Фото : Маја Јаневска Илиева

Правните лица кои имаат сметки во „Алта банка“ АД Битола од денеска можат без ограничување на износот да располагаат со новите приливи на своите сметки, доколку средствата се префрлени од платежни сметки отворени во други банки или кај други даватели на платежни услуги, информира Народната банка, пренесе МИА.

Со оваа мерка се проширува можноста за пристап на клиентите до сопствените средства, а компаниите ќе можат во целост да ги користат дополнително пристигнатите средства по овој основ.

Од Народната банка потсетуваат дека и физичките лица веќе имаат можност неограничено да располагаат со новите приливи на своите сметки во „Алта банка“, доколку средствата доаѓаат од платежни сметки отворени во други банки или кај други даватели на платежни услуги. Ова ги опфаќа приливите по сите основи, вклучително и плати, пензии и социјални трансфери, кога исплатите се вршат од институции или компании кои имаат сметки во други банки.

Клиентите немаат потреба да отвораат платежна сметка во друга банка, бидејќи со пристигнатите средства можат да располагаат во целост преку електронско и мобилно банкарство, платежни картички или со подигање готовина на отворените шалтери на банката.

Продолжуваат со работа и филијалите на „Алта банка“ во Струмица, Тетово и Прилеп, како и експозитурата во Скопје, лоцирана во Трговскиот центар „Бисер“. Во овие објекти клиентите можат да подигнуваат готовина во рамките на утврдените ограничувања, како и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други потреби.

За користење на електронското и мобилното банкарство и натаму важат лимитите од 15.000 денари неделно за клиентите со платежни картички и 20.000 денари во период од две недели за клиентите без платежни картички. Лимитите се однесуваат на вкупниот износ на сите сметки на клиентот и на сите канали за плаќање и повлекување средства.

Народната банка соопшти дека продолжува внимателно да ја следи состојбата во „Алта банка“ и да презема активности за олеснување на пристапот на клиентите до нивните средства и обезбедување непречено извршување на платежните услуги.