САД би можеле во наредните денови да објават нови царини за увоз на стоки од Кина, Европската Унија и 14 други економии, јави „Скај њуз“. Засега не се познати точните стапки на царините, производите што ќе бидат опфатени, ниту датумот од кој би почнале да се применуваат.
Канцеларијата на трговскиот претставник на САД (USTR) треба да ги објави резултатите од едномесечната анализа на вишокот индустриски капацитети и производството во овие економии. Администрацијата на Доналд Трамп тврди дека прекумерното производство, поддржано од владини субвенции, создава вишок евтини стоки кои ја поткопуваат конкурентноста на американските компании.
Истрагата се спроведува врз основа на член 301 од Законот за трговија на САД од 1974 година, кој овозможува воведување царини како одговор на практики на други економии за кои Вашингтон смета дека им нанесуваат штета на американските компании или трговските интереси.
На листата на економии опфатени со анализата се Кина, Европската Унија, Индија, Јапонија, Јужна Кореја, Мексико, Виетнам, Тајван, Тајланд, Малезија, Индонезија, Швајцарија, Норвешка, Сингапур, Бангладеш и Камбоџа. Европската Унија се третира како една економија.
Засега не е јасно дали новите царини ќе се применуваат подеднакво врз сите 16 економии. Според извори запознаени со плановите, царинските стапки би можеле да се разликуваат од земја до земја, а Мексико и Норвешка можеби нема да бидат опфатени со првичните давачки.
































