Фото: Принтскрин

Алта банка е солвентна и ликвидна, а показателите за квалитетот на нејзиното кредитно портфолио не отстапуваат значително од просекот на банкарскиот систем. Токму овие показатели биле причина Народната банка да оцени дека банката може да продолжи со работа и да воведе администрација наместо да ја одземе дозволата и да се отвори стечајна постапка.

Ова го истакна Фросина Целеска, директорка на Дирекцијата за банкарска регулатива и решавање банки во Народната банка, на денешната надзорна расправа за Алта банка во собраниската Комисија за финансирање и буџет, пренесе МИА.

Одговарајќи на прашањата на пратениците Јован Митрески, Тони Јаревски и Дијана Тоска, Целеска објасни дека одлуката за воведување администрација била донесена врз основа на супервизорска оцена дека банката има услови да продолжи да функционира.

Според неа, во рамките на администрацијата се преземаат контролирани и внимателно осмислени мерки чија цел е да се обезбеди непречено работење на банката сè додека не се најде нов сопственик и не се промени нејзината сопственичка структура.

– Состојбата со Алта банка е таква што таа може да продолжи да работи. Во рамките на администрацијата преземени се контролирани и добро дизајнирани мерки чија цел е банката да може непречено да работи сè додека не се најде друг сопственик, односно не се замени сопственичката структура – истакна Целеска.

Таа појасни дека целта на ваквиот пристап е да се избегне најстрогата мерка – одземање на дозволата за работа и отворање стечајна постапка.

Народната банка, како што нагласи, во овој период ја контролира состојбата во банката, ги следи ефектите од преземените мерки и постепено ги создава условите за пошироко користење на банкарските услуги.

Како пример за олабавување на ограничувањата, Целеска посочи дека правните лица веќе ќе можат непречено да ги користат новите приливи на своите сметки.

Во своето обраќање, таа се осврна и на законската рамка и супервизорскиот капацитет на Народната банка, нагласувајќи дека почитувањето на законските одредби е основно начело во работењето на институцијата.

Во таа насока, потсети дека во 2021 година Европската комисија донела одлука со која ја утврдила еквивалентноста на банкарската регулатива и супервизија на Народната банка со регулаторните и супервизорските барања и практики што се применуваат во Европската Унија.

Според Целеска, позитивната оцена била резултат на детална анализа спроведена од Европскиот банкарски орган, со што Северна Македонија станала 27-та земја во светот која добила ваква потврда.

Таа додаде дека Народната банка има потпишано меморандуми за соработка со супервизорските органи на сите странски банки присутни во земјава преку свои подружници, како и со Европскиот банкарски орган и Европската централна банка.

– Ако Народната банка нема доволен капацитет, професионалност и стручност, тогаш сето претходно кажано немаше да се случи. Тоа е во функција на почитувањето на законските одредби од страна на Народната банка – нагласи Целеска.

Надзорната расправа за Алта банка во собраниската Комисија за финансирање и буџет продолжува.