Ракописот што бил пронајден од Михал Хабданк-Војнич честопати е нарекуван најмистериозната книга во светот. Тој е напишан на непознат јазик или шифриран текст, кој е придружен со илустрации со гротескни луѓе и украсен со растенија на рабовите на страниците. Стилската анализа покажала дека ракописот е создаден за време на италијанската ренесанса. Постојат повеќе теории за потеклото, авторството и целта на ракописот. Се состои од околу 240 страници, но има докази дека недостасуваат дополнителни страници. Некои страници се преклопливи листови со различни големини. Повеќето страници имаат фантастични илустрации или дијаграми, некои грубо обоени, со делови од ракописот на кои се прикажани луѓе, фиктивни растенија, астролошки симболи итн. Текстот е пишуван од лево кон десно.
Ракописот бил проучуван од многу професионални и аматери криптографи, вклучувајќи и неколку американските и британските криптографи од Првата и Втората светска војна. Ракописот никогаш не е дешифриран и ниту една од многуте хипотези не е потврдена. Во 2020 година Универзитетот „Јејл“ го објавил ракописот во целост на интернет, во библиотеката на нивните дигитални збирки.
Секоја страница од ракописот содржи текст, главно на непознат јазик, освен исклучоците што се напишани со латинско писмо. Поголемиот дел од текстот во ракописот од 240 страници е напишан со непознато писмо, од лево кон десно. Повеќето од буквите се напишани со еден или два едноставни потези. Постои спор околу тоа дали поединечните букви се разликуваат или не, но би можело да се состави писмо од 20-25 букви и да се користи за речиси целиот текст; исклучок се неколку десетици поретко користени знаци, кои се појавуваат само еднаш или двапати во целиот текст. Дополнително, нема очигледна употреба на интерпункција.
Поголемиот дел од текстот е напишан во една колона во телото на страницата, со малку вовлечена десна маргина и поделен на параграфи, често со ѕвездички на левата маргина. Остатокот од ракописот се појавува во форма на графика, т.е. дијаграми или етикети за поединечни делови поврзани со илустрации. Нема индикации дека какви било грешки или последователни корекции се направени насекаде во ракописот. Дуктусот (потезите за да се формира една буква) тече непречено и дава впечаток дека симболите не се шифрирани; нема заостанувања или празни места меѓу буквите, како што обично се очекува во пишаниот кодиран текст.
Текстот се состои од над 170.000 букви, со празни места што го делат текстот на околу 35.000 групи со различна должина, вообичаено наречени зборови или знаци за зборови, околу 37.919. Од овие зборови, 8.114 се сметаат за единствен тип на збор. Структурата на овие зборови е таква што постои голема можност да следат некој вид фонолошки или правописни закони; на пример, некои букви мора да се појавуваат во секој збор, некои букви никогаш не можат да следат други, некои можат да бидат двојни или тројни, додека други не можат итн. Распределбата на буквите во зборови е исто така многу чудна, но според некои обрасци: некои букви се појавуваат само на почетокот на зборот, некои само на крајот, а некои секогаш на средината.
Професорот Гонзало Рубио, експерт за древни јазици од Универзитетот во Пенсилванија, истакнал: „Нештата што ги знаеме како ’граматички маркери’ – што вообичаено се појавуваат на почетокот или на крајот на зборовите, како што се С или Д во нашиот јазик, и се користат за изразување граматика, никогаш не се појавуваат во средината на зборот во ракописот на Војнич. Тоа е незамисливо за кој било индоевропски, унгарски или фински јазик“.
Многу истражувачи ги коментираа овие многу строго утврдени правила во структурата на зборовите. Распределбата на буквите во текстот е исто така чудна: хронологијата претставува чудни корелации меѓу европските јазици, делумно присутна и во кинескиот, како што покажува студијата на Стефан Вонфелт.
Некои зборови се појавуваат само во одредени делови или само на неколку страници; за разлика од нив, други го проникнуваат целиот ракопис. Има исклучително малку повторување меѓу илјадниците ознаки прикачени на илустрациите. Практично, нема зборови со помалку од две букви или повеќе од десет букви. Има случаи кога истиот заеднички збор се појавува и до трипати по ред. Зборовите што се разликуваат само за една буква исто така се повторуваат со необична фреквенција, поради што методот на единечна замена во дешифрирањето на азбуката неминовно води до создавање неразбирлив текст.
