Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Итната медицинска помош во Скопје ќе стане самостојна здравствена установа, со сопствен буџет и раководство, а се планира и воспоставување национален диспечерски центар преку кој ќе се координираат сите екипи во државата. Ова го најави министерот за здравство Сашо Клековски, кој преку објава на Фејсбук реагираше на бројните поплаки од граѓаните за функционирањето на Итната медицинска помош, меѓу кои се долгото чекање, недостигот од екипи, одбивањето повици за постари и онколошки пациенти, како и несоодветното постапување при телефонските повици.

Министерот информираше дека Владата веќе усвоила информација за формирање самостоен Центар за итна медицинска помош Скопје, кој ќе се издвои од Здравствениот дом Скопје.

Новата установа ќе има сопствено раководство, буџет и планирање на потребните ресурси. Според Клековски, ова ќе биде пилот-модел кој подоцна би можел да се примени и во другите градови.

Една од најавените промени е воведување национални стандарди за тријажа, односно јасни критериуми според кои ќе се утврдува колку е итен одреден повик.

– Кој повик е итен не смее да зависи од тоа кој се јавил на телефон, туку од јасни и транспарентни стандарди, исти од Скопје до Гевгелија, од Дебар до Делчево – посочи министерот.

Паралелно се планира и национален диспечерски центар, во кој ќе се примаат и координираат повиците и екипите на Итната медицинска помош. Целта е на повикот да реагира најблискиот достапен тим, а за секоја интервенција да постои евиденција кога е примен повикот, каква одлука е донесена и зошто.

Во однос на возниот парк, Клековски соопшти дека се набавени 100 нови возила за Итната помош, со кои, според неговите најави, во земјата ќе има вкупно 200 функционални возила. Дополнителни 50 возила треба да бидат обезбедени преку програмата ИПА 3 на Европската Унија.

Сепак, министерот посочи дека најголемиот предизвик останува недостигот од кадар. До 2030 година повеќе од 300 вработени во Итната медицинска помош треба да заминат во пензија.

Поради тоа, во тек се разговори со Медицинскиот факултет за воведување на професионалниот профил парамедик, односно кадар обучен за укажување медицинска помош и нега при транспорт на пациенти.

Клековски информираше и дека се реконструира Ургентниот хируршки центар, додека во Клиничкиот центар во Скопје се оформува Ургентен интернистички центар.

Тој призна дека сè уште не се решени неколку суштински проблеми, меѓу кои недоволниот број екипи по смена, особено во Скопје, како и прашањето кој треба да помогне при пренесување пациент од домот кога нема член на семејството или друго лице што може да асистира.

– Мерката за успех нема да биде ниту една објава, ниту едно соопштение. Ќе биде едно: колку чека човек од моментот кога ќе се јави на 194 – порача Клековски.

Засега министерот не прецизираше кога ќе започне со работа самостојниот Центар за итна медицинска помош во Скопје, ниту кога ќе биде воспоставен националниот диспечерски центар.