Во Музејот на град Скопје утре, 25 ноември, ќе биде отворена изложбата „Небесното платно“ низ објективот на Скопското астрономско друштво, која ќе претстави уникатни астрофотографски дела, претежно создадени под македонското небо.
Станува збор за групна изложба на членови на Скопското астрономско друштво (САД), чија цел е да го претстави талентот, креативноста и техничките способности на домашните астрофотографи, како и нивниот придонес во популаризацијата на астрономијата.
Преку објективите на авторите, посетителите ќе имаат можност да ги видат убавините на вселената, претставени преку фотографии од маглини, галаксии, лунарни пејзажи и различни небесни појави.
Астрофотографијата не е само техничка дисциплина, туку и специфична форма на уметнички израз што ја поврзува човечката креативност со бескрајноста на универзумот. Изложените фотографии се резултат на посветена работа, знаење и внимателна обработка на податоци собрани под автентичното македонско небо.
Освен уметничката вредност, изложбата има и едукативна димензија. Преку атрактивни визуелни содржини, таа има цел да ја доближи астрономијата до пошироката публика, особено до младите, поттикнувајќи ја нивната љубопитност и интерес за истражување на вселената и природните закони.
Куратор на изложбата е м-р Станимир Неделковски.
Отворањето е закажано за утре, со почеток во 19.30 часот, во Музејот на град Скопје.
Изложбата и придружниот каталог се реализирани од Музејот на град Скопје, со финансиска поддршка од Град Скопје.






























![Final_WR_143_V4 [Макс. ширина 1024 Макс. висина 768]](https://novamakedonija.com.mk/wp-content/uploads/2026/11/final_wr_143_v4-maks.-shirina-1024-maks.-visina-768-696x464.jpg)



