ФУДБАЛ
- Првопласиран во моментов е Валес од Бетис со 53 интервенции, а потоа се Агирезабала од Сантандер со 52 и Димитриевски од Валенсија со 49 одбрани, според статистиката објавена од Ла лига
Столе Димитриевски е меѓу најуспешните голмани во фудбалското првенство на Шпанија сезонава според бројот на одбрани по досега одиграните 13 кола. Македонскиот репрезентативец на голот на Валенсија забележа 49 одбрани и со тоа е на третото место во шпанската Ла лига, според статистиката објавена од Ла лига.
Водечки според бројот на одбрани сезонава се голмани од Шпанија, и тоа Алваро Валес од Бетис, со 53 интервенции, и Хулен Агирезабала, голманот на Сантандер, со 52 одбрани. На листата има вкупно 28 голмани што сезонава имале одбранети удари.
Димитриевски и е меѓу најуспешните голмани според натпреварите без примен погодок во Шпанија и во петте најсилни домашни клупски шампионати во Европа сезонава, според ранг-листата на специјализираната интернет-страница „Трансфермаркт“.
Така, тој досега сезонава имаше пет такви натпревари, колку што има и, на пример, шпанскиот фудбалски репрезентативец Унаи Симон од Атлетик Билбао, со што Димитриевски е меѓу водечките 15 на листата со голманите во најсилните фудбалски шампионати во Англија (Премиер-лига), Шпанија (Ла лига), Франција (Лига 1), Германија (Бундеслига) и во Италија (Серија А) и меѓу петте најуспешни во Шпанија.
Сезонава Димитриевски ја зачува мрежата на првенствените натпревари на Валенсија во шпанската Ла лига со Селта (0-0, дома), Алавес (1-0, на гости), Атлетик Билбао (0-0, дома), Елче (1-0, на гости) и со Рајо Валјекано (1-0, на гости). Н.М.
ГОЛМАНИ СО НАЈМНОГУ ОДБРАНИ ВО ЛА ЛИГА СЕЗОНАВА
Алваро Валес (Бетис) 53
Хулен Агирезабала (Сантандер) 52
Столе Димитриевски (Валенсија) 49
Давид Сориа (Гетафе) 47
Алфонсо Хереро (Малага) 46
Извор: Ла лига
































