Фото: „Нова Македонија“

КРЕМЉ ГО ПОВИКА БРИСЕЛ ВО МОСКВА, ЕВРОПСКАТА ВЛАДА НЕ САКА САМА НА СРЕДБА

  • Додека Москва бара од европските престолнини конкретно да кажат што можат да придонесат за завршување на војната во Украина,
    Европската комисија сега ретерира за средба. Таа сега е на позициите за „мултилатерални формати“ за средби поврзани со идната европска политичка архитектура. Но, според нашите соговорници, дипломати од кариера, зад ваквите дипломатски формулации за одбивање на ЕК за директна средба со Кремљ се отвора многу понепријатно прашање за Брисел. Имено, дали Европа има доволно политичка, економска и стратешка тежина, поконкретно дали ЕК располага со „европски преговарачки адути“ за самостојно да преговара со Русија?

Поканата на рускиот претседател Владимир Путин до европските претставници да одат во Москва и да ги изложат своите позиции за завршување на војната во Украина ја стави Европската Унија пред дипломатски тест на кој засега нема јасен одговор.

Москва бара одговор, Брисел нуди процедура

Европската комисија (ЕК) потврди дека е запознаена со повикот на Кремљ за одржување заедничка средба во Москва, но не потврди дека европска делегација ќе отпатува во руската престолнина. Главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо, порача дека Брисел останува фокусиран на мултилатерален формат на преговори.
Позицијата на Комисијата е дека за новата европска безбедносна архитектура може да се разговара дури по прекинот на огнот во Украина, а во таквите разговори мора да бидат вклучени сојузниците од НАТО и земјите членки на ЕУ.
– Во дипломатскиот речник, за волја на вистината, оваа „дипломатска формулација“ крие суштинска дилема за тоа дали Брисел навистина има сопствена преговарачка стратегија кон Москва или очекува Вашингтон да ја понесе главната тежина на евентуалниот договор? Одбивањето средба за која само до пред некој ден Брисел очајнички правеше напори дури и на микроврата да влезе на тркалезната маса, заедно со другите светски лидери, е навистина индикативно. Наместо да се прифати фрлената ракавица од Москва на Брисел и Европската влада (ЕК) да покаже дека има капацитет за преговори, макар и неуспешни, сега бриселските елити се повлекуваат покажувајќи дипломатска анемија приближна на скандал за покажана малодушност – вели нашиот соговорник, искусен дипломат од кариера.
Според соговорникот, „Путин, од своја страна, порача дека Русија не го отфрла европското учество, но сака да знае што конкретно европските држави би внеле во преговорите“.
– Токму ова прашање е како „тенок мраз“ за Брисел. Не е доволно Брисел да бара место на преговарачката маса. Европската комисија треба да покаже со какви политички, безбедносни и економски инструменти располага за да влијае врз исходот и колкави се капацитетите да биде евентуална противтежа – вели нашиот соговорник.

Европа сака да преговара, но со какви аргументи?

Европските лидери претходно договориле дека во идните разговори Европа би ја претставувале Франција, Германија, Италија, Полска, Велика Британија и институциите на ЕУ. Но самото дефинирање на потенцијалната делегација не значи дека е создадена и заедничка преговарачка позиција.
– Различните национални интереси, безбедносни процени и економски приоритети на европските држави го прават Брисел ранлив соговорник. Франција и Германија имаат свои амбиции, Полска има поинаква безбедносна перспектива, додека европските институции сè уште се обидуваат да воспостават единствена политичка линија. Во такви услови, самостоен европски дипломатски настап во Москва, без американско учество или најмалку координација со Вашингтон, би бил сериозен тест за реалната тежина на Унијата – анализира нашиот соговорник.
Тој додава дека „проблемот не е само во воената зависност од американските безбедносни гаранции“.
– Европа во изминатите години ја ослабе и сопствената економска позиција преку губење на конкурентноста, високите енергетски трошоци, индустриските проблеми и зависноста од надворешни технолошки и стратешки синџири. Ако не може да понуди убедлива економска перспектива, тешко може да очекува нејзината дипломатска реторика да има некаква тежина, што им е јасно на бриселските елити од ЕУ – анализира соговорникот.

Брисел на маргините на новиот мултиполарен поредок

Овој дипломатски момент ја отвора и пошироката слика за европската позиција во светот што забрзано се менува. Додека САД, Русија и Кина ги преиспитуваат односите на моќ и ги дефинираат контурите на новата мултиполарна архитектура, Европската Унија сè повеќе се соочува со сопствените внатрешни ограничувања.
– Ајде да направиме кус пресек за сегашниот потенцијал на ЕУ во глобални рамки. Европската економија е под притисок, индустријата се бори со конкурентноста, енергетската трансформација создава сериозни трошоци, а социјалните, образовните и демографските проблеми стануваат долгорочни структурни предизвици. Германија, некогашниот индустриски мотор на Европа, веќе ја нема истата економска сигурност, додека Франција се соочува со сериозни фискални и политички турбуленции. Слична слабост се забележува и во односите со Пекинг. Брисел сака да ја намали зависноста од Кина, но нема едноставен одговор како да го направи тоа без дополнително да ја загрози сопствената индустриска конкурентност. Европската Унија сè потешко успева да наметне сопствени услови во односите со големите економски и политички центри. Оттука, поканата од Москва не е само дипломатски настан поврзан со Украина. Таа е и тест за европската способност да настапи како самостоен геополитички фактор – истакнува во својата брифинг-анализа нашиот соговорник, дипломат и добар познавач на меѓународните односи.
Европа, според нашиот соговорник, веќе нема реална тежина, ги нема потребното единство, економска сила, индустриски капацитет, безбедносна самостојност и кредибилитет како преговарач.
– Брисел може да инсистира дека за иднината на Европа не смее да се одлучува без неа. И тоа принципиелно е точно. Европа мора да одлучува за Европејците. Се согласувам. Но актуелен Брисел со своите глобалистички и експанзионистички политики го девастира тој принцип. Самиот го прегази покажувајќи хегемонски, па дури и империјалистички аспирации што излегоа од рамките на демократска Европа. Затоа и се случија многу работи во насока на промена на наметнатите либерални тенденции на глобален план. Таа либерална унилатералност што експандираше до скоро, очигледно е запрена. Брисел веќе не може да биде „ороводец“ на тој тренд. За таа работа имаше идеолошко- политичко западно усогласување, координирање, кое сега веќе го нема. Европа нема веќе реална тежина, го нема потребното единство, економска сила, индустриски капацитет, безбедносна самостојност и кредибилитет како преговарач. Според мене, Брисел ќе остане во позиција да ги коментира и делумно да учествува во процесите што другите ги водат. Најголемиот проблем за Европа денес можеби не е тоа што некој не ја кани на преговарачката маса, туку тоа што, кога ќе биде повикана да каже што нуди, нема јасен и убедлив одговор – поентира на крајот од брифингот нашиот соговорник дипломат. Р.С.