Во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп денеска беше отворена изложбата „Линии“ на илустраторката Иванка НиБа, на која беа претставени нејзини илустрации изработени за книги, препознатливи по автентичниот и слободен уметнички израз.
Преку своите дела, авторката ги истражува темите на слободата, фантазијата, детството, идеите и уметничките експерименти. Нејзините илустрации се одликуваат со спонтаност и непосредност, без ограничување од традиционалните уметнички правила и академските стандарди.
Токму слободата, леснотијата, искреноста и инстинктот се главните обележја на нејзиниот творечки израз, кој на посетителите им овозможи да го запознаат нејзиниот специфичен пристап кон илустрацијата и цртежот.
Изложбата беше реализирана од Здружението за образование, култура и уметност ЗОКУМ – Прилеп, во соработка со Градската библиотека „Борка Талески“.
Настанот беше збогатен и со разговор на илустраторката со децата, кои имаа можност одблиску да ги разгледаат изложените дела и да се запознаат со нејзината работа и креативниот процес.
Ка.М.
































