Германската разузнавачка служба БНД, заедно со западните партнери, предупредува:
- Западните разузнавачи стравуваат дека Москва би можела уште во декември да лансира сателит со нуклеарно оружје. Една експлозија во орбитата би можела да ја урне глобалната комуникациска мрежа, да ги парализира ГПС-системите и да го врати човештвото во технолошки мрак
Германската разузнавачка служба БНД, заедно со западните партнери, предупредува дека Русија би можела уште пред крајот на годинава да лансира сателит опремен со нуклеарно оружје, тврдејќи дека „светот можеби се соочува со една од најопасните закани од почетокот на нуклеарната ера – пренесување на атомското оружје во вселената“, пренесуваат германските јавни сервиси НДР и ВДР и весникот „Зидојче цајтунг“.
Вселената пред нуклеарна апокалипса?!
Според информации објавени од германските јавни сервиси НДР и ВДР и весникот „Зидојче цајтунг“, станува збор за проектот „Спутник-С“, летало што, наводно, веќе е целосно изградено и складирано во поширокиот Московски Регион. Западните разузнавачки служби во ноември разменувале информации за можноста сателитот да биде лансиран во рок од 60 дена. Германската војска, Бундесверот, веќе ги информирала највисоките владини претставници, меѓу нив и министерот за одбрана Борис Писториус. Воените процени го споменуваат декември како можен термин за лансирање. Она што ја прави оваа информација особено вознемирувачка не е само можноста за нуклеарно оружје во орбитата туку и последиците од евентуална детонација.
Сценарио за кое има и научна студија
Научна студија објавена на 6 ноември 2026 година, под наслов „Ефекти од нуклеарна детонација во ниската Земјина орбита“, моделирала експлозија со моќност од еден мегатон на височина од 500 километри над јужниот Атлантик. Резултатите се драматични. Имено, според најверојатното сценарио во симулацијата, дури 98 проценти од моделираните сателити би биле онеспособени во рок од само една недела. Тоа би значело удар врз самите темели на современата цивилизација. ГПС-навигацијата, телекомуникациите, интернет-поврзувањето, временските прогнози и системите за рано предупредување зависат од сателитската инфраструктура. Без нив, сериозно би биле загрозени авионскиот и поморскиот сообраќај, банкарските трансакции, воените комуникации и функционирањето на критичните системи. Најопасна е можноста радиоактивноста да остане заробена во орбитата и со месеци, па дури и со години, да ги оштетува сателитите. Последиците не би биле ограничени на една земја или на еден воен блок. Вселената не познава државни граници, а нуклеарната радијација не прави разлика меѓу сојузници и противници. Дополнителна загриженост предизвикува и неподготвеноста на државите за вакво сценарио.
Стресот во нагорен тренд
Германските медиуми наведуваат дека Берлин нема разработен конкретен план за заштита од толку масовен прекин на сателитските услуги. Граѓаните на Европа, според медиумите, се „под нов висок стрес, што некаде преоѓа и во паника“.
Од друга страна, Москва, очекувано, ги отфрла обвинувањата. Руската амбасада во Берлин соопшти дека не знае за наводните планови и ги нарече тврдењата дел од пропагандна кампања. Според руската дипломатија, вселенските активности на земјата се во согласност со меѓународните обврски и имаат исклучиво мирољубива намена. Р.С.
Официјална Москва ја исмева „нуклеарната паника“
Брисел сака да ја врати перцепцијата за Кремљ дека е „глобална закана“
- Кремљ ги отфрла тврдењата за руски нуклеарен сателит како непроверени и апсурдни, додека Вашингтон и Берлин предупредуваат на опасност што засега не е потврдена. Но во евентуалната вселенска нуклеарна катастрофа, најголемата цена би можеле да ја платат токму САД, чија економија и војска зависат од илјадници сателити
Дали Русија навистина се подготвува да ја претвори Земјината орбита во ново нуклеарно бојно поле или светот повторно е сведок на разузнавачка комбинаторика што прераснува во медиумска сензација?
Песков: Тешко е воопшто ваквиот извештај да се сфати сериозно
Кремљ ги отфрли германските извештаи за наводно руско лансирање сателит со нуклеарно оружје, оценувајќи дека тврдењата не заслужуваат сериозно внимание.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека не го видел конкретниот извештај, но дека во него има толку многу наводни информации и нејасни извори што е тешко воопшто да се сфати сериозно.
Реакцијата дојде откако германските медиуми објавија дека западните разузнавачки служби, вклучувајќи ги БНД и воените структури, разменуваат информации за рускиот проект „Спутник-С“. Според тие извештаи, сателитот наводно бил изграден пред неколку години и се наоѓа во Московскиот Регион, подготвен за можно лансирање. Но засега станува збор за разузнавачки процени и комбинации, вклучително и медиумски извештаи, а не за јавно презентиран доказ дека „Москва навистина донела одлука да постави нуклеарно оружје во орбитата“.
Русија и во 2024 година ги отфрли американските обвинувања дека развива вселенско оружје способно да уништува непријателски сателити со нуклеарна детонација. Вашингтон, пак, со години предупредува дека Москва работи на таква технологија, која би можела да ги загрози и огромните сателитски мрежи, меѓу нив и „Старлинк“ на компанијата „СпејсИкс“, систем што украинските сили го користат за комуникација.
САД наспроти Русија во вселената
Во оваа геополитичка пресметка постои една вистина за американската страна. Имено, САД имаат далеку поголема сателитска инфраструктура од Русија, но токму затоа имаат и поголема изложеност на евентуален удар врз вселенските системи.
Според податоците наведени во „Спејс атлас“, Русија располага со околу 380 активни сателити, од кои приближно 140 имаат примарно воена намена. САД, според истиот изворен контекст, имаат повеќе од 13.000 сателити. Тоа е огромна технолошка предност, но и сериозна стратешка зависност.
Американската војска, финансискиот сектор, телекомуникациите и голем дел од цивилната економија се потпираат врз сателитски услуги. Без нив, би биле загрозени навигацијата, военото командување, финансиските трансакции и комуникациските мрежи.
Дополнително, евентуална нуклеарна детонација во орбитата не би била прецизен удар врз една држава. Радијацијата не прави разлика меѓу руски, американски, кинески или европски сателити. Значи, сценариото во кое Москва би се обидела да ги ослепи противниците може да заврши со уништување и на сопствената вселенска инфраструктура.
Во меѓувреме, и Русија почна да развива сопствена алтернатива на „Старлинк“, што дополнително ја нагласува нејзината зависност од сателитските комуникации.
Затоа, зад големите обвинувања и деманти се крие многу поширока слика: новата вселенска трка не е само натпревар за воена надмоќ туку и борба за инфраструктура од која зависат сите големи сили.
Сега, експертската јавност, според медиумите, почна да се занимава и со прашањето дали само Русија навистина подготвува нуклеарен сателит? Но уште едно прашање што последователно се отвора во некои од медиумите е прашањето дали САД или Русија или која било друга (развиена) држава со нуклеарна програма би можеле да преживеат последици од оружје што, еднаш употребено, нема да може да избира кого ќе погоди… Р.С.


































