Фото: Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Платформа за родова еднаквост и Мрежа за заштита од дискриминација

Постојните механизми за заштита на жртвите од насилство не се користат во целост, институциите не реагираат навремено, а одговорност за пропустите во постапувањето изостанува. Ова беше пораката од денешниот брифинг со медиумите и прес-конференцијата на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Мрежата за заштита од дискриминација и Платформата за родова еднаквост.

Трите организации побараа преиспитување на постапувањето на институциите во последните случаи на фемициди, утврдување одговорност за евентуалните пропусти и итно усвојување на предложените законски измени со кои треба да се подобри заштитата на жените и жртвите на семејно насилство.

Од организациите посочуваат дека постојниот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство обезбедува основа за заштита, но практичната примена ги покажала слабостите поради кои се неопходни дополнителни законски решенија. Предложените измени биле подготвени во рамки на работна група иницирана од надлежните институции, во која учествувале и граѓански организации и правни експерти.

Извршната директорка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Елена Димушевска, предупреди дека ненавременото институционално постапување и несоодветните проценки на ризикот можат да имаат трагични последици.

– Доколку институциите навремено постапуваа и правеа соодветни проценки на ризикот, немаше да се соочуваме со толкав број убиства на жени – истакна Димушевска.

Таа објасни дека со предложените законски измени се предвидува проширување на полициските овластувања во случаи на непосредна опасност, со задржување на судската контрола, воведување дополнителни мерки за заштита на децата и создавање законска основа за воспоставување систем за електронско следење.

Димушевска упати апел до пратеничките да покажат одговорност и да се обединат околу усвојувањето на законските измени.

На прес-конференцијата беше изразена загриженост и поради обидите на антиродовите движења да го оспорат законското препознавање на родово базираното насилство и предложените механизми за заштита.

Од организациите посочија дека уставно загарантираните права на живот и неповредливост на домот не можат да се толкуваат како пречка за институционална интервенција во случаи на семејно насилство. Според нив, ваквите толкувања можат да го поткопаат правото на жените на живот без насилство и да го отежнат спроведувањето на заштитните механизми.

Наташа Петковска од Платформата за родова еднаквост посочи дека предложените измени, со исклучок на неколку нови мерки, главно ги доуредуваат веќе постојните законски решенија.

– Кога зборуваме само за семејно, а не и за родово базирано насилство, го препознаваме односот меѓу жртвата и сторителот, но не и мотивот за насилството. Наместо да се доведуваат во прашање постојните механизми за заштита, бараме транспарентност од институциите за тоа како постапуваат во овие случаи – истакна Петковска.

Таа предупреди дека последиците од влијанието на антиродовите движења, според организациите, веќе се забележуваат и во законите од областа на образованието, каде што била ослабена заштитата од дискриминација. Дополнително, со повлекувањето на програмата за сеопфатно сексуално образование се намалува и улогата на образовниот систем во превенцијата на насилството.

Организациите побараа и поголема одговорност од Собранието, посочувајќи дека надзорните расправи не треба да завршуваат без конкретни заклучоци и мерки.

Атанас Аврамов од Мрежата за заштита од дискриминација побара заклучоците од надзорната расправа да содржат прецизни рокови за постапување на секоја надлежна институција, со цел да може да се следи нивното спроведување и да се бара одговорност.

– Заклучоците без рокови ќе останат само на хартија, без можност да го следиме нивното спроведување и да бараме одговорност. Не станува збор само за измени на еден закон, туку за пакет од осум закони чие унапредување е неопходно за воспоставување функционален систем за превенција и заштита од насилство – истакна Аврамов.

Покрај законските измени, организациите побараа и обезбедување стабилно финансирање на специјализираните услуги за жртвите од насилство.

Според пресметките на Националната мрежа, за воспоставување сеопфатен систем на специјализирани услуги на целата територија на државата се потребни околу седум милиони евра годишно.

Станува збор за советувалишта, засолништа, СОС-линии и упатни центри за жртви на сексуално насилство, кои, според организациите, не смеат да зависат од донаторска поддршка, туку треба да имаат обезбедени програмски средства од државниот буџет.

На крајот, трите организации повторно побараа мораториум на свечените настани поврзани со кампањата „16 дена активизам против родово базираното насилство“, поради, како што наведоа, континуираното непостапување на институциите и недостигот на политичка волја за унапредување на системот за заштита.

Нивната порака е дека декларативните заложби за нулта толеранција кон насилството мора да бидат проследени со конкретни одлуки, институционално постапување, финансиска поддршка и утврдување одговорност за пропустите.

– Пријавувањето на насилството е само првиот чекор. Обврска на државата е да обезбеди заштита. Време е од зборови да се премине кон одговорност – порачуваат организациите.