Културата што треба да се препознае во конкурсите (прв дел)

  • Живите и развојни сегменти на современата култура, кои одамна се присутни во меѓународниот културен простор, а и кај нас имаат свои автори, издавачи, независни иницијативи, фестивали и публика, наместо да бидат препознаени како составен дел од современото културно производство, тие остануваат без јасно дефинирана и достапна програмска поддршка. Отсуството на системска поддршка за независната и современата културна продукција значи и помалку можности за нивна презентација,
    дистрибуција, архивирање и долгорочно присуство во јавниот културен простор. Нешто што е еднакво битно како и самите проекти…
  • Каде се експерименталната музика, амбиенталните и електронските практики, звучната уметност (sound art), теренските звучни снимки (field recording), радиофонијата, звучните инсталации и аудиовизуелните експерименти? Каде се авторската музичка продукција и издаваштвото? Каде се независните музички издавачи, продукциските колективи, студиската работа и создавањето нови музички дела?

И повторно есен. Завршија културната апстиненција и летаргија што го зафаќаат Скопје во лето. Пустите улици уште во септември се заменети со енормна количина на настани, фестивали, манифестации, како да не постои друг месец во годината за нивно одржување, па целата културна програма треба да е набиена само во неколку месеци. Уште неосвестени од летните одмори (некои уште не се ни вратени), а веќе сме бомбардирани со настани, кои, во комбинација со домашните обврски, едвај успеваме да ги посетиме. Но есенското културно бомбардирање е засебна тема, со која би се занимавал поопстојно во следната колумна. Сега би зборувале за септември како месец во кој се објавува конкурсот за финансирање проекти од национален интерес од културата на Министерството за култура.
Основната теза на оваа колумна е дека годишните конкурси на Министерството за култура не (треба да) се третираат само како административен механизам за распределба на јавните средства за проекти од областа на културата. Тие се, пред сè, еден вид програмска декларација што открива што државата препознава како културна дејност, кои форми на творештво ги смета за приоритетни, каков културен развој поттикнува и, можеби најважно, што воопшто НЕ успева да препознае. Доволно е да се погледнат конкурсите за финансирање проекти од национален интерес за 2027 година за да се види каква претстава за културата има државата, односно актуелната власт, и кои културни практики остануваат надвор од нејзината визија.
Јавните средства не треба да служат само за одржување на веќе воспоставената културна понуда туку и за поттикнување на нејзиниот развој. Културната политика не може да се сведе на финансирање на она што веќе има публика, институционална инфраструктура или долгогодишно присуство. Нејзината улога е и да отвора простор за нови идеи, практики и форми на изразување, да создава услови за нивно истражување и продукција и да им овозможи да станат видливи и достапни за пошироката јавност. Во спротивно, конкурсите не ја развиваат културната сцена, туку само ја репродуцираат нејзината постојна состојба.
Токму затоа, годинашниот конкурс отвора едно пошироко и суштинско прашање: каде се современите, експерименталните, независните и мултидисциплинарните културни практики во институционалната визија за културата?
Да ја погледнеме структурата на конкурсот за музичка и музичко-сценска дејност. Категориите во голема мера се организирани околу традиционалниот модел на концертна и изведувачка практика: солистички концерти, камерни ансамбли, оркестри, хорови, натпревари и музичко-сценски продукции, народна музика, поп-музика… Секако, овие дејности се легитимни и неопходни делови од културниот екосистем. Проблемот не е во нивното постоење, туку во отсуството на соодветни програмски ставки за други форми на современо музичко творештво.
Каде се експерименталната музика, амбиенталните и електронските практики, звучната уметност (sound art), теренските звучни снимки (field recording), радиофонијата, звучните инсталации и аудиовизуелните експерименти? Каде се авторската музичка продукција и издаваштвото? Каде се независните музички издавачи, продукциските колективи, студиската работа и создавањето нови музички дела?
Овие прашања не се однесуваат на некакви маргинални куриозитети или ексклузивни уметнички интереси. Станува збор за живи и развојни сегменти на современата култура, кои одамна се присутни во меѓународниот културен простор, а и кај нас имаат свои автори, издавачи, независни иницијативи, фестивали и публика. Наместо да бидат препознаени како составен дел од современото културно производство, тие остануваат без јасно дефинирана и достапна програмска поддршка.
Отсуството на системска поддршка за независната и современата културна продукција значи и помалку можности за нивна презентација, дистрибуција, архивирање и долгорочно присуство во јавниот културен простор. Нешто што е еднакво битно како и самите проекти. Авторите и независните платформи често се принудени сами да ги преземаат сите овие функции, од создавање и продукција до промоција и комуникација со публиката, без соодветна инфраструктура и ресурси. Така се создава еден затворен круг: практиките што немаат институционална поддршка потешко стануваат видливи, а нивната недоволна видливост потоа може да се користи како аргумент дека не постои доволна потреба за нивно финансирање.
Особено е проблематично и отсуството на посебна поддршка за музичкото издаваштво, на што реагираа дузина чинители на сцената. Создавањето и објавувањето авторски музички дела е конкретна културна продукција. Независните издавачи, малите дискографски куќи и продукциските платформи често се единствените структури преку кои се создава, документира, архивира и дистрибуира музика надвор од доминантните пазарни и медиумски канали. Нивната улога во развојот на локалните сцени е значајна, но во конкурсната структура таа не е воопшто препознаена и токму затоа сликата на македонската издавачка музичка сцена изгледа така како што изгледа.
Сличен проблем се забележува и во однос на мултидисциплинарните практики. Современото уметничко производство сè потешко може да се затвори во традиционалните поделби меѓу музика, визуелни уметности, филм, нови медиуми и изведувачки уметности. Звучната уметност, аудиовизуелните дела, медиумските инсталации, радиофонијата и хибридните уметнички формати функционираат токму во пресекот на овие дисциплини. Но наместо да постои јасна поддршка за ваквите практики, авторите и организациите се принудени да ги приспособуваат проектите кон постојните категории, често на сметка на нивната вистинска природа и концепт.
И ова не претставува пропуст, туку проблем на целокупната моментална културна политика. Конкурсната структура треба да ги препознава новите форми на творештво, тоа е отворен став и индиректно ги фаворизира веќе воспоставените модели, а ги става во неповолна положба оние што се обидуваат да развиваат нови практики. И токму затоа сликата на македонската современа уметничка сцена изгледа така како што изгледа.

