Американскиот претседател Доналд Трамп денеска повторно предложи воведување нови царини за главните трговски партнери на САД, вклучително и за Кина. Со тоа тој сигнализира дека останува посветен на своите протекционистички политики, и покрај поразот на Републиканската партија на среднорочните избори, пишува „Еуроњуз“.
Администрацијата предложи воведување царини за 14 трговски партнери, со цел да се реши проблемот што таа го опишува како структурен вишок на индустриски капацитети.
Предлогот се однесува на Кина, Бангладеш, Камбоџа, Европската Унија, Индија, Индонезија, Јапонија, Јужна Кореја, Малезија, Сингапур, Швајцарија, Тајван, Тајланд и Виетнам.
Највисоката царинска стапка од 20 отсто би се применувала за Кина, која Вашингтон ја обвинува дека ги преплавува глобалните пазари со евтини производи, од челик до електрични возила и соларни производи. Царините за одредени производи од ЕУ, пак, би се зголемиле на 15 отсто.
Откако ја презеде функцијата во јануари 2025 година, Трамп воведе опсежни царини за клучните трговски партнери на САД, тврдејќи дека тие ќе помогнат во зајакнувањето на американското производство и зачувувањето на работните места. Меѓутоа, Врховниот суд поништи поголем дел од тие царини.
Предлогот сега ќе биде предмет на јавни расправи пред да се донесе каква било одлука. Според еден американски функционер, малку е веројатно дека царините ќе стапат во сила пред јануари.






























