Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе истрага против српски државјанин осомничен за кривичното дело „криумчарење“, откако на граничниот премин „Богородица“ биле откриени 5.000 штеки цигари со проценета вредност од околу девет милиони денари, пренесе МИА.
Според информациите од Обвинителството, осомничениот, кој е сопственик на српска транспортна фирма, управувал товарно возило при влез во државата, при што како стока пријавил пропиленски гранулати.
При извршената царинска контрола, меѓу пријавената стока во приколката биле откриени 100 картонски кутии без ознаки, во кои имало цигари од марките „Marlboro“, „Davidoff“ и „Winston“. Непријавената стока веднаш била одземена од царинските службеници.
Од Обвинителството информираат дека против осомничениот е поведена истрага за кривичното дело „криумчарење“ од член 278 став 2 од Кривичниот законик.
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка доставил и предлог за определување мерка притвор, поради опасност осомничениот да се даде во бегство.


































