Европското проширување меѓу декларациите и практиката
- Герапетритис го признава напредокот на Македонија, но останува
дилемата дали на Атина навистина ѝ одговара земјава да го забрза
патот кон ЕУ
Уште од Солунската агенда во 2003 година, Грција се промовира како еден од главните предводници на европската интеграција на Западен Балкан. Атина со години го гради имиџот на земја што ја разбира важноста на проширувањето и која на соседите им ја нуди европската перспектива како пат кон стабилност, безбедност и просперитет. Но меѓу политичката декларација и практичната политика често постои длабок јаз. А токму Македонија е европскиот пример што најдобро ја открива таа противречност.
Имено, на министерскиот состанок на групата „Пријатели на Западен Балкан“ во Атина, грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис ѝ упати пофалби на Македонија за постигнатиот напредок во повеќе области.
– Македонија веќе постигна значителен напредок во повеќе области, особено во дигиталната трансформација, усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика, како и во аспектите на реформата на јавната администрација. Честитки, драг мој Тимчо! – му порача Герапетритис на министерот Тимчо Муцунски.
Секако пофалбите се добредојдени, особено кога доаѓаат од соседна членка на ЕУ, која добро знае низ какви политички пречки поминува Македонија. Но, од друга страна, клучното прашање е што конкретно добива земјава од ваквите признанија, односно зошто тие перцепции не придонесуваат за забрзување на преговорите, за отстранување на билатералните пречки, туку, едноставно, остануваат дел од дипломатскиот протокол.
Атина ја повторува поддршката за европската перспектива на регионот, но во случајот со Македонија таа поддршка досега не се претвори во видлив политички резултат. Земјава, иако реално напредната, и понатаму е заглавена пред отворањето на преговарачките кластери, чекајќи уставни измени што се поставени како некаков ултимативен услов за продолжување на процесот.
– Токму тука се наметнува прашањето дали Грција воопшто се ангажира или, ајде, дипломатски помеко кажано, дали доволно се ангажира за прашањето за македонските евроинтеграции, што ѝ е обврска како сосед, или, пак, на Грција ѝ одговара ваквата статус кво ситуација?! Македонија е доволно блиску до Европа за да се зборува за нејзината перспектива, но не и доволно блиску за таа перспектива да стане реалност. Ако Атина навистина сакаше да биде предводник на проширувањето, тогаш нејзината улога не би требало да завршува со домаќинство на состаноци и со дипломатски пофалби, туку таа би требало да се гледа и во конкретна иницијатива за деблокирање на европскиот пат на соседот. Самото признание дека Македонија напредува има малку вредност ако не е проследено со политичка поддршка што ќе ѝ овозможи да го претвори тој напредок во европски резултат. Грција има моќна дипломатија, а грчкото лоби внатре во ЕУ и пошироко е многу силно, така што ако сакаше, Грција ќе ја убедеше и Бугарија да не го блокира почетокот на преговорите со земјава, туку подоцна низ преговарачките поглавја да се најде решение за оние прашања што се важни за Софија. Вака, пофалбите остануваат само убави зборови, а проширувањето само убава политичка декларација без вистинска сила – вели поранешен дипломат со долгогодишно искуство, кое дел го има стекнато и во мисиите во Грција.
Грција ја пропушти шансата да биде вистински предводник, но има нова можност во 2027 година
Со претседавањето со ЕУ, Атина има шанса да ѝ помогне на Македонија на европскиот пат
- Децениските блокади покажаа дека кога европските вредности се судираа со националните интереси, Атина го избираше второто. Од 1 јануари 2027 година, како претседавач со Советот на ЕУ, ќе има можност да го промени тоа со конкретни чекори, а не само со декларативна поддршка
Грција сака да се претставува како земја што го предводи европското проширување кон Западен Балкан. Солунската агенда од 2003 година е нејзиниот главен политички аргумент, документот со кој Атина ја постави европската перспектива на регионот на европската агенда и кој и денес го користи за да го гради сопствениот имиџ. Но вистинското лидерство не се мери според декларациите, туку според политичките одлуки што ги носи една земја кога треба да ги брани принципите што самата ги промовира. А токму во односот кон Македонија, Грција покажа дека европските критериуми и вредности не секогаш биле нејзиниот главен приоритет.
