Кога зборуваме за правдата, најчесто зборуваме за законите, судовите и судските одлуки. Но, зад секоја правилно донесена судска одлука стои поширок процес на утврдување на фактите, анализа на доказите и примена на стручни знаења од многу различни области. Станува збор за комплексен процес во кој секој збор, буквално секоја реченица, значи многу. Оттука, вештачењето претставува еден од најзначајните столбови на правосудниот систем, истакна вечерва вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во обраќањето на конференцијата на Комората на вештаци, која се одржува во Гевгелија.
– Улогата, значењето и придонесот на Комората на вештаци, како и нејзината важност во функционирањето на правосудниот систем и остварувањето на правдата, се од неизмерно значење. Вие сте еден од оние сегменти во општеството и државата што можеби не се толку видливи, но многу значат за функционирањето на државата. Сакам да ви оддадам признание и благодарност за сето она што го правите – рече Николоски во обраќањето на конференцијата.
Во следниот период, додаде вицепремиерот, Комората ќе продолжи организациски да зајакнува и ќе има уште поголем придонес. Во таа насока, тој посочи дека биле споменати и одредени активности што досега се реализирани, како и можностите Владата дополнително да ја поддржи Комората во следниот период.
– Вештачењето претставува еден од значајните столбови на правосудниот систем, бидејќи овозможува сложените стручни, технички, економски, медицински и други прашања од животот да бидат разјаснети преку знаење, искуство, методологија и, најважно, професионална објективност. Тука Комората на вештаци има особено значајна улога во уредувањето, унапредувањето и афирмирањето на оваа професија – рече Николоски.
Тој оцени дека значењето на Комората не треба да се гледа само низ институционалното организирање, туку пред сè низ нејзиниот придонес во градењето професионални стандарди, стручност, интегритет и доверба.
– Во време кога општеството и правните односи стануваат сè посложени, кога народот сè повеќе се интересира и бара да се спроведуваат законите, кога функционалната правна држава и владеењето на правото се нешто за што сè почесто се зборува, потребата од квалитетно, независно и стручно вештачење постојано расте. Затоа работата не е само професионална задача, туку и голема општествена и правна одговорност. Секој напишан збор значи, се мери и има свое влијание – нагласи Николоски.
Тој истакна дека Владата ги вложува сите напори за воспоставување функционален систем на владеење на правото како темел на демократската држава, нагласувајќи дека вештаците ја имаат нејзината целосна поддршка.
– Независноста на судската власт не треба да се разбира како изолираност од другите институции, туку како гаранција за непристрасно и објективно одлучување – потенцира вицепремиерот.
Тој изрази задоволство што бројот на вештаци е сè поголем, како и уверување дека квалитетот на нивната работа во следниот период дополнително ќе се подобрува и дека со уште поголема посветеност ќе може да се постигнат подобри резултати.
На конференцијата се обратија и претседателот на Комората на вештаци, Виктор Камнар, и заменик-министерот за правда, Ален Деребан.
Дискусиите на конференцијата ќе бидат фокусирани на актуелните прашања поврзани со вештачењето, унапредувањето на професионалните стандарди и предизвиците со кои се соочуваат вештаците во правниот и институционалниот систем, пренесува МИА.
