Различни азбуки за транскрипција беа измислени во обид да се изедначат знаците на Војнич со латинските букви, што дополнително може да помогне во криптоанализата; меѓу нив, најважен пример е т.н. европска Војничева азбука. Д.Ст.
Хипотези за авторот
Многу личности се предложени за можни автори на ракописот, но вистинската личност до денес останува непозната. Според едно писмо, кое се датира од 1665/1666 година, автор на ракописот е фрањевскиот монах и полимат Роџер Бејкон (1214-1294). Според друга хипотеза, автор на ракописот е Џон Ди (1527-1608), математичар и астролог од дворот на англиската кралицата Елизабета Прва. Некои се сомневале дека Војнич самиот го фабрикувал ракописот. Како препродавач на антички книги, тој веројатно ги имал потребните знаења и средства, а изгубената книга на Роџер Бејкон би вредела цело богатство. Меѓутоа многумина сѐ повеќе се потпираат на стручното датирање на ракописот и неодамнешното откривање на писмото на Бареш до Кирхер како факти што целосно ја елиминираат можноста за измислица на Војнич. Д.Ст.
Илустрации
Поголемиот дел од ракописот е поделен на шест различни според илустрациите, бидејќи текстот не можеше да се дешифрира. Секој дел содржи илустрации на различни стилови и текстуални објаснувања со соодветна тема, со исклучок на последниот дел со рецепти, во кој единствените „цртежи“ се ѕвезди блиску до маргината. Деловите со нивните конвенционални имиња и опис на содржината се:
Хербална секција: Секоја страница содржи една или две илустрации на растенија и неколку параграфи текст. Овој формат е типичен за европските билки (сличен на хербариум) од таа ера. Некои делови од овие цртежи се поголеми и почисти копии на скици што може да се најдат во делот „фармацевтски“. Сепак, ниту едно од растенијата претставени на сликата досега не е идентификувано.
Астрономска секција: Содржи кружни дијаграми, некои со сонца, месечини и ѕвезди, што укажува на астрономија или астрологија. Една серија од 12 дијаграми ги прикажува конвенционалните симболи на зодијачките соѕвездија (две риби за Риби, бик за Бик, ловец со стрела за Стрелец итн.). Секој од овие дијаграми содржи 30 женски фигури, распоредени во два или повеќе концентрични круга. Повеќето од жените се барем делумно голи, а секоја од нив држи во левата или десната рака предмет што личи на обележана ѕвезда или нешто што е прикажано со ѕвезда закачена за предмет што може да биде некаков вид јаже или кабел. Последните две страници од овој дел се изгубени (соѕвездија Јарец /23 декември – 20 јануари/ и Водолија /21 јануари – 18 февруари/; грубо кажано – јануари и февруари), додека соѕвездијата на Овен и Бик се поделени во четири спарени дијаграми, со 15 жени и по 15 ѕвезди во секоја. Некои од овие дијаграми се на страниците што се преклопуваат.
Биолошка секција: Ова е густо збиен напишан континуиран текст, прошаран со фигури (најчесто мали голи жени, некои носат круни, се бањаат во базени или кади поврзани со разработена мрежа од цевки). Бифолиото се состои од фолија 78 (verso) и 81 (recto); формира интегриран дизајн, каде што водата „тече“ од една фолија во друга.
Космолошка секција: Повеќе кружни дијаграми, но од нејасна природа. Овој дел има и преклопни делови; еден од нив, попознат како „Фолио на розети“, зафаќа шест страници и содржи мапа или дијаграм од девет „острови“ или „розети“ поврзани со „дајки“; на нив има замоци, како и нешто што може да биде вулкан.
Фармацевтска секција: Многу обележани цртежи на изолирани делови од растенија (корени, лисја итн.), како и други предмети што личат на аптекарски тегли. Сликите се разликуваат по стил, од реални до фантастични прикази. Вклучени се и неколку параграфи, т.е. параграфи со текст.
Секција за рецепти: Страници целосно покриени со текст, кој е поделен на помали параграфи, секој означен со ѕвездичка во близина на левата маргина. Д.Ст.