Со децении, спорот за името беше претворен во пречка за македонските евроатлантски интеграции. Грција го блокираше членството на Македонија во НАТО на самитот во Букурешт во 2008 година, а спорот продолжи да го оптоварува и европскиот пат на земјава.
Во меѓувреме, Македонија беше изложена на економска и политичка изолација, вклучително и на грчкото ембарго во деведесеттите години. Наместо европската интеграција да биде средство за надминување на недовербата и поделбите, соседството беше претворено во простор на условувања и притисоци.
Се разбира, секоја членка на ЕУ има право да ги брани своите интереси, но кога тие интереси се претвораат во пречка за европската перспектива на соседна земја, тогаш се поставува прашањето каде завршува легитимната национална политика, а каде почнува злоупотребата на европскиот процес.
Грција имаше историска можност да биде вистински предводник на проширувањето. Како членка на ЕУ, како сосед на Западен Балкан и како земја што ја иницираше Солунската агенда, можеше да покаже дека европската интеграција е посилна од билатералните спорови.
Наместо тоа, со децениските блокади кон Македонија, Атина испрати порака дека европските критериуми можат да бидат потиснати кога се судираат со сопствените политички интереси. Денес, кога грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис го признава и го пофалува реформскиот напредок на Македонија, повторно се слушаат европските декларации. Но суштината не е во тоа дали Грција ќе ја пофали Македонија, туку дали ќе ѝ помогне таа да продолжи напред. И токму тука се отвора нова можност за Атина. Од 1 јануари 2027 година, Грција ќе претседава со Советот на Европската Унија. Тоа е значајна политичка можност, но и одговорност да покаже дека поддршката за европската перспектива на Западен Балкан не е само дел од дипломатскиот речник туку вистинска политичка определба.
Македонија има право да очекува дека Атина ќе ја искористи таа позиција за конкретна поддршка на нејзиниот евроинтеграциски процес. Не станува збор за барање Грција да ги заобиколува европските правила или да гарантира резултат што зависи од одлуките на сите земји членки. Станува збор за тоа да ја искористи својата политичка тежина за да поттикне вистинска европска иницијатива.
Тоа би можело да значи отворање посебна политичка дебата за деблокирање на македонските преговори, активно посредување во надминувањето на разликите со Бугарија, создавање услови за почеток на преговорите и јасна поддршка за принципот дека билатералните прашања не треба да стануваат бесконечна пречка за европската интеграција. Грција може да ја искористи и својата дипломатска позиција за да поттикне поголем ангажман на европските институции и земјите членки во изнаоѓањето решение што ќе овозможи процесот да продолжи.
Секако, претседавањето со Советот на ЕУ не ѝ дава на Грција можност самостојно да одлучува за проширувањето или да наметнува решенија. Но ѝ дава значајна можност да ги поставува приоритетите, да го олеснува дијалогот, да гради консензус и да ја држи темата за Западен Балкан високо на европската агенда. А токму таква политичка иницијатива досега недостигаше во односот на Атина кон македонските евроинтеграции.
Затоа, 2027 година може да биде повеќе од уште една година во која Грција ќе зборува за европската перспектива на регионот. Може да биде година во која ќе покаже дека е подготвена да направи нешто конкретно за таа перспектива да стане реалност и за Македонија.
Ако Атина навистина сака да биде предводник на проширувањето, тогаш претседавањето со Советот на ЕУ е можност да го докаже тоа. Не со нови декларации и дипломатски пофалби, туку со политичка иницијатива, ангажман и со видлив резултат. Во спротивно, Солунската агенда ќе остане само историски документ, а грчкото лидерство – политички имиџ без вистинска содржина. Но овој пат Атина ќе има можност сама да покаже дали сака да се промени тоа. С.Т.

































