посочи европскиот данок за финансирање социјални ваучери, пакет за квалитетни работни места, подобри услови за колективно договарање и гаранција за децата.

Од групата „Патриоти за Европа“, Антонин Станек порача дека на младите им се потребни соодветни услови за живот, а не политики со кои Европската Унија ќе им го диктира начинот на живеење. Тој побара преиспитување на постојните барања, вклучително и оние поврзани со можноста за купување автомобили со мотори со внатрешно согорување и по 2035 година.

Стефано Каведанија од групата на Европските конзервативци и реформисти го отвори прашањето за јавната безбедност, посочувајќи дека граѓаните во Италија се уморни од плаќањето на штетите предизвикани при кршење излози и прозорци за време на протестите. Тој повика на мерки за поголема безбедност во градовите.

Брижит ван ден Берг од групата „Обнови ја Европа“ предупреди дека младите сè потешко гледаат перспектива за својата иднина во Европа. Според неа, предлозите на Советот за повеќегодишниот буџет на ЕУ не обезбедуваат доволно инвестиции во нивната иднина.

– Мораме да инвестираме во нивните работни места, домови и енергија – порача таа.

Мари Тусен од групата „Зелени/Европска слободна алијанса“ побара во Стратегијата за борба против сиромаштијата да се посвети поголемо внимание на условите за работа на вработените во основните јавни услуги. Таа нагласи дека пристапот до овие услуги е прашање на човечко достоинство, посочувајќи ја и потребата од одржување и обновување на училиштата.

Од групата на Левицата, Манон Обри го бранеше правото на протест и оцени дека социјалното незадоволство е оправдано. Таа предупреди на, како што рече, понижување и репресија врз учесниците во демонстрациите, повикувајќи на одговор преку конкретни социјални мерки.

Милан Ухрик, заменик-претседател на групата „Европа на суверените нации“, порача дека европските институции мора да ги слушнат граѓаните, ставајќи го во фокусот и прашањето за нелегалната миграција и безбедноста.

Инаку, во октомври растечките трошоци за живот предизвикаа протести во повеќе земји членки на Европската Унија. Во изминатите месеци европратениците повеќепати расправаа за финансиската достапност, кризата со домувањето, високите цени на енергијата и заканите за работните места, барајќи поголема финансиска поддршка преку буџетот на Унијата.