Фото: Ка. М

Пригоден настан под наслов „Со пиетет кон хероината“, посветен на животот и делото на народната хероина Вера Ацева, се одржа вечерва во библиотеката „Борка Талески“ во Прилеп. Организатор на настанот беше Заводот и музеј – Прилеп, во рамките на Програмата за одбележување годишнини и јубилеи, донесена од Собранието на Република Македонија, по повод 20-годишнината од нејзината смрт.

– Одбележувањето е можност да се потсетиме на нејзината храброст, решителност и непоколеблива посветеност на слободата на Македонија. Нејзиното име е поврзано со 11 Октомври 1941 година и почетоците на вооруженото востание, но и со нејзиното учество во повоениот општествен живот – рече Мимоза Христоска, директорка на Заводот и музеј – Прилеп.

Андриана Ристеска, директорка на библиотеката „Борка Талески“, ја истакна соработката со Заводот и музеј и рече дека патронот на институцијата и Вера Ацева биле соборци.

– Борка Талески и Вера Ацева имаат заедничка историја. Биле дел од вооруженото востание против фашистичкиот окупатор и се едни од најзначајните личности во предвоениот и воениот период во Прилеп – рече Ристеска.

Животниот пат и делото на народната хероина Вера Ацева поблиску ги претстави историчарот Рубинчо Белчески, кој се осврна на нејзината историска улога.

Притоа, тој посочи дека Алејата на народните херои треба да се надополни со бистите на останатите народни херои, за што веќе постои проект во Заводот и музејот.

Белчески, воедно, предложи мостот Табана, кој се гради во Прилеп, да го добие името на Вера Ацева, истакнувајќи дека таа го заслужува тоа. Ка. М.