Дополнителен проблем е и начинот на кој се дефинираат критериумите за претходното искуство. Во одредени категории се бараат години активна концертна практика, конкретен број настапи, претходни фестивалски учества или повеќегодишна организациска историја. Професионалното искуство и континуитетот се важни, но кога тие се поставени како крути предуслови, без да се земат предвид спецификите на различните уметнички практики, се создава затворен систем во кој единствено поминуваат веќе етаблираните и познати актери на сцената. Новите иницијативи, независните платформи и авторите што работат во области без развиена институционална инфраструктура практично добиваат многу помалку можности за пристап до јавните средства.
Особено е важно да се разликуваат професионалното искуство на авторот и институционалното искуство на организацијата. Еден автор може да има долгогодишна продукциска, издавачка и организациска практика, но ако одлучи да основа нова независна организација, нејзиното досие започнува од нула. Така, системот не секогаш го вреднува реалното културно искуство, туку пред сè формалната историја на апликантот. Ова е особено ограничувачко за независниот сектор, каде што новите организации често се формираат токму за да отворат простор за нови идеи и модели на работа.
Сето ова укажува на една поширока институционална инерција. Конкурсите треба да бидат инструмент преку кој Министерството активно ќе ги поттикнува развојните процеси во културата, а тие во голема мера ги репродуцираат постојните административни и програмски модели. Наместо да се праша што ново се случува во културата и каква поддршка му е потребна за да се развива, системот првенствено ги нуди категориите што веќе ги познава.
А токму новите и надоаѓачките практики, наспроти веќе етаблираните, добро установените и вкоренети манифестации, имаат најголема потреба од јавна поддршка. Независните музички сцени, современото експериментално творештво, новите медиуми, интердисциплинарните уметнички проекти и малите продукциски платформи ретко располагаат со институционални ресурси, стабилни буџети или комерцијални механизми за самоодржливост! Нивниот развој зависи од можноста да добијат поддршка за создавање, истражување, продукција, објавување, презентација и меѓународна размена.
Не сакам да се сфатиме погрешно. Прашањето не е дали треба да се финансираат концертите, оркестрите, хоровите или традиционалните културни манифестации. Секако дека треба. Прашањето е зошто јавната културна политика не успева да создаде паралелен и рамноправен простор за современото творештво и независната продукција.
Културата не треба да се сведе само на она што институциите веќе научиле да го препознаваат и она што е видливо за јавноста. Таа треба да е и она што допрва се создава, експериментира, истражува и бара простор да стане видливо пред пошироката јавност. Токму така и ќе стане дел од постојните културни практики.

Тони Димитров

(продолжува)