Софиа Насевска-Трифуновска, актерка во новата претстава „Црно злато“ на МНТ
- Претставата ги преиспитува моите ставови на одредени теми, но и ме враќа во некои неочекувани сеќавања. Се одмотува некое клопче што сум си го чувала во џеб, што го врзувам и одврзувам цел живот. Тоа што нè дефинира. Слобода, болки, големи настани од детството, трауми и, главно, потребата да се биде автентичен, вели актерката
Македонскиот народен театар на 27 ноември, со почеток во 20 часот, премиерно ќе ја изведе претставата „Црно злато“, по текст на Дејан Дуковски, во режија на Слободан Унковски. Претпремиерната изведба е закажана за 26 ноември. Во актерската екипа играат: Јовица Михајловски, Мими Таневска, Камка Тоциновски, Нела Павловска, Григор Јовановски, Сашко Коцев, Софиа Насевска-Трифуновска и Гораст Цветковски.
Авторскиот тим го сочинуваат: сценографот Бранко Хојник, костимографот Александар Ношпал и композиторот Златко Ориѓански. Асистентка на режисерот е Звездана Ангеловска, асистент на сценографот е Мартин Манев, а асистент на костимографот Никола Булески. Извршни продуценти се Симона Угриновска и Виктор Рубен, организатор е Тадеа Павловска, инспициент Александар Рајковски, а суфлер Мирослав Атанасовски.
Подетално за претставата, за што таа зборува, за улогата на Извршителот, за тоа како е да се создава лик од текст на Дејан Дуковски под режисерската палка на Слободан Унковски, разговараме со Софиа Насевска-Трифуновска, која го игра Извршителот.
Зошто токму сега е важно на сцената да се постави „Црно злато“? Што е тоа што оваа претстава им го зборува на современиот човек и на нашето општество?
– Има една реплика на Ангела во текстот, упатена кон татко ѝ. Го прашува: „Зошто не проба да разбереш?“ Мислам дека во тоа прашање е содржана суштината на вечната болка, наметнатите комплекси, потребата од припадност и разбранoст, спротивставена на неможноста за прифаќање на човекот таков каков што е. Вистина е дека тоа се болки на денешницата и затоа ова сега е вистинското време во кое треба да заживее текстот, но истовремено истите болки се и безвременски мотиви за конфликт. Текстот се занимава со тема што е сè поприсутна во нашето секојдневие и која бара од нас како учесници во претставата или како публика флексибилност и широчина на мислата, а истовремено на истиот текст времето ниту му е важно ниту му може нешто, оти таа тема била и секогаш е присутна. Го допира највечниот конфликт, оној меѓу татко и син, меѓу замислата за некого, потребата тој некој да биде тоа што е твојата замисла за него, спротивставена на поривот да се биде само она што си и ништо друго. Траума од болката од непознавањето и непризнавањето на суштината на личноста. Нашиот главен лик успева да се спознае себеси и веројатно тоа е неговата победа меѓу сите порази, независно од последиците што таа неминовно ги носи, за него и за сè негово, во свет каде што промената не е успех, а разбирањето не е опција.
Во претставата го играте Извршителот, лик што во материјалот е опишан како „тоа“, а претходно како Сале пицајзла. Каков е вашиот лик и што ве привлече кај него?
– Ликот на Извршителката е еден шаблон што сите ние добро го знаеме и веднаш го препознаваме. Лицето на „успехот“. Такви ликови секојдневно минуваат низ нашето секојдневие. Мислам дека е дефинирана многу точно и со името – Саки пицајзла –, но и со титулата, која гордо ја носи. Знае која е и нема проблем со идентитетот, нема морални превирања, не се оптоварува со неважни работи како „легално – нелегално“, „правилно – погрешно“. Фокусот ѝ е на успех. Прагматична жена. Во секоја ситуација е апсолутен победник. Е сега, во одреден момент се соочува со фамилијата, чие лудило е на завидно ниво и е за секоја пофалба, па оттука работите фаќаат „чудни“ правци, нежно да се изразам.
Очигледно привлечен лик поради сè што кажав погоре, предизвик зашто е за мене нешто поинакво и необично и зашто е одлично напишан. Пицајзла и горда на тоа.

Беше ли предизвик да го градите ликот на Извршителот во свет исполнет со семејни трауми, конфликти и црн хумор?
– Предизвикот допрва следува, затоа ликот и ситуацијата бара целосна опуштеност и препуштање на околностите. Бара целосна верба во креативниот процес, бара слобода во изразот и духот за да може да се отвори простор во кој изместеноста и лудоста ќе блеснат. Понатаму треба да се ослободиш од стегите.
А кога ќе дојдеш дотаму, тоа е прекрасно чувство. Бара да забегаш за да уживаш.
Како е да се создава лик од текст на Дејан Дуковски под режисерската палка на Слободан Унковски?
– Воопшто, да се игра во текст на Дејан Дуковски е огромно задоволство и радост. Бескрајно го ценам и почитувам. Еден од авторите поради кои сум се заљубила во театарот. Созревав со неговите текстови и отсекогаш сум била негов многу голем фан. Се радувам што играм токму во овој текст, зашто сметам дека е одличен, зрел и содржи многу храна за душа. Многу тага и вистина. Дека е денешен и вечен. Дејан е еден, нема сличен таков.
А Унковски… веројатно нема потреба да зборувам за каков режисер и човек станува збор. И колку и него го ценам и почитувам. Тоа неговите претстави знаат најдобро да го кажат. Оние што сум имала можност да ги гледам и сите оние култни што не сум ги гледала зашто биле пред мое време или биле на друго место. Пред сè, работата со таков режисер за мене е огромна чест. Но тој, иако е тоа што е, не ја наметнува својата големина. Го почитува актерот бескрајно. Создава таква другарска креативна атмосфера, што пробите се радост и уживање. А добриот резултат најлесно се раѓа во таква состојба. Затоа многу верувам дека ќе имаме одлична претстава, во која се радувам што играм. Верувам и во колегите, кои ги градат своите улоги со прецизност, разбирање и многу талент. Секогаш уживам кога сум меѓу прекрасни актери какви што се овие моиве. А особено ме радува и фактот дека првпат играм со мојата професорка Мими, која ќе биде прекрасно луда во нашата претстава.
Каква претстава со ваши зборови е „Црно злато“, има ли нешто во „Црно злато“ што вас лично ве изненади, што ве замисли?
– Претставата ги преиспитува моите ставови на одредени теми, но и ме враќа во некои неочекувани сеќавања. Се одмотува некое клопче што сум си го чувала во џеб, што го врзувам и одврзувам цел живот. Тоа што нè дефинира. Слобода, болки, големи настани од детството, трауми и, главно, потребата да се биде автентичен. И натаму ме носи мислата, накај остварување на таа потреба, накај тој порив, кој со годините е сè поприсутен и појасен. Да знаеш кој си и да не се плашиш да бидеш тоа што си. Јас тоа би го зачувала во џеб како совет за себе, а и за другите. А тоа е баш тежок процес, не е тукутака. Ама да се тргне со мислата натаму, да се освести таа потреба, сметам дека е драгоцено. И веројатно најважно.
































