Фото: Принтскрин

Управата за финансиска полиција досега нема отворено предмет поврзан со Алта банка, ниту, пак, добила пријава, известување или барање за проверки во врска со работењето на банката и преземањето на Стопанска банка Битола. Ова го истакна директорот на Управата, Слободан Ивановски, на надзорната расправа во Собранието посветена на случајот со Алта банка, пренесе МИА.

Ивановски појасни дека Народната банка досега не доставила никакво барање за проверки, ниту известување за евентуални незаконитости. Дополнително, до Финансиската полиција не пристигнало ниту барање од надлежните институции во Србија за постапување преку официјалните канали на меѓународна соработка.

Одговарајќи на прашањата на пратеникот Митко Трајчулески за тоа дали биле проверувани потеклото на парите со кои била преземена Стопанска банка Битола и изворите на финансирање на аквизицијата, Ивановски рече дека Управата нема предмет по кој би можела да постапува.

Тој нагласи дека Финансиската полиција не е регулаторно или ревизорско тело кое го контролира влезот на одредени субјекти во банкарскиот систем, туку истражен орган кој постапува врз основа на законски утврдени индиции или насоки од јавен обвинител.

– До денес можам најодговорно да тврдам дека Народната банка ниту има доставено известување до нас, ниту има побарано од нас какви било проверки за одредени лица кои биле дел од управниот или надзорниот одбор. Управата за финансиска полиција не е ниту регулаторно, ниту ревизорско тело кое треба да го контролира влезот во одредена банка или банкарското работење – истакна Ивановски.

На прашањето на пратеничката Ели Панова дали од 2023 година до денес биле доставени пријави или барања за проверка на Алта банка Белград и преземањето на Стопанска банка Битола, директорот повтори дека институцијата нема добиено такви информации.

Тој објасни дека откривањето сомнителни финансиски трансакции е во надлежност на Управата за финансиско разузнавање. Таа, по добиена нотификација од банка за сомнителна трансакција, врши анализа и подготвува извештај кој може да биде доставен до Финансиската полиција или до Јавното обвинителство.

Сепак, Ивановски потврди дека за Алта банка досега не е доставен таков извештај за сомнителни трансакции.

Притоа направи разлика меѓу сомнителна трансакција и незаконско работење на банка, посочувајќи дека сомнежот за одредена трансакција не значи автоматски дека банката работела незаконски.

– Сомнителни трансакции во одредена банка и во банкарското работење не значат незаконско работење на банката, туку укажуваат на потенцијални сторители на кривично дело – појасни Ивановски.

Тој додаде дека Народната банка, како надлежен регулатор, треба да ги извести истражните органи доколку при својата работа утврди незаконитости или индиции за сторено кривично дело, заедно со доказите и аргументите со кои располага.

Одговарајќи на прашањето на пратеникот Блерим Беџети дали постојат индиции за незаконско работење или политички влијанија поврзани со банката, Ивановски повтори дека Финансиската полиција нема отворен предмет и не може да постапува врз основа на претпоставки.

Тој ги повика институциите, пратениците и граѓаните кои располагаат со конкретни докази за евентуални незаконитости да ги достават до Финансиската полиција или до Јавното обвинителство, за да бидат соодветно проверени.

Во воведното обраќање на надзорната расправа, Ивановски уште еднаш ја потенцираше надлежноста на Управата за откривање и документирање финансиски криминал, нагласувајќи дека таа не учествува во издавањето банкарски дозволи и во супервизијата на банките.

Тој посочи и дека воведувањето администрација во една банка само по себе не претставува доказ за сторено кривично дело, бидејќи институциите мора да постапуваат врз основа на конкретни факти, докази и законски утврдени надлежности.